СЕДУМ КАНДИДАТИ ВЛЕГУВААТ ВО ТРКАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Од вкупно петнаесет кандидати, седуммина ги собраа потребните потписи за кандидирање на претседателските избори во Македонија. Рокот за собирање на потписите истече на 8 март на полноќ, а кампањата ќе започне на 4 април. Сите кандидати веќе имаа некакви активности уште пред започнувањето на официјалната кампања.
Сега е веќе дефинитивно дека седум кандидати влегуваат во трката за претседател на Македонија на изборите што ќе се одржат во два круга, на 24 април и на 8 мај. На листата што ја објави Државната изборна комисија (ДИК) има 15 кандидати, но осуммина од нив не успеаја да ги соберат потребните потписи. Врз основа на собраните и депонирани потписи во Државната изборна комисија, со сигурност во трката за претседател на Македонија влегуваат: Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка и професорка при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кандидатка на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ; Стево Пендаровски, актуелен претседател на Македонија, кандидат на СДСМ; Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, кандидат на ДУИ; и Билјана Ванковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, како кандидатка на партијата Левица. Во трката учествуваат и тројца градоначалници: Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, кандидат на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“; Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, кандидат на новоформираната партија За наша Македонија (ЗНАМ); и Стевчо Јакимовски, градоначалник на скопската општина Карпош. Ви ги претставуваме кандидатите по азбучен ред според нивните презимиња.

БИЛЈАНА ВАНКОВСКА

Основното и гимназиското образование ги завршила во Скопје како првенец на генерацијата. Правниот факултет во Скопје го завршила во април 1982 година, а веќе во 1987 година и магистрирала. Докторирала во 1992 година, исто така на Правниот факултет, на тема за улогата на војската во политиката. Почнала да работи како судиска приправничка во Општинскиот суд Скопје I, за подоцна, во 1983 година, да се вработи како помлада асистентка на Филозофскиот факултет во Скопје. Веќе во 1993 година била избрана за доцентка, пет години подоцна за вонредна професорка, а потоа и двапати, во 2003 и 2008 година, за редовна професорка. Членка е на Стручниот совет за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Билјана Ванковска е препознатлива во јавноста и како активистка во повеќе квалитетни иницијативи за унапредување на општеството и животот на сите граѓани во Македонија.
– Ако на граѓаните не им е прекуглава да избираат меѓу „едните“ и „другите“, сега ќе имаат вистинска различна опција. За мене политиката не е „да се биде или не“ – а кога ќе видите од каков „штоф“ биле разните лидери што нè доведоа до ова дереџе, тогаш баш и не е тешко да станеш функционер. Секако, ако се држиш до линијата што ја поставиле странците… Ние живееме во држава во која и некои ваши колешки пред камера, без да им трепне окото, велат дека некој не може да биде избран без да го одобри американската амбасада. Тоа не е нормално, тоа не е демократска политика – рече Ванковска.

МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ

Основно и средно образование завршува во родниот град, а дипломира на Правниот факултет во Скопје. Политичката кариера ја започнува како млад активист на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Во 2008 година станува дел од Советот на Општина Куманово, а подоцна и претседател од 2012 до 2016 година. Политичката кариера ја продолжува како пратеник во Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност. На локалните избори во октомври 2017 година станува градоначалник на Општина Куманово, а во 2021 година е реизбран за градоначалник на Општина Куманово на локалните избори на 31 октомври како независен кандидат. Тој беше исклучен од партијата кога самостојно се кандидира за градоначалник на Куманово. Во вториот градоначалнички мандат влезе како независен кандидат и ја формира партијата ЗНАМ.
– Ако ме прашате како, тоа ќе го сторам исто како што го направив на локалните избори во Куманово – со нови луѓе во политиката, поддржани со луѓе што имаат искуство, со една нова енергија. Мене, Куманово ме научи како да менаџирам. Тоа сакам да го спроведам на ниво на државата – рече Димитриевски.

СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ

По дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година, Стевчо Јакимовски волонтирал како новинар во спортската и во информативно-политичката редакција на втората програма на Радио Скопје. Исто така, Јакимовски е поранешен репрезентативец на Македонија во карате и петократен републички првак. Стевчо Јакимовски влегол во политиката во 1988 година, како стручно-политички работник во Претседателството на младината на Југославија. Оттогаш тој бил на повеќе раководни функции, меѓу кои: министер за економија и министер за труд и социјална политика. Во текот на својата политичка кариера, Јакимовски променил неколку политички партии: најпрвин бил член на Либерално-демократската партија, потоа преминал во СДСМ, за подоцна да ја формира партијата ГРОМ. Функцијата градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски ја вршел во периодот од 2000 до 2003 година, а потоа во 2009 година, повторно бил избран за градоначалник на Општина Карпош. Првиот мандат како градоначалник на Карпош, Јакимовски го добил како кандидат на Либерално-демократската партија, втората градоначалничка функција ја освоил како кандидат на СДСМ, додека третиот пат настапил како независен кандидат. На локалните избори во 2017 година, Јакимовски повторно се кандидирал за градоначалник, како кандидат на ГРОМ
– Потписите се собрани, битката допрва почнува. Кога не сум фаворит, обично сум најсилен, а првата цел е влез во вториот круг. На Република Македонија ѝ треба храбар претседател, а не марионета. Македонија заслужува искусен политичар, кој знае како да го врати значењето на функцијата претседател на Македонија – изјави Јакимовски.

БУЈАР ОСМАНИ

Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен како министер за здравство на Република Македонија и таа функција ја извршува сѐ до 2011 година. Од 2011 година е специјалист хирург во Универзитетската клиника за дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 година исто така е назначен за секретар за комуникација со јавност при претседателството на Демократската унија за интеграција. Дел од својата специјализација завршува во Лондон, Обединетото Кралство, во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 година е докторанд на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што докторира во јули 2018 година. Од јуни 2017 година е назначен за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. Како предводник на Секретаријатот за европски прашања, Османи наедно ја извршуваше и функцијата национален координатор за распределба на странска помош и ИПА-фондови во земјата. Османи е постојан член на Владиниот кризен штаб за справување со ковид-19, а во првата половина од 2020 година беше назначен за главен координатор на локалните кризни штабови и Кризниот штаб на Град Скопје.

СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ

Зад кандидатурата на Стево Пендаровски, сѐ уште актуелен претседател на Македонија, стои владината партија СДСМ. Поголемиот дел од професионалната кариера го поминал во Министерството за внатрешни работи како безбедносен аналитичар. Во 2000-тите бил советник за национална безбедност и за надворешна политика на двајца претседатели на Македонија, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Пендаровски е универзитетски професор и предава на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Пендаровски првпат бил кандидат за претседател на државата во 2014 година, кога бил кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеал да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат бил кандидат на претседателски избори, овој пат како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и други политички партии. Овој пат, од неговиот тим на 5 март посочија дека тој ја добил поддршката и од коалициските партнери на СДСМ, наведувајќи 13 партии: Нова социјалдемократска партија (НСДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално-демократска партија (ЛДП), Партија на пензионери (ПП), ВМРО-народна партија (ВМРО НП), Партија за движење на Турците во Македонија (ПДТ), Сојуз на Ромите во Македонија, Демократски сојуз на Власите, Партија за општествен и економски напредок (ПОЕН), Странка на демократска акција на Македонија (СДА), Социјалдемократска унија (СДУ), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР) и Партија за европска иднина (ПЕИ).

ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА

Зад кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова стои најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со Cum laude на Правниот факултет во Љубљана во 1994. година Била избрана за асистентка по предметот Политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцентка по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовна професорка во 2004 година. Била членка на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министерка во Владата на РМ (1992-1994). Експертка за избори на ООН и потпретседателка на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа, како и членка на Венецијанската комисија. Авторка е на стотина научни труда за уставното право и политичкиот систем. На конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која се одржала во Струга, Гордана Силјановска-Давкова била избрана за претседателски кандидат. На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска е носител на кандидатска листа за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во изборната единица 1. Од август 2020 год. таа е пратеничка во македонското собрание.
Кандидатката Гордана Силјановска-Давкова немаше обврска да собере 10.000 потписи бидејќи можеше да обезбеди поддршка од 30 пратеници, но сепак реши и ја доби граѓанската поддршка на тој начин.
– Ова е најголемиот доказ и најточен индикатор за тоа колкави се желбата и надежта на граѓаните за промени за подобра иднина. Оваа бројка само ни потврдува дека мораме да останеме посветени на визијата за промени што значат чесно и правично владеење, промени што ќе значат подобар живот за граѓаните дома, промени што значат враќање на достоинството на граѓаните и на државата – соопштија од нејзиниот тим.

АРБЕН ТАРАВАРИ

Средно медицинско училиште завршил во „Панче Попоски“ во Гостивар, а дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998 година. Специјализирал неврологија во 2006 година, а во 2011 година ја одбранил докторската дисертација од областа на Паркинсоновата болест. Во 2010 година станал редовен предавач на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2016 година бил претседател на Одделот на екстрапирамидални болести при Универзитетската клиника за неврологија, а бил член на Одборот на меѓународните медицински списанија „Медикус“ и „Вокс Медичи“. Исто така бил раководител на Одделението за мигрена, главоболки и други синдроми при Универзитетска клиника за неврологија. Арбен Таравари беше министер за здравство од Алијансата на Албанците во 2017 година, а по победата на локалните избори истата година, стана градоначалник на Гостивар. Тој го наследи Зијадин Села на претседателската позиција во Алијансата на Албанците. Зад претседателската кандидатура на Таравари застанаа опозициските партии на Албанците – Демократски сојуз, Беса и Алтернатива.
– Секаде сум појаснил дека во демографијата на Македонија, а според статистиката и последниот попис на населението, 54 отсто се Македонци, околу 31 отсто се Албанци и 15 отсто се припадници на другите етнички групи. Нашата главна цел се секако Албанците и тука очекуваме најмногу гласови, но нашата кампања ќе таргетира и гласови на другите малцинства, како што се Турците, Ромите, Бошњаците, Власите, а ќе таргетираме и гласови од Македонците – рече Таравари. Д.Ст.