Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик е ставен на испит на јавноста. Анализите и коментарите од релевантни општествени чинители веќе се редат. Во некои од нив се потсетува на нашата резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена во Собранието на Македонија на 29 јули 2021 година
Повод: Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик
Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик предизвика силен импакт во македонската јавност, во медиумите, кај интелектуалната и академската фела, кај политичарите…
Дел од нив беа затечени со ваквата иницијатива и не одговорија на нашите прашања како тие ја толкуваат, но дел од високите интелектуалци промптно реагираа и јавно и писмено го искажаа својот став. Генерално, нашите соговорници се согласија дека е добро што „иницијативата демократски се става на претрес пред македонската јавност и дека тоа е значаен исчекор во насока за тоа вакви и слични крупни прашања и иницијативи, автоматски (поради силата на авторитетот/мандатот на иницијаторите) да НЕ се процесираат веднаш пред македонските државни институции и како такви да се туркаат, онака како што се правеше тоа во низа примери низ годиниве (премиер, спикер, референдум, ставање на Владата и нејзини министри над националното Собрание итн.).
Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик е ставен на испит на јавноста. Анализите и коментарите од релевантни општествени чинители веќе се редат. Во некои од нив се потсетува на нашата резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена во Собранието на Македонија на 29 јули 2021 година. Сега, кога се зачестуваат и се засилуваат притисоците на ЕУ и други меѓународни чинители со „дипломатски маневри зад завесата“ за Македонија да се принуди да ги прифати уставните измени заради целосно и беспоговорно спроведување на „бугарскиот договор“, време е јавноста да се потсети на арсеналот институционални и дипломатски алатки со кои располага Македонија, а сигурно, една од помоќните е Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена во Собранието на Македонија на 29 јули 2021 година. За потсетување, во продолжение резолуцијата на нашиот парламент, која „Нова Македонија“ уште пред четири години, веднаш ја објави интегрално.
Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции
Тргнувајќи од објавениот „Резултат од референдумот во Република Македонија, одржан на 8 септември 1991 година (Сл.Весник 43/91), почитувајќи ги позициите на „Декларацијата за развој на односите на Република Македонија со Европската Унија“ усвоена од Собранието на 4 февруари 1998 година (Сл.Весник 7/98), а во контекст на наметнатите билатерални пречки кон ЕУ, ние пратениците ја декларираме волјата на граѓаните и на ден 29 јули 2021 година Собранието донесе
РЕЗОЛУЦИЈА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ДРЖАВНИ ПОЗИЦИИ ВО КОНТЕКСТ НА БЛОКАДИТЕ НА ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ
1. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ;
2. Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет;
3. Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:
– македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет,
– македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор,
– споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам;
4. Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите;
5. Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни конвенции и декларации на Организацијата на обединетите нации (ООН) за правото на самоопределување и за човековите права и слободи;
6. Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност;
7. Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција.
Имено, овој државен документ е моќно политичко-дипломатско оружје, кое Македонија и нејзиното државно-политичко раководство мора да го реактивираат во одбраната од „третата балканска војна“, која ја води Софија против Македонија и македонскиот народ штедро поддржана и потпомогната од ЕУ и од Франција. Точката 7 од Резолуцијата за македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции категорично наведува: „Собранието ја обврзува и ја насочува Владата, но и сите надлежни органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите, да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција!“
„Заедничка“ резолуција на тапет
– Да се бара од Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање веќе општопризнаен и општоприфатен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија. Тоа е крајно неодговорен чин – изреагира академик Катица Ќулафкова. Многубројни реакции на споменатиот предлог пристигнуваат и од други граѓани, експерти и универзитетски професори како Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Свето Тоевски
Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија во ЕП
ќе претставува „руски рулет“ со македонскиот јазик!
Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик, сугериран од Антонио Милошоски, ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесира официјално од македонските државни институции, од повеќе причини:
– Македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои преткодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови;
– македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки;
– македонскиот јазик е признаен од ОН уште од самото нивно основање;
– македонскиот јазик беше и е признаен од најмалку две третини од постојните држави во светот;
– македонскиот јазик е признаен во меѓународните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.);
– од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори;
– македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор;
– македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија;
– постојат бројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот;
– македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање.
Затоа, да се бара од соседна Р Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид „руски рулет“ за Македонија, крајно неодговорен чин. Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи.
Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратешки приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на МАНУ, Институтот за македонски јазик и др. институции, да ги стимулира младите да го изучуваат и да се вработуваат соодветно, да ја шири и подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и др. и да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби групи во ЕП.
Академик д-р Катица Ќулафкова
Можна стапица под маската на европско решение
Иницијативата што ја изнесе на прес-конференција Антонио Милошоски за усвојување заедничка резолуција во Европскиот парламент со цел потврдување на македонскиот идентитет и јазик – според мене, само на прв поглед изгледа како прагматичен и умерен обид за надминување на блокадата од Бугарија. Но, ако се задлабочиме, ќе мора да се признае дека оваа стратегија носи значителни опасности и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа што веќе ни е поставена и со Договорот за добрососедство и со францускиот предлог.
Резолуциите на Европскиот парламент имаат симболичка и препорачувачка природа, но не и обврзувачки карактер. Тие не создаваат правна сила, ниту гарантираат доследна примена од страна на земјите членки. Оттаму, дури и во идеален случај на заедничко поднесување резолуција со бугарски пратеници (за кои искрено се сомневам дека би се согласиле на вакво нешто), не постои никаква сигурност дека таа ќе има суштинско дејство врз политичките или врз историските позиции на Софија – позициите што систематски го негираат постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни категории.
Со инсистирањето на европска потврда за нешто, што по својата природа е неприкосновен и историографски заснован факт – македонскиот јазик и идентитет – се изложуваме на опасност да го сведеме на предмет на политичко договарање. Тоа не само што е концептуално погрешно туку и отвора врата за натамошни условувања, повторни ревизии и несоодветни компромиси. Всушност, со ваквиот пристап, повторно ги ставаме македонскиот народ и јазик „во волча уста“ – како заложници на туѓа добра волја и како предмет на преговарачка „размена“, што историски ни носело само штета, а им одело во прилог на негирачките агенди на соседите.
Токму македонскиот јазик, како изворен словенски јазик со повеќе од илјада години пишувана и усна традиција, со свои први писмени споменици од IX век, со стабилен дијалектен континуитет и жива народна литература од средниот век до денес, не смее да се третира како „новоотворено прашање“. Таквото третирање не само што оди на рака на тезата дека македонскиот е „вештачка“ или „бугарска норма“ туку ги делегитимира и напорите на генерации македонски интелектуалци, револуционери и културни дејци, кои се бореле за своја јазична и национална посебност. Покрај тоа, историските факти, од глаголицата и делото на Св. Климент и Св. Наум, преку охридските средновековни ракописи, до 19-вековните преродбенички ракописи и писма на македонски јазик, сведочат за континуитет што не може да се негира без идеолошка пристрасност. Од таа перспектива, барањето „надворешна потврда“ претставува враќање чекор назад и прифаќање рамка, во која македонскиот народ мора постојано да се докажува – и тоа пред оние што мошне отворено и брутално го негираат.
Ако се прифатат ваквите симболични резолуции како дел од компромисна рамка, а не како израз на принципиелна европска поддршка, ќе создадат лажна слика за „решеност“ на спорот – додека на терен ќе продолжат рецидивите на негирање, асимилациски тенденции и условувања. Таквиот исход би бил само нова форма на старото подредување: легитимирано со европски потпис, но на наша сметка. Македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на потврдување – тие се реалност. Наместо да се прибегнува кон симболични и можно опасни дипломатски формулации, потребно е државата да инвестира во конзистентна, професионална и културно уверлива политика на самопотврдување, заснована врз наука, образование и меѓународно достоинство.
Автор: проф. д-р Елка Јачева-Улчар
Авторката е универзитетска професорка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје