Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во последните десет години во Македонија се идентификувани вкупно 138 жртви на трговија со луѓе, од кои 45 се деца. Тоа значи дека речиси една третина од сите жртви се најмладите и најранливите лица во нашето општество. Од овие 45 деца, 19 биле жртви на присилен детски брак, што дополнително ја нагласува сериозноста на проблемот

ПОВОД: СВЕТСКИОТ ДЕН НА БОРБА ПРОТИВ ТРГОВИЈАТА СО ЛУЃЕ – 30 ЈУЛИ

 

Од 56 идентификувани жртви во Република Македонија во последните три години, 15 биле деца, од кои половината односно седум на возраст од 13 до 17 години биле жртви по основ на присилен детски брак. Според секретарката на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Македонија, Ана Бурагева Алексова, преку присилните бракови, сексуалната и трудовата експлоатација, децата стануваат жртви на злосторства направени од страна на возрасните, кои земаат сѐ поголем замав. „Нова Македонија“ по повод Светскиот ден на борба против трговијата со луѓе дава детална анализа за алармантната состојба, во која се наведени и можности за нејзино сузбивање.

ТРЕТИНА ОД ЖРТВИТЕ НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ СЕ ДЕЦА

Во последните десет години се идентификувани вкупно 138 жртви на трговија со луѓе, од кои 45 се деца. Тоа значи дека речиси една третина од сите жртви се најмладите и најранливите лица во нашето општество. Од овие 45 деца, 19 биле жртви на присилен детски брак, што дополнително ја нагласува сериозноста на проблемот. Најчесто станува збор за девојчиња, а овие случаи се појавуваат во заедници со зголемена социјална и економска ранливост.
– Податоците покажуваат дека постои тренд на „внатрешна трговија“, односно експлоатација во границите на државата, што ја прави оваа појава уште потешко препознатлива и укажува дека присилните бракови не се само културен или социјален феномен туку реалност, која го нарушува основното право на децата, правото на образование, на слобода и на безбедност – објаснува Бурагева Алексова.
Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција на Македонија, во соработка со заедничката програма на Советот на Европа и Европската Унија „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, а по препораките на Експертското тело за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа – ГРЕТА, прави огромни напори за спречување на ова злосторство врз децата.
Заменик-националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција на Република Македонија, Ева Илиевска, вели дека заложбите на Националната комисија се движат во насока на обезбедување интегриран, континуиран и одржлив систем за заштита што ќе ги стави децата во центарот на вниманието, не само како ранлива група туку како носители на правото на безбедно, достоинствено детство.
– Во рамките на овие приоритети, спроведуваме континуирани обуки за полицијата, социјалните служби, образовниот кадар, како и за здравствените работници. Целта е јасна – навремено и точно препознавање на индикаторите за трговија со луѓе/деца, особено кај најранливите категории. Ја јакнеме меѓусекторската соработка преку системска координација на клучните министерства, но и граѓанскиот сектор. Во таа насока, клучна улога имаат мобилните тимови – кои работат на терен, директно со семејства во ризик. Нивната задача е рана детекција, едукација и идентификација на можни случаи на трговија со деца, вклучувајќи ги и случаите на присилни детски бракови, кои во дел од заедниците сè уште се третираат како „нормална“ практика – посочува Ева Илиевска.

ПРИНУДНИТЕ ДЕТСКИ БРАКОВИ НЕ СЕ ТРЕТИРААТ КАКО ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ!?

Според Бурагева Алексова, социјалните и културолошките компоненти се основни причини за злосторствата врз децата.
– За жал, појавата на принудни детски бракови не се третира како трговија со деца, експлоатација и насилство, туку, останува скриена, зад параванот на обичаите, родова улога или сиромаштија. Најпрвин, тука е сиромаштијата – семејствата го гледаат детскиот брак како начин да ја „обезбедат“ иднината на девојчето или како начин да добијат финансиска корист или друга имотна добивка, социјалната исклученост – кога семејството и самото дете се целосно надвор од институционалниот систем. Без документи, без образование, без пристап до здравство или услуги, тоа дете станува невидливо за државата, а токму таквите деца најлесно стануваат жртви – смета таа.
Недостигот од образование, особено кај девојчињата во средини во кои образованието не се вреднува, многу често води кон ран брак како единствена „опција“ што им се нуди на девојчињата. Од друга страна, и културолошкиот фактор – традиционалните практики сè уште ја нормализираат идејата за „девојче на 13-14 години да стапи во брак. Тоа што некоја практика е „традиција“ не ја прави прифатлива ако ја загрозува благосостојбата на детето – објаснува Бурагева Алексова.
Исто така, постои сериозен недостиг од информираност – и кај децата и кај родителите. Многумина од нив не знаат дека присилниот брак со дете е форма на трговија со луѓе и затоа не пријавуваат, не бараат помош и не препознаваат дека станува збор за жртва, ниту пак за кривично дело.
Во Република Македонија се спроведуваат активности во согласност си Националната стратегија 2021–2025, која е придружена со акциски планови за борба против трговијата со луѓе и акциски план за борба против трговијата со деца.
– Акциските планови ги опфаќаат клучните столбови: спречување, заштита на жртвите, гонење на сторителите, партнерство и соработка, со цел да имаме училишта што не само што образоваат туку и заштитуваат, општество што не го гледа бракот на 15 години како „нормално“, туку како аларм, инвестираме во социјална еднаквост, затоа што само стабилно семејство може да даде стабилно дете – нагласува Ева Илиевска.
Инаку, веќе е промовиран и Стратешки документ 2025-2029 година на Мрежата на национални координатори за борба против трговијата со луѓе на Југоисточна Европа, кој ќе придонесе за поголема координација и синергија меѓу земјите од регионот и воведување нови пристапи во превенцијата и казнувањето на ова кривично дело.

КОГА НЕ ВЛИЈАЕ ПРЕВЕНТИВАТА, НЕОПХОДНО Е ДА СЕ ВЛИЈАЕ СО РЕПРЕСИЈА

Според Љупчо Маркудов, експерт консултант за трговија со луѓе и поранешен полициски началник при МВР на Република Македонија, треба уште многу да се работи на издигнување на свеста за опасностите и негативните последици за евентуално вовлекување во синџирот на трговија со луѓе.
– Она што можевме да го направиме е да спроведеме разни едукативни превентивни кампањи и укажување за негативните ефекти по развојот на децата од ваквата пракса, но и за кривичната одговорност на родителите доколку и натаму ги практикуваат договорените, односно присилните бракови на нивните деца под изговор дека е тоа нивно обичајно право, односно нивна традиција. Кога не влијае превентивата, тогаш мора да влијае репресијата – преку поднесување кривични пријави на сторителите на овие кривични дела, со акцент дека нема да се толерира примена на обичајното право и традицијата кога е во спротивност со најдобриот интерес на децата – препорачува тој.
Препораките на ГРETA се јасен патоказ за тоа како Македонија може да ја унапреди својата заштита на децата од една од најтешките форми на кршење на човековите права.
Во последниот извештај е потенцирано дека во наредниот период треба да се работи на зајакнување на улогата на центрите за социјална работа, бидејќи тие ја имаaт најактивната улога во превенцијата на децата, но и кон создавање услови за сместување на идентификуваните жртви. Овие капацитети мора да бидат чувствителни на пол и возраст, да обезбедуваат психосоцијална поддршка, како и пристап до образование и рехабилитација. Паралелно, потребно е да се работи на развивање програми за рехабилитација на децата на улица, бидејќи тие често се цел на трговците со луѓе.

БОРБАТА ПРОТИВ ТРГОВИЈАТА СО ДЕЦА БАРА ДОЛГОРОЧНА СТРАТЕГИЈА!

Маја Бошњаковска, лице за контакт на МВР во ГРЕТА од Република Македонија, исто смета дека се потребни континуирани обуки за сите форми на експлоатација на сите активни чинители, како што се полицијата, трудовите инспектори, здравствените и социјални работници.
– Обуките треба да опфаќаат препознавање на сите форми на експлоатација, особено скриените форми како што се принудните бракови. Дополнително, мора да работиме и на јакнење на капацитетите на трудовите инспектори, бидејќи проблемот со децата жртви на трговија со луѓе не е само преку присилните бракови туку низ светот и овде сме сведоци дека често се жртви на трудова експлоатација. Како заклучок, сакам да нагласам дека борбата против трговијата со деца и присилните бpaкови бара долгорочна стратегија, социјална мобилизација и институционален капацитет – забележува Маја Бошњаковска.
Република Македонија е дел од Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА), со која се обврзува да се бори против трговијата со луѓе, вклучително и против присилните детски бракови, како дел и од аспирациите за пристапување кон Европската Унија.
И, токму во таа насока, Советот на Европа и Европската Унија активно ја спроведуваат акцијата „Зајакнување на активностите против трговијата со луѓе во Севернa Македонија“. Акцијата е дел од програмската рамка на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“, чија цел е да им помогне на корисниците во Југоисточна Европа да се „усогласат со стандардите на Советот на Европа и правото на Европската Унија во рамките на процесот на проширување.
Минатата година, медиумот Радио Пела, поддржан од ЕУ и Советот на Европа, ја спроведе иницијативата „Промени го мислењето – остани надвор од маѓепсаниот круг“ преку радиодрама и театарска претстава „Маѓепсан круг“, прикажана во Пелагонија.
Претставата, која во декември годинава ќе биде прикажана и во Скопје, има цел да овозможи попристапен начин заедницата да препознае, открие и алармира за појавата на присилни детски бракови. Театарската претстава вклучува приказни за борба против невидливите синџири што ги држат жртвите на присилни бракови и трговија со луѓе, за подигнување на јавната свест кај локалните заедници за борба против ваквите појави.

Филип Димкоски