Продавање политичко самоволие и силеџиство

Феноменот на агресивноста во изнесувањето лажни, „правни“ аргументи од одредени носители на јавната власт (а особено од поединци – носители на високи државни функции), кои со своите поведенија и во гореспоменатото својство на граѓаните им продаваат политичко „самоволие и силеџиство како правно толкување“ во редица ситуации (како на пример со изборот, вонредната состојба, гласањето за недоверба, ветото и слично) „лажно претставувајќи ни се како некаков врвен правен авторитет и величина“ и игнорирајќи ги Уставот, законите, процедурите и институциите, професорот Денис Прешова во повеќе наврати прецизно го дијагностицира и во писмена форма, преку својот профил на социјалните мрежи, педантно прави политичка анамнеза на недозволивите поведенија на Талат Џафери, носител на повеќе високи државни функции

Феноменот на неказнивоста при кршење на Уставот, законите, процедурите и институциите од високите носители на власта

Судејќи по фактот дека некако јавноста почна да го заборава проблемот со акумулираните функции на Талат Џафери и дека одново како да се попушта во доследното третирање на овие правни прашања пред агресивноста во изнесувањето на наводните, а лажни, „правни“ аргументи, почувствував потреба кратко да се произнесам околу неспојливоста на пратеничката функција. Одново конкретната личност сака да ни продаде самоволие и силеџиство како правно толкување, како и во редица претходни ситуации, како на пример со изборот, вонредната состојба, гласањето за недоверба, ветото и слично. Лажно претставувајќи ни се како некаков врвен правен авторитет и величина, тој всушност во крајно арогантен манир ни укажува дека нема што институциите да постапуваат и да ги применуваат правилата бидејќи правно правило е она што Талат ќе ви каже. Во типично војнички манир – наређење, извршење – ни долови дека неговиот ментален склоп всушност е неспојлив со демократија, парламентаризам и владеење на правото, исто како што пратеничката функција е неспојлива со функцијата претседател на Владата. Институциите мора веднаш да постапат и да ги почитуваат и соодветно да ги спроведуваат правните правила. Едноставно треба да сфатиме дека правилата мора да се почитуваат од сите, а особено кога станува збор за носители на највисоките функции во државата, бидејќи тие треба да бидат пример за сите други. Но како стојат работите со вистинските правни аргументи на кои сосема исправно се упатуваше во јавниот дискурс во изминатите денови?
Со членот 63 став 5 од Уставот јасно се упатува на неспојливоста на пратеничката функција со вршење на друга јавна функција или професија. Врз основа на оваа уставна одредба Изборниот законик (член 8 став 1 и 5), Законот за Собранието (член 6 и член 7) и Законот за пратениците (член 5, член 8 и член 9) јасно регулираат во кои ситуации имаме неспојливост и како би требало да се постапи кога истата таа ќе настане. Наедно членот 89 став 2 од Уставот изречно регулира дека претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието. Истото тоа е регулирано и со наведените закони (Изборен законик – член 8 став 1: „Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер,….“; и Законот за пратеници – член 8 став 1: „Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер,…“) при што воопшто не се прави никаква разлика во оваа смисла помеѓу претседател и министри, туку, напротив, јасно и прецизно се предвидуваат двете функции како неспојливи со пратеничката функција. Во согласност со постојната правна рамка, очигледно е дека апсолутно нема простор за некакво „креативно“ толкување како што Џафери се обидува да ни продаде. Со моментот на верификација на пратеничкиот мандат престанува дотогашната функција, која е неспојлива со пратеничката (член 8 став 5 – Изборен законик и член 9 став 3 – Закон за пратеници).

Демонстрирајќи класично самоволие, Џафери одлучи самиот да си избере која функција ќе му мирува, пратеничката, иако таква можност за мирување кај пратениците апсолутно не постои, а која ќе ја извршува, претседател на Влада, и на кој закон тој ќе се повикува со сопствено толкување. Замислете секој од нас да може сам да си одлучува кои сѐ функции сака да си ги извршува без оглед на правните правила. Можеби утре Џафери ќе сака во ист момент да биде и претседател на Републиката бидејќи претседателката заминала во странство, па ќе потпишува укази за прогласување закони или самиот да одлучи дека ќе биде претседател на Уставен суд бидејќи, ете, таму бил блокиран процесот на избор, а тој е најсоодветниот кандидат за таа позиција како една неспорна правноекспертска величина. И ако го прашате зошто го прави тоа, веројатно ќе одговори зашто ми се може. Е токму за вакви ситуации на спречување на арбитрарност и самоволие постојат правила и институции. Сега е првиот тест за тоа дали нешто ќе се промени на овој план или ќе си продолжиме по старо бидејќи по верификацијата и мандатот се познава.
Собранието мора веднаш да го извести Џафери за постоењето неспојливост на неговата пратеничка функција со функција во извршна власт и да му укаже дека престанала неговата функција претседател на Владата, а не нему да му остава да си толкува правни норми како што сака и како што му одговара.

Доколку и покрај ваквото известување Џафери не отстапи од своето „толкување“ и продолжи да ја извршува функцијата претседател на Владата, тогаш Собранието треба веднаш врз основа на Законот за Собрание – (Член 6 (1) На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако: 3) настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник и Законот за пратеници (На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако: 3) настапи случај на неспојливост на функцијата – да констатира неспојливост на пратеничката функција, бидејќи по верификацијата на пратеничкиот мандат продолжува извршување на друга неспојлива јавна функција, со што по сила на закон ќе престане пратеничкиот мандат на Талат Џафери. Ако конкретниот пратеник не е задоволен, слободно може да поднесе тужба и да побара судска заштита на своите права. Во секој случај престанокот на мандатот ќе биде ефективен и тужбата нема да го одложи правното дејство. Само на овој начин може и смее да се одговори на демонстрираната ароганција и самоволие. Секое политичко договарање и правење компромиси со клучните уставни и законски норми негативно ќе се одрази понатаму и ќе остави дамка уште на самиот почеток на овој парламентарен состав.