Битола
Претставници на компанија од Словенија со експерти од Франција и од Србија, заедно со Општина Битола, работат на проект за изработка на студија за оправданост за гондола на Пелистер. Станува збор за врвни експерти од оваа област, кои имаат искуство во изработка на студии за оправданост и изградба на гондоли и жичници и кои имаат изведено проекти на Копаоник во Србија и во неколку европски земји. По увидот на самото место на планината, велат од Општина Битола, експертите биле воодушевени од природните убавини на Пелистер. Во периодот што следува треба да се подготви проектната програма за студијата за оправданост што ќе ги дефинира трасата и финансиската конструкција на проектот.
Инаку, кога станува збор за активностите на општината, битолчани преку анкета ги одредуваат приоритетите за реализација на значајни проекти.
– На анкетата што ја спроведе Општина Битола, за директно вклучување на граѓаните на општината во реализација на приоритетите, одговорија 901 граѓанин. Анкетата со наслов „Што ви е најважно?“, која беше отворена до 28 февруари, понуди можност за избор помеѓу проекти за кои општината има подготвено проектна документација, од областа на патната и подземната инфраструктура, изградба на спортски објекти, игралишта, спортски сали и паркинг-простори. На секој граѓанин му беше дадена можност да даде и свои предлог-проекти за кои смета дека приоритетно треба да се реализираат во Битола. Од добиените одговори, во врска со проектите за кои општината е подготвена со документација и може да почне постапки за реализација, вклучувајќи и обезбедување финансиска поддршка од други институции, граѓаните на врвот на приоритетите ги ставија следните пет5 проекти:
• Изградба на паркинг-простор кај Селската автобуска
•Реконструкција на спортски игралишта во училишта
•Изградба на паркинг-простор кај м.в. Хеликоптер
•Изградба на објект на терариум во Зоолошката градина
•Изградба на кружен тек помеѓу улиците Македонска фаланга и Македонски гемиџии (кај автобуската станица) – нѐ информираа од општината.
Сепак, граѓаните соодветно ги вреднувале и другите проекти, притоа коментирајќи дека инфраструктурата и спортските терени мора да бидат меѓу главните проекти во општината.
Во согласност со добиените податоци, општината ќе ја одреди динамиката на реализација на проектите, а ќе бидат селектирани и проектите со кои локалната самоуправа ќе аплицира на повикот за финансиска поддршка од Владата за општините.