Според констатацијата на повеќе аналитичари, во меѓународните односи, за жал, во сегашната констелација, доминира правото на посилниот, а не меѓународното право, кое големите сили го користат само кога им одговара. Речиси нема шанси да се смени ставот на Западот кога станува збор за Косово и за санкциите кон Русија, а притисокот врз Србија само ќе се зголемува
Обрачот околу Србија се стега сѐ повеќе. Во последните неколку дена, според официјални извори, во Белград дојдоа две клучни барања од Европската Унија:
1. воведување санкции кон Русија и
2. признавање на Косово, доколку Србија сака непречено и подинамично да го продолжи патот кон ЕУ.
Во врска со овие две барања, кои повеќе звучат на познато сценарио за испорачани ултиматуми од регионот, српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш ја предупреди јавноста дека „уцените од Запад – воведување санкции кон Русија и признавање на Косово, ќе бидат клучот за напредокот кон ЕУ“.
Што се однесува до првиот услов, воведување санкции кон Русија од страна на Србија, тој е веќе очигледен и видлив во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија. Вториот услов, пак, е испорачан вербално, од Берлин. Имено, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, на заедничката конференција со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц, повтори дека „без меѓусебно признавање на Србија и Косово, нема членство во ЕУ“.
Србија израмнета со Турција по прашањето за приклучување кон ЕУ
Официјални лица од ЕУ испратија и порака за тоа што може да ѝ се случи на Србија доколку не биде „послушна“: да ја доживее судбината на Турција, која со децении е во европската чекалница. Така, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, рече дека „Србија, како и Турција, каска во однос на усогласеноста со надворешната политика на Брисел“.
Срѓан Граовац, историчар и аналитичар на Центарот за надворешна политика, ја гледа оваа уравниловка на Србија со Турција како еден вид предупредување дека иднината единствено зависи од однесувањето на Белград.
– За жал, во меѓународните односи доминира правото на посилниот, а не меѓународното право, кое големите сили го користат само кога им одговара. Речиси нема шанси да се смени ставот на Западот кога станува збор за Косово и санкциите на Русија, а притисокот врз нас ќе се зголемува. За нив нема дилема, Косово е независно, а нивната политика не се заснова на меѓународното право – вели Срѓан Граовац.
Според мислењето на Слободан Зечевиќ, соработник на Институтот за европски студии, Западот не може да ја става Србија во ист кош со Турција, бидејќи геостратегиски и цивилизациски не можат да се споредуваат. Сепак, тој е дециден дека веќе нема маневарски простор за Белград и дека од Србија се очекува да донесе одлуки токму во сообразност со ЕУ.
– Можеби на почетокот на руско-украинскиот конфликт можевме да воведеме некои помали санкции за кои Русија немаше толку да ни замерува, но се плашам дека ниту една од санкциите што ќе ги воведевме немаше да биде доволна за ЕУ – вели Слободан Зечевиќ.
ЕУ со закана кон Србија за воведување визи
Уште една мошне сериозна закана од страна на ЕУ кон Србија е „воведување визи доколку итно не го усогласи визниот режим со Европската Унија“. Ова предупредување ѝ беше испратено на Србија на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ по големиот пораст на илегални пристигнувања на мигрантите во ЕУ преку балканската маршрута, од кои многумина влегуваат во Србија без виза. На ова предупреди и комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која не ја исклучи суспензијата на визната либерализација за Србија! Голем број дипломати од ЕУ сметаат дека Србија имала безвизен режим со некои трети земји како своевидна награда за тоа што тие земји не ја признале независноста на Косово и гласале против приемот на Косово во некои меѓународни организации. Кина, Индија, Русија, Белорусија, Бурунди, Тунис, Куба, Боливија, Монголија и други се на списокот на земји, чии граѓани можат да влезат во Србија без визи, а на кои им се потребни визи за ЕУ, за што Унијата инсистира на усогласување.
САД со помека сугестија кон Белград
Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, посочи дека односот на Србија кон Русија ќе биде повеќе „ценет“ од напредокот во сите други области. Иако во извештајот на ЕК беше наведено дека Србија уназадила само во однос на санкциите кон Москва, амбасадорот на САД во Србија е оптимист велејќи дека за него „чашата е половина полна“.
– Избирам да го кажам тоа затоа што Србија постигна напредок во многу области, но, за жал, не во областите што ја засегаат Русија. Ова се многу тешки времиња затоа што Русија одлучи да го нападне својот сосед, ова се срамни моменти во сегашната историја, но таа нè зближи нас, САД и ЕУ, можеби поблиску отколку што бевме долго време. Америка работи и соработува со Владата на Србија, но не е одговорност само на Владата, туку и на секој граѓанин, кој треба да размисли што му направи Русија на соседот и како реагира на нападите врз инфраструктурните објекти со напади врз цивилното население – вели Кристофер Хил.
Краен рок за договор на релацијата Србија – Косово до 2024 година
Мирослав Лајчак, претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, изјави дека 2024 година, кога ќе се одржат избори во САД и ЕУ, може да биде краен рок за постигнување договор меѓу Белград и Приштина. Тој изјави дека „сега кога нема избори во Косово и Србија“, тоа е во корист на постигнување конечен договор и додаде дека „нема да биде добро ако дотогаш нема напредок, бидејќи тогаш фокусот на САД и на ЕУ ќе биде на друго место“.