Ѓорче Петров

Во насока на унапредување на безбедноста во основните училишта, Општина Ѓорче Петров одржа координативен состанок со директорите на сите основни училишта од општината, како и со претставници од Министерството за внатрешни работи, на кој се договори примената на протоколот за безбедна евакуација од училишта и справување со паника во итни ситуации.
Целта на протоколот, велат од општината, е да се обезбеди систематска и ефикасна заштита на учениците и наставниот кадар при евентуални закани како пожар, земјотрес, чад или други вонредни ситуации. Преку јасни процедури и обуки, општината се стреми кон создавање сигурна и смирена средина за децата во текот на наставниот процес.
Протоколот предвидува двапати во годината обуки за учениците и наставниците, едукација за препознавање панични реакции и техники за нивно совладување, практични вежби за смирена и контролирана евакуација, јасни и видливи евакуациски рути и мапи во секое училиште, инсталација на посебен алармен систем, различен од редовното ѕвоно, и активирање на протоколот при реална опасност или по налог од надлежни институции и лица.
Алармот, преку сирена или разглас, претставува сигнал за итно започнување на евакуацијата. Учениците, под водство на наставниците, се движат по однапред утврдени рути кон безбедна зона. Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Општина Ѓорче Петров за заштита на населението од природни и други непогоди, со посебен акцент на заштитата на децата.