Демирхисарската летна школа прерасна во препознатлив научно-едукативен бренд. Според својот формат, концепција, број на учесници, теми и учество на релевантни државни образовни и научни институции и едукатори, а особено според бројот на заинтересирани студенти, дипломци, магистранди и докторанди, таа е пред сите слични т.н. летни работилници

НА 7 ЈУЛИ ПОЧНУВА ДЕМИРХИСАРСКАТА ЛЕТНА ШКОЛА

На 7 јули, Иванден, во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче се одржува симболичниот почеток на Демирхисарската летна школа, а следниот ден почнуваат теренските и наставно-теоретските активности. Школата, чиј коорганизатор е манастирот „Св. Јован Претеча“, традиционално ја предводи познатиот македонски и балкански византолог, проф. д-р Сашо Цветковски, научен советник во ЦИКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ и дописен член на МАНУ, како и познати универзитетски професори од државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Елизабета Касапова, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, проф. д-р Виктор Недески и проф. д-р Тони Филиповски од Институтот за историја.
Во рамките на програмата, во попладневната сесија од првиот работен ден, предавање за житието на светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска, ќе одржи отец Серафим, игумен на манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче. Демирхисарската летна школа ја финансираат Општина Демир Хисар и манастирот „Св. Јован Претеча“, а ја поддржува и Министерството за култура.

Првпат од основањето на Демирхисарската летна школа во 2017 година се воведува таканаречена научноистражувачка работилница во движење. Според програмата, менторите, докторандите, магистрандите и студентите ќе имаат еднодневна организирана посета на неколку населени места во таканаречениот Горни Демир Хисар. Ќе ги посетат селото Зашле, село на најголема надморска висина во Општина Демир Хисар (1.220 метри надморска височина), и селската црква „Св. Илија“, а потоа и селото Брезово. По посетата на одбранбената Кула на Јордан Пиперката, каде што проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев ќе одржи историски час, учесниците на школата ќе ја посетат и „Куќата на цвеќето“ – родната куќа на познатиот уметник сликар, хуманист и кандидат за Нобеловата награда за мир, Живко Поповски-Цветин и лично ќе се сретнат и ќе разговараат со него. Во нивна чест, Цветин ќе организира мала ликовна изложба и на сите учесници ќе им подари по една цветна минијатура од „Цвеќето на мирот“. По посетата и краткиот престој во Брезово, учениците ќе ги посетат селото Железнец и изворите на Црна Река, како и селото Велмевци.
Демирхисарската летна школа прерасна во препознатлив научно-едукативен бренд. Според својот формат, концепција, број на учесници, теми и учество на релевантни државни образовни и научни институции и едукатори, а особено според бројот на заинтересирани студенти, дипломци, магистранди и докторанди, таа е пред сите слични т.н. летни работилници. Д.Ст.