Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новинарска опсервација: Сообраќајниот систем „Сејф сити“ во фокусот

Почетокот на примената на системот „Сејф сити“ на улиците и патиштата низ Македонија во изминатите три дена означи нов начин на сообраќаен надзор, кој веќе ги покажува ефектите преку забележано значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци во споредба со двомесечниот тест-период, што се должи и на поголемата совесност на возачите откако е воведена примената, како што истакнаа надлежните, во насока на поголема одговорност кај граѓаните и не само во оваа област.
Системот е активен на територијата на Скопје, Куманово и Тетово и на коридорите 8 и 10. Во првата фаза е предвидено детектирање на четири сообраќајни прекршоци – непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.
Системот „Безбеден град“, според институциите, има цел да воведе постојана и еднаква контрола за сите учесници во сообраќајот, без селективност и субјективност на човечки фактор. Фокусот, како што се нагласува, не е исклучиво на казнување, туку на превенција, градење одговорност и дисциплина, заради намалување на бројот на сообраќајни несреќи, особено на критичните и фреквентни сообраќајни точки. Р.Н.М.


Будното „око“ на камерите ќе регистрира и ќе опоменува

Новиот начин на сообраќајна контрола е втемелен на стационарни радарски видеокамери со висока техничка прецизност. Камерите автоматски ги детектираат прекршоците 24 часа дневно, без оглед на временските услови, при што мерењето на брзината се врши на далечина од приближно 10 метри, па сè до над 200 метри.
Клучната карактеристика на овие уреди е тоа што тие не се обични надзорни камери, туку интегрирани мерни системи. Камерите користат радарска технологија за мерење на брзината, во комбинација со видеоанализа, со што се обезбедуваат висока точност и дополнителна потврда на прекршокот. Техничките спецификации со кои располага системот овозможуваат истовремено следење на повеќе сообраќајни ленти. Камерите се опремени со инфрацрвено осветлување, што овозможува јасно снимање и ноќе, без заслепување на возачите. Системот чита регистарски таблички и при високи брзини, дури и над 200 километри на час, како и во услови на дожд, магла или намалена видливост. Дополнително, софтверот прави разлика меѓу типови возила – патнички, товарни, автобуси и мотоцикли – што е важно за делници со различни ограничувања.
А по детекцијата, камерата автоматски генерира доказен пакет и врз основа на техничките податоци, се подготвува прекршочен налог во согласност со законските одредби.


Засега најчест прекршок – пребрзото возење

Пренесуваме еден свеж илустративен пример. Од вкупно 651 прекршок регистриран завчера, најголемиот дел, дури 585, биле за пребрзо возење, информира Министерството за внатрешни работи во преглед на дневниот биланс на прекршоци.
– Преку системот „Безбеден град“ се констатирани вкупно 651 прекршок. Од нив, за минување на црвено светло се констатирани вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената се констатирани вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци. Притоа, изречени се вкупно 58 забрани за управување моторно возило – информираат од МВР и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за безбеден сообраќај на територијата на целата држава.


Куриозитет: Откриени двајца „рекордери“ со по 40 забрани за управување возило

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на телевизијата Алфа истакна дека е задоволен од, како што посочи, досегашниот мал број казни. Тој притоа ја откри и статистиката на МВР за изречени забрани за управување возила евидентирани во изминатите четири години.
Според официјалните податоци, повеќето од прекршителите, односно 55.405 граѓани, имаат по една изречена забрана. Со два прекршока се 7.987 возачи, а по три правосилни пресуди за забрана за управување возило имаат 1.863 возачи. Има 677 лица со четири забрани, 291 со пет забрани, а рекордери се двајца возачи, кои имаат по дури 40 изречени забрани за управување моторно возило.