Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, попладнево ги презентира извештаите за земјите од Западен Балкан и Турција пред Европскиот парламент. Вархеи за Македонија изјави дека 2022 беше важна година со отпочнувањето на преговарачкиот процес.
– Северна Македонија го отпочна преговарачкиот процес со првата политичка меѓувладина конференција што одамна требаше да се случи, ова е пробив за земјата. Македонија покажа одлучност и издржан напредок – изјави Вархеи пред европратениците.
Еврокомесарот забележа дека е важно земјата да го задржи реформското темпо и да го искористи процесот на скрининг, за да го искористи својот потенција за забрзување на реформите.
Според него, потребни се дополнителни напори во областа на јавната администрација.
Извештајот го поздравува целосното усогласување на Македонија со надворешната политика на ЕУ, посебно во однос на Украина.
– Со ова земјата ја покажа својата одлучност да напредува на својот ЕУ пат – изјави Вархеи.
По Европскиот парламент еврокомесарот треба да се обрати и пред новинарите по објавувањето на годишните реформски извештаи за шесте земји од Западен Балкан и Турција.
Албанија доби лоша оцена за слободата на изразување
Во извештајот посветен на Албанија, Европската комисија наведува дека владата во Тирана го задржала фокусот на реформите поврзани со патот на земјата кон Европската унија (ЕУ) и ја зајакнала својата координативна структура за интеграција во ЕУ.
Сепак, се очекува албанската влада да ја унапреди реформската агенда на ЕУ, вклучително и опозицијата и другите сегменти од општеството. Според експертите на ЕК, во Албанија продолжи сеопфатната реформа на судството, што резултираше со „добар севкупен напредок“.
Се наведува дека Високиот суд сега има 15 активни судии, што му овозможува за првпат по шест години, да го намали бројот на нерешени предмети и да започне со стандардизација на судската пракса и да именува судии на Уставниот суд.
– Меѓутоа, долгите процедури, ниската стапка на завршување и големиот број заостанати предмети продолжуваат негативно да влијаат на ефикасноста на судскиот систем“, се оценува во нацрт – извештајот до кој дојде Радио Слободна Европа (РСЕ).
Што се однесува до борбата против корупцијата, во извештајот се оценува дека Албанија ги продолжила напорите да го надградува својот учинок во истрагите, гонењето и пресудите во борбата против корупцијата и дала одредени резултати.
Се додава дека овие напори треба да продолжат и оти се потребни поголема политичка волја, натамошни структурирани напори и соодветни ресурси и вештини.
Резултати се препознаени и во борбата против организираниот криминал, каде се вели дека Албанија ги имала предвид минатогодишните препораки на ЕК.
ЕК позитивно го оценува напредокот на Албанија во областа на заплена и конфискација на имотот поврзан со организираниот криминал, но смета дека овие напори мора да продолжат и во иднина. Во документот, исто така, се додава дека треба да се продолжат напорите за да се обезбеди зголемено гонење и правосилни пресуди, особено на високо ниво.
Земјата доби лоша оцена за слободата на изразување, затоа што таму немало напредок.
Се оценува дека испреплетувањето на деловните и политичките интереси продолжило да ја попречува независноста на медиумите и квалитетот на новинарството.
– Дезинформациите, вклучително и кампањите за клевета, се повторуваат, особено во онлајн медиумите чија саморегулација треба да се обезбеди. Атмосферата на вербални напади, кампањи за клевета и заплашување на новинарите не е подобрена – се подвлекува во извештајот на ЕК за Албанија.
Во однос на усогласеноста со европската надворешна политика, во извештајот се вели дека земјата ја задржала целосната усогласеност со сите релевантни одлуки и изјави, вклучително и рестриктивните мерки против Русија, поради војната во Украина.
Србија уназадува во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика
Во новиот годишен извештај што ќе биде објавен денеска, Европската комисија оценува дека во Србија е забележано уназадување во делот на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, истакнувајќи дека некои изјави и постапки на високи српски претставници се во спротивност со надворешната политика на ЕУ.
– Србија е умерено подготвена во областа на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика и бележи назадување во извештајниот период, се наведува во извештајот на Комисијата за напредокот во процесот на пристапување во ЕУ, во делот што се однесува на поглавјето 31, јави српската новинска агенција Бета.
Во извештајот се додава дека усогласеноста со декларациите на високиот претставник и одлуката на Советот за рестриктивните мерки „значително се намали“ од 64 отсто во 2021 година на 45 отсто во август 2022 година.
– Србија не постигна напредок на полето на слободата на изразување и случаите на закани и насилство врз новинарите продолжуваат да предизвикуваат загриженост. Целокупната средина за непречено остварување на слободата на изразување се уште треба дополнително да се зајакне во пракса – објави Европската комисија во извештајот за Србија, објави порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“.
Во извештајот се наведува дека РЕМ донела одлука да додели национални фреквенции на истите телевизиски канали како и во претходниот период, иако тие телевизии „добија и предупредувања од РЕМ за прекршување на нивните законски обврски во претходниот период“.
Комисијата ги повикува највисоките државни функционери во Србија да се воздржат од етикетирање или вербално напаѓање новинари. Исто така, е препорачано да се следат сите закани и вербално насилство врз новинари и обвинетите да бидат кривично гонети.
Властите во Србија, исто така, се повикани да обезбедат транспарентно и правично кофинансирање на медиумските содржини што му служат на јавниот интерес и да ја зголемат транспарентноста во сопственоста и рекламирањето на медиумите.
Во извештајот се наведува дека треба да се заврши процесот на приватизација на медиумскиот сектор и да се спроведе усвоената Стратегија за медиуми.
Комисијата првпат во својот извештај ја споменува државната компанија Телеком и нејзината сопственост во медиумите.
– Неколку судски случаи и постапки поврзани со Телеком Србија, чијшто мнозински акционер е државата, и приватни компании, во Србија и во странство, се во тек, во контекст на високата концентрација на медиумскиот пазар во Србија – наведува ЕК.
Порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“ потсетува и дека Србија првпат од отворањето на преговорите за членство во ЕУ, според ЕК, направи назадување во одредена област, станува збор за поглавјето 31, ШТО се однесува на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
– Србија е умерено подготвена во областа на заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, но во текот на извештајниот период таа уназади, се посочува во финалната верзија на извештајот на ЕК, во кој порталот имаше увид.
ЕК констатирала дека по „неиспровоцираната и неоправдана агресија на Русија против Украина“, Србија ги продолжила блиските односи со Москва, а некои изјави и постапки на високи функционери биле спротивни од надворешна политика на ЕУ.
– Во 2021 година, стапката на усогласеност на Србија со релевантните декларации на високиот претставник се намали на 45 отсто до август 2022 година, се наведува во извештајот.
Се препорачува „земјата да го подобри усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучително и санкциите, и да избегнува акции и изјави кои се во спротивност со надворешнополитичките позиции на ЕУ“.
Србија годинава доби лоши оценки и за така наречените политички критериуми. Иако враќањето на политичкиот плурализам е поздравено, ЕК во својот извештај за Србија истакнува дека политичкиот и медиумскиот пејзаж останува поларизиран и се уште е доминиран од Српската напредна партија и актуелниот претседател.
Кога станува збор за изборите, извештајот на ЕК се потпира на наодите на ОДИХР и наведува дека се забележани бројни недостатоци кои резултирале со нееднакви услови во корист на актуелната власт.
– Заедничкото влијание на неурамнотежен пристап до медиумите, непотребниот притисок врз вработените во јавниот сектор да ги поддржат носителите на функции, значителните нееднаквости во финансирањето на кампањите и злоупотребата на административните ресурси доведоа до нееднаков терен за игра за кандидатите, се истакнува во извештајот.
Се додава дека медиумите ги покриваат сите кандидати за избори, но дека повеќето јавни и приватни радиодифузери со национална концесија го фаворизираат актуелниот претседател и владејачката коалиција, „ограничувајќи ја можноста гласачите да направат целосно информиран избор“.
ЕК, исто така, заклучи дека многубројните повторувања и одложувања во финализирањето на резултатите не придонесоа за подобрување на општата доверба во изборниот процес.
Претходната година, според ЕК нема напредок во дијалогот помеѓу Белград и Приштина. Во извештајот се наведува дека не е постигнат конкретен напредок, иако претседателот Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти договориле редовни средби. И Белград и Приштина се повикани „активно да се ангажираат“ за постигнување „сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација на односите без натамошно одлагање“.
Иако случаите на Крушик и Телеком беа вклучени во два претходни извештаи на ЕП, ЕК досега не ги спомена овие и други познати случаи во своите извештаи. Во претходните години имаше само општи повици до властите во Србија да работат на откривање случаи поврзани со корупција на високо ниво и организиран криминал, но и да ја подобрат општата состојба во медиумите.
ЕК за БиХ ќе препорача условен статус на кандидат за прием во ЕУ
Европската комисија денеска ќе препорача на Босна и Херцеговина да и се додели статус на кандидат за прием во ЕУ, но со одредени услови, објавија медиумите во Сараево.
Конечната одлука за доделување кандидатски статус ќе ја донесе Советот на ЕУ.
Иако во Босна и Херцеговина ништо посебно не се смени на патот кон ЕУ, политичката криза се продлабочи и тензиите се зголемија, Брисел реши да ја „протурка“ заради „мирот дома“, јавија сараевски медиуми.
БиХ ќе добие условен кандидатски статус поради одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит донесени пред неколку дена, се вели во текстот. Се објаснува дека функционерите на одредени земји од ЕУ се незадоволни од одлуките на Шмит, бидејќи тие може да придонесат за „продлабочување на етничката сегрегација, но и нефункционалност на институциите“.
Таквиот став, се додава, не изненадува, бидејќи во Брисел општо е расположението дека ЕУ не е за наметнување на какви било одлуки пред да им се понуди на домашните институции соодветна шанса за решавање на проблемот.
Црна Гора не е целосно посветена на реформската агенда
Владата на Црна Гора и Собранието не успеаја на дело да ја покажат својата посветеност на реформската агенда во однос на Европска Унија, се нагласува во нацрт-извештајот на Европската комисија.
– Поларизацијата на политичките тензии и отсуството на ангажман меѓу политичките партии и неуспехот да се изгради консензус за клучните прашања од национален интерес продолжи и доведе до пад на две поделени влади за време на гласањето за недоверба, јави Радио телевизија на Црна Гора (РТЦГ) повикувајќи се на делови од извештајот.
ЕК наведува дека договорот за Српската православна црква (СПЦ) имал влијание врз политичката атмосфера и предизвикал зголемување на тензиите.
Експертите на ЕК истакнуваат дека не е постигнат напредок во однос на сеопфатната реформа на изборната правна и институционална рамка, вклучувајќи ги препораките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДХИР) по набљудувачката мисија на парламентарните избори во Црна Гора одржани во 2020 година.
Во извештајот е нотирано дека работата на Собранието е обележана со бојкоти на владејачкото мнозинство и на опозицијата, промени во Владата и смена на двајца претседатели на Собранието.
Во извештајот, Црна Гора доби висок рејтинг во однос на усогласеноста со надворешната политика на ЕУ. Се посочува дека земјата целосно ги усогласила сите одлуки на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на Унијата по не испровоцираната агресија на Русија врз Украина.
ЕК тврди дека Црна Гора ги координира своите ставови со позициите на ЕУ, вклучително и Светската трговска организација, и одржува добра соработка со меѓународните организации.
Црна Гора генерално одржува добри билатерални односи со другите земји во процесот на проширување во регионот и со соседните земји-членки на ЕУ, се истакнува во извештајот и се наведува дека станува збор за континуирана соработка.
Сепак, во извештајот се посочува дека односите меѓу Црна Гора и Србија „остануваат предизвик“. Исто така, се додава дека двете страни сигнализираат поголема подготвеност за „ресетирање“ на односите и работа на решавање на отворените прашања.
Во извештајот се оценува дека Црна Гора постигнала само ограничен напредок во правосудниот систем. Спроведувањето на клучните реформи во правосудството остануваат во застој.
Во документот посветен на Црна Гора се споменува дека се извршени долгорочни именувања на судии на високо ниво, додека уште неколку други, вклучително и Уставниот суд, сè уште се чекаат.
Во документот се истакнува дека јавниот радиодифузен сервис РТЦГ продолжил да произведува „политички избалансирана и разновидна содржина“. Во документот се посочува дека е постигнат само ограничен напредок во борбата против корупцијата и дека минатогодишните комисии за препораки биле „само делумно“ исполнето од властите во Подгорица.
Воедно, се оценува дека состојбата во спречувањето на корупцијата е дополнително подобрена, особено поради, како што се смета, позитивниот тренд во работата на Агенцијата за борба против корупцијата.
ЕК во извештајот предупредува дека треба да се направи повеќе за да се обезбеди интегритет, непристрасност и отчетност на Агенцијата и да се подобрат нејзините опипливи резултати и довербата на јавноста.
Во извештајот се наведува дека Црна Гора постигнала „одреден напредок“во борбата против организираниот криминал во однос на препораките од минатата година, особено во однос на ефикасноста на криминалните истраги. Во документот е нагласено дека е вратена целосната употреба на посебните истражни мерки.
Сепак, експертите на ЕК наведуваат дека е неопходно да се зајакнат конкретните резултати во судските одлуки за шверц со тутун и перење пари, користење на финансиски истраги и капацитети за конфискација на приноси од криминал.
Но, заклучуваат експертите на Европската комисија, недостатокот на ефикасно судско следење на важни стари случаи сè уште предизвикува сериозна загриженост.