Хезболах го именува Касим за лидер откако неговиот претходник Хасан Насрала беше убиен во израелски воздушен напад пред нешто повеќе од еден месец. Високиот совет го избра Касим за генерален секретар, соопшти канцеларијата за медиуми на Хезболах, додавајќи дека Касим е посветен на „автентичниот ислам на пророкот Мухамед“ и на основните принципи на групата. Касим сега ја предводи групата што во последниве недели беше значително ослабена од израелски напади, во кои беа убиени повеќемина членови на нејзиното водство, ранети илјадници борци и ослабени оружените капацитети
Наим Касим именуван за нов лидер на либанската милитантна организација
Низата убиства на нејзините водечки членови ја соочија либанската милитантна организација Хезболах со стеснет круг на кандидати при изборот на нов лидер, со што шиитскиот свештеник Наим Касим го презема водството во ситуација кога групата е значително ослабена. Хезболах го именува Касим за лидер откако неговиот претходник Хасан Насрала беше убиен во израелски воздушен напад пред нешто повеќе од еден месец. Високиот совет го избра Касим за генерален секретар, соопшти канцеларијата за медиуми на Хезболах, додавајќи дека Касим е посветен на „автентичниот ислам на пророкот Мухамед“ и на основните принципи на групата.
Десеткувањето на Хезболах не остави дилеми при изборот
Роден во 1953 година во јужното либанско село Кфар Кила, Касим е добропознат член на „старата гарда“. Седумдесет и едногодишниот шиитски свештеник помогна во основањето на Хезболах во 1982 година и служеше седум последователни мандати како заменик-генерален секретар од 1991 година. Тој исто така ги надгледува парламентарните активности на групата.
Пред неговата работа во Хезболах, тој учествуваше во „Харакат ал Махрумин“ или Движењето на отфрлените – политичка група што подоцна се претвори во шиитското движење Амал, сојузничка група на Хезболах, која сега е предводена од спикерот на либанскиот парламент Набих Бери.
Касим долго време беше втор човек на Хезболах, служејќи како заменик-шеф на покојниот Насрала. Тој е еден од ретките водачи на групата поддржана од Иран што го преживеа неодамнешниот напад на Израел врз организацијата, во кој беа убиени некои од нејзините клучни фигури.
– На крајот на краиштата, тој е една од последните постојани фигури на кадарот на политичкото и верското раководство што можеше да биде избран за генерален секретар. Воопшто не сум изненаден. Тоа беше јасна одлука. Мислам дека тоа не сигнализира промена, ако ништо друго, Касим е знак на континуитет за Хезболах – изјави за „Ал џезира“ Николас Бланфорд, нерезидентен висок соработник во програмата на Атлантскиот совет за Блискиот Исток.
Хашем Сафиедин, за кого се сметаше дека бил многу посилен кандидат за наследник на Насрала, беше убиен во израелски напад во Бејрут, заедно со други команданти на Хезболах.
Касем беше наставник по хемија шест години пред неговите денови во Хезболах. Тој често даваше интервјуа за медиумите. Во 2015 година тој ја напиша книгата „Хезболах: Приказната однатре“, која ја раскажуваше приказната за појавата на Хезболах како „сила на отпорот“ и политичка партија што се обиде да му се спротивстави на Израел.
И покрај неговата медиумска проминенција, се сметаше дека тој нема особена поврзаност со либанскиот народ, поради што е малку веројатно да се изедначи со популарноста на неговиот претходник.
– Организацијата остана со мал избор во однос на највисоките свештеници – изјави за „Си-ен-ен“ Моханад Хејге Али, заменик-директор за истражување во центарот за Блискиот Исток „Малком Х. Кер“ во Бејрут, додавајќи дека Касим е „познато лице“ и затоа неговото назначување било „без никаква дилема за организацијата“.
Нема да биде „апсолутен лидер“
Касим долго време беше надвор од видокругот на Израел. Пред ликвидацијата на Насрала, Израел нанишани и на неговиот претходник Абас ал Мусави, кој беше убиен во воздушен напад во 1992 година.
Касим сега ја предводи групата што во последниве недели беше значително ослабена од израелски напади во кои беа убиени повеќемина членови на нејзиното водство, ранети илјадници борци и ослабени оружените капацитети. Групата сега се соочува со интензивна израелска воена кампања во јужен Либан.
– Но Касим веројатно нема да биде „апсолутен лидер“ на Хезболах, туку е поверојатно оти ќе биде координатор на различните гласови во организацијата – рече Моханад Хејге Али, додавајќи дека одлуката се должи на ограничените можности на Хезболах по серијата ликвидации на нејзините водечки членови.
Одговарајќи на именувањето на Касим, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант напиша на социјалната мрежа Икс: „Привремено именување. Не е за долго“.
Касим постојано ја осудува израелската војна во Газа, велејќи дека „фронтот за поддршка“ на Хезболах за Палестинците само ќе се интензивира „колку што повеќе Израел ја зголемува својата агресија, особено кога цели на цивили“, како што истакна новиот водач на Хезболах. Р.С.
Белиот турбан го издвојува од претходниците
Претходните водачи на либанската милитантна организација Хезболах, Хасан Насрала и Хашем Сафедин, и двајцата ликвидирани од Израел, носеа црни турбани, кои го означуваа нивниот статус како потомци на пророкот Мухамед, додека се забележува оти Касим носи бел турбан, кој некои од муслиманите го сметаат за најсвета боја на турбаните, пренесуваат светските медиуми. Р.С.