
Амбасадата на Руската Федерација во Македонија приреди државен прием во Скопје по повод 80-годишнината од Денот на победата над фашизмот.
– Денес на Западот се обидуваат да ги фалсификуваат фактите за настаните од тој период. Вистината е дека главниот удар на нацистичка Германија и нејзините помагачи го претрпеа Советскиот Сојуз и неговиот мултинационален народ од сите сојузни републики, а митот за непобедливоста на германската воена машинериjа го разби Црвената армија. Народите на Советскиот Сојуз победија заедно. Никој нема да може да го омаловажи нашиот подвиг, ниту да го подели на поединечни победи – рече во својот говор рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
– Ние не само што ги одбранивме независноста и суверенитетот на нашата земја. Во тешки битки ги ослободивме народите на Европа, чија независност денес е директна последица на самопожртвуваноста на советските војници и офицери, кои претрпеа голем број жртви – повеќе од еден милион животи. Ќе го чуваме светлиот спомен на херојските предци, ама и ќе се гордееме со нашите војници и офицери – наследници на поколението на победниците. Во борбата против нацизмот рамо до рамо со нас се бореа сојузниците во антихитлеровата коалиција, членови на партизанското движење. Се поклонуваме пред храброста на учесниците во Народноослободителната борба во Македонија, на борците на Народноослободителната армија на Југославија, на кинеските војници во текот на борбата против јапонскиот милитаризам – истакна меѓу другото Баздникин.
На настанот присуствуваа архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, придружуван од членови на Синодот, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, пратеници во Собранието, претставници на политички партии, членови од дипломатскиот кор, јавни и културни дејци, академици и научници, стопанственици, претставници на медиуми, како и активисти на здруженијата за македонско-руско пријателство.
За време на приемот, гостите гледаа презентација на „Бесмртниот полк“ и документарен филм за првата парада на победата од 1945 година.
Гостите се послужија со храна од традиционалната руска кујна, приготвена под водство на готвачката на амбасадата, и пенливо вино во лимитирано издание „победничко црвено“.
Интерес кај присутните предизвикаа ракотворбите и цртежите на децата од училиштето за дополнително образование со изучување на рускиот јазик „Озарение“ за натпреварот посветен на Денот на победата, како и сувенири подготвени од организацијата „Артељ“. П.Р.

Денот на победата над фашизмот како повод за потсетување на значајни моменти од историјата на Македонија
Македонските партизани заедно со руските војници во борбата против фашистичкиот окупатор во Прилепско
Во борбата против фашизмот нема држава од добро познатиот голем антифашистички сојуз што не даде многубројни жртви, борци, цивилно население, кои застанеле на браникот на татковината. Некои се бореле и надвор од своите татковини, каков што бил случајот на еден значителен број руски војници што биле дел од македонската Петта народноослободителна бригада, односно од баталјонот „Мирче Ацев“, кој дејствувал во поширокиот прилепско-велешко-битолски регион. Нивниот придонес е значаен.
Македонските партизани рамо до рамо со руските војници
Според историски записи, заробените војници од Црвената армија биле испраќани на принудна работа во Грција, а германските воени власти ги распределувале во околината на Солун и во други населени места. Некои од заробените успеале да побегнат од германско заробеништво и преку разни канали на антифашистичката организација пристапиле во единиците на ЕЛАС во Грција, а потоа биле распределени по единиците на НОВ.
Сведоштва за тоа се белешките од борецот Иван Маљцев. Тој заедно со неговиот другар Сергеј се поврзал со организацијата во Битола и преку неа пребегал во партизанските единици. Најблизок контакт со руските војници имал Првиот баталјон на третата оперативна зона, потоа Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада, а на 22 декември 1943 година е формирана Втората бригада во селото Фуштани, во чии рамки дејствувал прилепскиот баталјон „Мирче Ацев“, во кој имало најмногу руски војници. Руските борци биле прифатени од Втората македонска бригада, распоредени во првиот прилепски баталјон „Мирче Ацев“, а потоа по формирањето на Петтата народноослободителна бригада преминале во нејзиниот состав. Според пишувањата на историчарот д-р Дукадин Камшикоски, немало најпрецизна бројка на руски борци што се бореле во единиците во 1944 година. Всушност, постојат некои записи дека бројката се движела од 40 до 56.
Со заедништвото на Македонците и Русите растеле борбената моќ на интернационалниот партизански баталјон и морално-политичкото единство на борците
Имало руски борец по име Стјепан, кој бил пример за другите борци. Во составот на Прилепскиот баталјон тој бил извонреден готвач и истовремено и извонредно храбар борец. Својата храброст ја покажал кај селото Градешница – Битолско. Во првата чета на Прилепскиот баталјон четното раководство го сочинувале Иван Васиљевич–Барсјуков, (командир), Пјотр Јудин (заменик-командир), Дмитри Романов (комесар), како и другите борци (заменик-комесар: Мохамед Садулович–Батиров, десетар на првата десеттина: Алексеј Ткаченко, политички делегат, десетар на третата десеттина: Анатолиј – сибирец од Краснојарск, политички делегат: Барчук – учител од Краснојарск, десетар на втората десеттина: Симон – сибирец).
Првиот баталјон на Втората бригада, во која првата чета била составена само од руски војници, во мај, јуни, јули 1944 имал деноноќни борби и оружени напади против бугарската војска и полиција во централното подрачје на Вардарска Македонија, Мариово, Кавадарци, Велешко и Прилепско. Во тие борби растеле борбената моќ на баталјонот и морално-политичкото единство на борците. Пријателството меѓу прилепските и руските борци било големо.
Могилата на напобедените во Прилеп, вечен заеднички дом и на македонските и на руските борци против фашизмот
Во историските податоци на зборниците Прилеп и Прилепско, наведено е дека на 25 мај 1944 година баталјонот „Мирче Ацев“ го нападнал рудникот кај селото Витолиште, Мариовско. Со четата од баталјонот командувал Иван Барсјуков, која извршила низа борбени акции што одиграле големи улога за ослободувањето на Македонија. Имало борби и на други места – кај Журче, Демирхисарско, кај Здуње и кај Плетвар, при што загинале Алексеј Авилович-Ткаченко, борецот Профир, борецот Васја и Петрович Кирилико-Иван.
Посмртните останки на Петрович Кирилико-Иван почиваат во Могилата на непобедените во Паркот на револуцијата во Прилеп, а на другите тројца во Здуње и во Демирхисарско.
Во Прилеп, секоја година Општина Прилеп, Амбасадата на Руската Федерација, заедно со боречката организација и македонско-руското друштво „Прилеп“ оддаваат почит, како што беше и вчера, по повод 80 години од Победата над фашизмот. Ка.М.