Беким Ќоку, советник на косовскиот премиер Аљбин Курти и член на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување), во својот став искажан и напишан јавно деновиве направи стравотно тежок инцидент со упад во внатрешните работи на соседна држава, со повеќеслојни негативни референци кон македонската држава и севкупно кон сите нејзини граѓани, со навреди и на адреса на албанското малцинство во државата, кон македонскиот народ, но и на заемните внатрешни односи помеѓу етникумите, внесувајќи елементи на омраза, меѓусебна одбивност, нетрпеливост и поттикнување силно чувство на непријателство. Обраќајќи им се на македонските Албанци, тој искажа дека „користејќи го македонскиот јазик во јавната комуникација во земјата, а не мајчиниот албански, Албанците глумат пиони во државата, наместо да ја покажат својата државотворност како народ, зборувајќи на својот јазик. Зборувајќи на македонски јазик, Албанците искажуваат комплекс на пониска вредност, својствен за еден општествен слој, а албанскиот јазичар и политичар Фаик Коница ги нарекуваше ‘левантинци’ и мајмуни“…
Од северното соседство нова стравотна провокација и навреда за сите граѓани на Македонија
Како што во 2001 година Косово со паравоени единици ја дестабилизира Македонија и предизвика воен конфликт, по кој државата беше целосно редефинирана, така сега косовските власти продолжуваат флагрантно да се мешаат во внатрешните работи на државата и да поттикнуваат етнички конфликти, а притоа нема никаква реакција од страна на македонското министерство за надворешни работи.
Откако пред извесно време косовскиот премиер Аљбин Курти дојде во посета на Тетово и присуствуваше на настан на кој беше транспарентно истакната иконографијата на „голема Албанија“, сега и неговите советници ја продолжуваат големоалбанската пропаганда со која директно удираат по уставниот поредок на Македонија.
Удар врз унитарниот карактер на Македонија
Најсвеж пример е последната објава на социјалните мрежи на Беким Ќоку, официјалниот претставник на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување) за Македонија и политички советник на косовскиот премиер и лидер на таа партија Аљбин Курти, кој им забележува на македонските Албанци зошто го користат македонскиот јазик во комуникацијата и на тој начин самите си ја негираат улогата на властодршци и државотворен народ. Советникот на Курти оди дотаму што овие граѓани од албанската етничка заедница во земјава што наместо на албански зборуваат на македонски јазик ги споредува со мајмуни.
– Користејќи го македонскиот јазик во јавната комуникација во земјата, а не мајчиниот албански, Албанците глумат пиони во државата, наместо да ја покажуваат својата државотворност како народ, зборувајќи на својот јазик. Зборувајќи на македонски јазик, Албанците искажуваат комплекс на пониска вредност, својствена за еден општествен слој, а албанскиот јазичар и политичар Фаик Коница ги нарекуваше „левантинци“ и мајмуни, кои имитираат други – напиша Ќоку во објавата на својот профил на Фејсбук, насловена „Што ги принудува некои Албанци да поставуваат објави на македонски јазик?“.
Понатаму тој ја пласира тезата дека Албанците во Македонија се всушност државотворниот народ што ја има власта и затоа мора да го употребуваат исклучиво албанскиот јазик, а Македонците и сите други „треба да го користат Гугл транслејт ако сакаат нешто да разберат“.
– Што ги принудува некои Албанци да ги пишуваат своите објави на македонски јазик на општествените мрежи, особено во ова време кога програмата за преведување на Гугл го преведува секој текст на секој јазик во светот? Пишувањето е политички чин. Упатува порака и како форма, без содржина. Не случајно кириличното писмо на македонскиот јазик е заштитено и санкционирано со посебен закон. Пишувајќи на македонски јазик, индиректно прифаќаме дека власта е само македоноговорната страна. На овој начин ја поништуваме целосно реалната моќ на албаноговорната партија властодржец. Со обликот на јазикот во комуникацијата ние покажуваме кој е навистина државотворен тука, кој глуми пион на државата, а кој е шефот. На тој начин албанските властодршци не се ставаат себеси во категоријата на власт, на државотворци, туку само на обожаватели – посочува Ќоку.
Според него, тоа што македонскиот јазик е главното средство за меѓусебна комуникација меѓу сите етнички групи во земјава ги става Македонците во супериорна положба над другите.
– Лингва франка (јазик што го говорат сите во една земја – заб. прев.) во Македонија е македонскиот јазик. Секој што се обидува да изгледа тренди, да биде во „шема“, да биде дел на супериорниот дел на општеството, мора да ги пишува и да ги објавува своите мислења на лингва франка на земјата, односно на македонски јазик. Но на тој начин се искажува несвесно комплекс на пониска вредност кај еден општествен слој, кој албанскиот политичар и јазичар Фаик Коница од минатиот век ги нарекуваше „левантинци“. Коница велеше дека левантинците имитираат како мајмуни. Ова може да се поврзе со официјалната употреба на албанскиот јазик. Тој не е официјален на целата територија на земјата и не е во Уставот рамноправен со македонскиот јазик. Неостварувањето на правото да се говори на мајчиниот јазик се јавува токму кај Албанците. Тие самите не го почитуваат својот јазик, иако е пропишан со Законот за јазиците, што го говорат оние што ги има повеќе од 20 проценти во структурата на населението. Ова право не го почитуваат ниту градоначалниците Албанци на општините, кои ја имаат сета таа народна и уставна моќ. Пред сѐ албанските властодршци, интелектуалци, академици и уметници се одговорни за спроведување на законот. Тие треба да ја играат улогата на пионери, на авангарда на промените – заклучува Ќоку.
Уште еден близок соработник и политички советник на косовскиот премиер Аљбин Курти, Хусамедин Ферај, летоска на крајно навредлив начин ги исмеваше Македонија и нејзиното раководство, во колумна во која им порача дека разбираат само сила, а не логика и правда.
– Да бев албански државјанин во Македонија. Ќе ја поддржев предложената промена на Уставот, онаа поврзана со Бугарите. Ќе сфатев дека македонските словенски владетели разбираат само сила, но не и логика и правда. Ќе го сфатев ова затоа што само благодарение на силата на Грција го сменија името на Републиката, а само благодарение на силата на Бугарија ги внесуваат Бугарите во нивниот Устав – напиша тогаш во колумна Ферај.
Несомнено косовскиот премиер е опкружен со луѓе што си ја земаат сета слобода директно да удираат по унитарниот карактер на Македонија, по официјалниот јазик на државата, да се исмеваат со ставовите на мнозинството македонски граѓани и да ги уриваат темелите врз кои почива македонската државност, инспирирајќи раздор и поделби. Сè погласните најави дека партијата Самоопределување ќе отвори свој клон и во Македонија говори дека ставовите што сега ги застапуваат блиските соработници на Курти утре ќе станат составен дел од платформата на тој нов политички субјект, кој полека гради логистика во земјава.
Целта е да се прекине секое врзивно ткиво меѓу Македонците и Албанците во земјава
Во сето ова единствено е нејасен молкот на македонските власти и на македонското министерство за надворешни работи. Кога некој ја оспорува државотворната улога на македонскиот народ, кога наложува кој може, а кој не треба да го употребува официјалниот јазик во државата, кога зборува за пиони и властодршци, тогаш најмалку што може да побара македонското МНР е да се побара официјално оградување на косовскиот премиер од ставовите на своите советници. Во спротивно, тоа може да се протолкува како мешање во внатрешните работи на соседна држава и поттикнување поделби по етничка линија, за што може да се упати и протестна нота.
– Советниците на косовскиот премиер почнаа да си земаат премногу слобода во изјавите, но да не се лажеме, тие се само параван зад кој стои официјалната косовска политика кон Македонија. Да беше поинаку, косовскиот премиер веднаш ќе се оградеше, па дури и ќе ги сменеше ваквите проблематични советници. Тој не само што не го прави тоа туку и самиот беше неодамна во Македонија, при што не се сретна со ниту еден државен претставник, не ги испочитува ниту македонските државни симболи, туку присуствуваше на партиски настан во Тетово каде што се вееше знамето на голема Албанија. Курти има политички амбиции и тука да го промовира своето движење Самоопределување и тоа да дејствува на македонската политичка сцена. Кога иста политичка структура дејствува во Косово, во Албанија, а многу скоро веројатно и во Македонија, станува јасно кон што се стремат. Затоа ги напаѓаат и оние македонски Албанци што повремено го користат македонскиот јазик во комуникацијата, бидејќи сакаат да прекинат секакво врзивно ткиво меѓу Македонците и Албанците во земјава. Ваквите изјави што доаѓаат од советниците на Курти само го потврдуваат она што на сите им е јасно, дека идејата за голема држава во која ќе живеат сите Албанци не само што не е мртва туку веќе се воспоставува инфраструктура за нејзина реализација на терен – прокоментираа дел од соговорниците со кои се консултиравме во врска со објавата на советникот на косовскиот премиер.