* Репликата е цитат од македонскиот игран филм „Трето полувреме“ на режисерот Дарко Митревски / Фото: Репринт од насловната страница на „Нова Македонија” од 10.7.2024 година/Ласко Џуровски

Eвропскиот парламент го усвои Извештајот за Македонија изземајќи го делот за македонски јазик и идентитет

Европскиот парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ вчера го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Имено, Европскиот парламент (ЕП), по стравотно непринципиелните и противправни барања и притисоци на бугарско-грчките центри на моќ, во ЕП скандалозно помина Извештајот за напредокот на Македонија, при што од финалната верзија на Извештајот беа изземени формулациите во кои експлицитно се споменува „македонскиот јазик и идентитет“.

По Извештајот на Вајц, следуваше усвојување резолуција на Европскиот парламент за Македонија

„С. Македонија треба да ги усвои преостанатите уставни измени, во согласност со своите обврски, за да може веднаш да се заврши почетната фаза на преговорите за пристапување“ – ова е еден од клучните делови на резолуцијата на Европскиот парламент, донесена вчера во еден часот попладне, откако беше усвоен предлог-извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ за 2023 и 2024 година на австрискиот известител за Македонија, Томас Вајц. Оваа резолуција на Европскиот парламент ќе претставува само нов меѓународен притисок врз Македонија и најдиректно врз македонскиот народ да прифатат нова промена на Уставот на државата по барање на Бугарија.

Резолуцијата на Европскиот парламент – нов документ што еднострано ги уважува само бугарските државни хегемонистички интереси

Резолуцијата усвоена вчера во европскиот законодавен дом (ЕП), откако беше усвоен предлог-извештајот за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ за 2023 и 2024 година на австрискиот известител за Македонија, Томас Вајц, со изземен делот за „македонски јазик и идентитет“, според експертите по меѓународно право е „нелегална и ништовна од аспект на принципите и нормите на меѓународното право, а особено и со оглед на фактот што крши важни меѓународни акти на Организацијата на Обединетите нации, кои ја гарантираат, покрај другото, и уставната еднаквост на македонската држава, на македонскиот народ и на сите други македонски граѓани со сите други држави, народи и нивни граѓани во Европа и светот“.
Експертите се надоврзуваат дека вчерашната резолуција на Европскиот парламент (ЕП) нема карактер на меѓународен и правно обврзувачки документ, па со оглед и на тоа таа „не може да произведе никакви ниту симболични, ниту какви било други обврски за Македонија“. Резолуцијата на Европскиот парламент еднострано „ги уважува само бугарските хегемонистички и шовинистички интереси“ (?!), а ги игнорира и ги гази македонските државно-национални интереси.


Некои аспекти од вчерашната резолуција на Европскиот парламент за Македонија

Зошто дел од европратениците се извор на несправедливост, невистина, неверодостојност и ги урнисуваат институцијата и ЕУ во целост

1. Резолуцијата на Европскиот парламент ја крши Декларацијата на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите, од 9 декември 1981 година, број A/РЕС/36/103. Со оваа декларација Генералното собрание на ООН потврдува, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, дека ниту една држава, или група држави, нема право да интервенира или да се меша во каква било форма, или од која било причина во внатрешните и надворешните работи на другите држави. Во оваа декларација на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации натаму се нагласува: „Генералното собрание го потврдува дополнително и основниот принцип на Повелбата на Обединетите нации дека сите држави имаат должност да не се закануваат или да користат сила против суверенитетот, политичката независност или територијалниот интегритет на други држави…“
Ништовноста на резолуцијата на Европскиот парламент кон Македонија извира и од следниот став од таа декларација: „Принципот на немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет… како и националниот идентитет; суверено и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички, економски, културен и општествен систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…“
Резолуцијата на Европскиот парламент ја повикува Македонија да изврши промена на својот Устав во согласност со „добрососедскиот договор“ со Бугарија и протоколите кон него, Преговарачката рамка и „францускиот предлог“, кои категорично содржат став дека македонскиот народ, македонскиот јазик, идентитет имаат „бугарски историски темели“. Тоа претставува целосно негирање на етничката, идентитетската и јазичната засебност на македонскиот народ. Во претходно цитираниот пасус на споменатата резолуција на ООН е стриктно прецизирано дека овој документ на светската организација ги има целосно заштитено македонскиот јазик и идентитет, како и македонската историја од какви било и чии било обиди за негирање или присвојување..
Декларацијата на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите стриктно забранува завлегување во идентитетскиот комплекс на кој било народ, што значи и на македонскиот народ, а токму таа резолуција на Европскиот парламент го прави тоа!
Членка на ООН е и Македонија: и за неа во еднаква мера важи применливоста на оваа декларација на ООН. Овие одредби од споменатата декларацијата на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации најдиректно значат дека ниту ЕУ, ниту Европскиот парламент, ниту Бугарија, Грција или која било друга држава немаат право да се мешаат во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, па ниту да ѝ наложуваат да го менува Уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“.
Како членка на ООН, и Македонија има право самата суверено, неотуѓиво и слободно да го одредува својот политички, општествен, но и уставен систем, во согласност со своите државни интереси и интересите на сите нејзини граѓани, во конкретниов случај и во согласност со националните интереси на македонскиот народ.

2. Вчерашната резолуција на Европскиот парламент во случајот со Македонија и македонскиот народ ја крши и Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи на генералното собрание на Обединетите нации (Resolution on inadmissibility of the policy of hegemonism in international relations – UN General Assembly 14 December 1979).
Оваа резолуција на Европскиот парламент влегува во директен судир со меѓународното право и најважните елементи на принципот на добрососедството – принципот на недопустливоста на хегемонизмот, кој е многу прецизно наведен во Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи на Организацијата на обединетите нации, како и со самата Повелба на ООН.
Оваа резолуција на Генералното собрание на ООН им забранува и на ЕУ, Европскиот парламент, на Бугарија, на Грција или која било друга земја да спроведуваат политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, кој се спроведува со таканаречениот „добрососедски договор“ со Бугарија.
Важно е да се посочи дека со оваа резолуција на ООН се забранува и нарушувањето на правото на самоопределувањето на народите, кое, исто така, му се попречува на македонскиот народ со „бугарскиот договор“.

Свето Тоевски