Непредвидливата природа на Трамп: Како исказите и ретерирањата за исти работи, изречени од претседателот на САД, стануваат американско тактичко оружје?!

  • Кога претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во рок од 24 часа испраќа две дијаметрално спротивни пораки за можноста за преговори со Иран, односно прво дека ќе разговара, а потоа дека е „предоцна“ – тоа не е само комуникациска недоследност. Тоа веројатно е некаква политичка тактика. И за американските царини беше идентично. Сепак, тој е избран за претседател на една од светските сили… Не може таквото однесување да биде само каприц или негов персонален карактер? Па тој го има црвеното копче на располагање, нели? Затоа, многумина веруваат дека тоа е една длабоко промислена и усвоена доктрина. Само каква?

Во ерата на социјалните мрежи, каде што државните, па и светските лидери директно комуницираат со јавноста, традиционалната дипломатска етикеција и воздржаност се заменети со импулсивна реторика и однесување. Но кога тоа го прави претседател на најмоќната држава во светот, последиците не се само медиумски. Тие имаат многу поголема специфична тежина и рефлексиите се геополитички.

Непредвидливоста како стратегија

Според нашите соговорници, дипломат, политиколог и еден социјален психолог, во меѓународните односи постои концепт познат како теорија на лудиот (во оригинал „madman theory“), најчесто како пример отсликуван и поврзуван со практиките на поранешниот 37. претседател на САД, Ричард Никсон.
– Лајтмотивот на теоријата на лудиот е дека ако противникот верува дека лидерот е непредвидлив и способен за радикални потези, ќе биде поподготвен на отстапки од страв од ескалација. Во тој контекст, контрадикторните изјави може да се толкуваат како дел од тактика на „создавање стратегиска неизвесност“. Така, во овој случај, ако Иран, или која било друга држава, не може да предвиди дали ќе следуваат преговори или напад, тогаш се наоѓа во позиција на постојана несигурна и одбранбена калкулација – велат нашите соговорници, на кои оваа тактика на лидерите им е веќе препознаена.
Но стратегиската непредвидливост има рок на траење. Таа функционира само ако другата страна верува дека зад хаотичната реторика стои јасна и кохерентна стратегија. Во спротивно, хаосот престанува да биде алатка и станува слабост.

Фрагментација на глобалниот поредок

Меѓународниот поредок се темели на предвидливост. Сојузите, договорите, трговските односи и безбедносните гаранции функционираат затоа што државите претпоставуваат континуитет во политиката, без оглед на персоналните промени на власт. Нашиот соговорник, дипломат од кариера, го дополнува овој одговор со професионална забелешка.
– Кога лидер на суперсила често ги менува ставовите, и тоа од најави за разговор до категорично одбивање, тоа ја разнишува довербата не само кај противниците туку и кај сојузниците. И партнерите и противниците се преслушуваат и се прашуваат: дали денешниот договор ќе важи и утре? Во една ваква клима на непредвидливост, наметната во случајов од Трамп, вообичаено, државите се ориентираат кон две стратегиски насоки. Имено, првата е „диверзификација на сојузништвата“, а втората е „обид за засилување на сопствената автономија“. Некогаш и двете доаѓаат во комбинација, како одговор на „непредвидливиот лидер и неговите црно-бели ставови“. Но во секој случај, овие реакции на државите апсолутно водат кон постепена „фрагментација на глобалниот поредок – вели нашиот соговорник – дипломат од кариера, во прилог на тезата дека навистина светот се фрагментира и по оваа основа, во еден нов мултиполарен поредок.

Контрадикторните лидерски пораки за внатрешнополитичка употреба, но со надворешно политички последици

Контрадикторните пораки често имаат и внатрешна публика и се насочени за внатрешнополитичка употреба, што се нарекува домашна јавност. Во американскиот политички контекст, острата реторика кон Иран мобилизира дел од електоратот што ја поддржува политиката на „цврста рака“. Истовремено, изјавите за подготвеност за разговор оставаат простор за дипломатски маневар и за претставување како лидер што „преговара“ (секако од позиција на сила, но сепак – разговара). Така, лидерот што пласира изјави што по своја суштина се спротивни, всушност на некој начин мобилизира или, поточно кажано, „тој не сака грубо да се дистанцира од електоратот што се изјаснува дијаметрално различно во јавноста за некои политички прашања, така што со тој негов систем на комуникација со јавноста (идентификуван како „контрадикторни лидерски пораки“), лидерот остава подотворена врата за поширок аудиториум и електорат што нема да го отфрли него како кандидат за сегашен (и нареден) лидер.
Но кога надворешната политика станува продолжение на внатрешната политичка тактика, глобалната стабилност станува колатерална штета. Сојузниците не гласаат на американски избори, но ги чувствуваат последиците од американските, во случајов Трамповите изборни стратегии. Историјата бележи харизматични, импулсивни и идеолошки ригидни државници. Но разликата денес е во брзината и транспарентноста на комуникацијата. Изјавата дадена на социјална мрежа веднаш станува глобален сигнал. Една реченица може да влијае врз цената на нафтата, берзите или врз безбедносните процени на цели региони.

Моќта на непредвидливоста и нејзината цена

Непредвидливоста може краткорочно да создаде предност во преговарачка смисла. Но долгорочно, кредибилитетот е најсилната валута на една држава, велат нашите соговорници.
– Ако партнерите и противниците престанат да му веруваат на зборот на американскиот претседател, тогаш секоја изјава, без разлика дали е закана или понуда за мир, ќе се прима со резерва, или уште полошо, со сомнеж, неувереност, колебање, па дури и со мрачни мисли… Во свет во кој нуклеарните сили, регионалните конфликти и економските кризи се испреплетени, непредвидливоста како концепт, навистина може да биде инструмент. Но таа лесно може да стане системски ризик. Прашањето, затоа, не е само каков е овој американски државник. Прашањето е дали глобалниот поредок може да ја апсорбира и да ја нормализира ваквата политика и дали вистински ќе се трансформира поради неа и (непредвидливиот лидер) кој ја практикува. Затоа што во основа трансформацијата на глобалниот униполарен систем во мултилатерален би требало да ја придвижуваат стабилни лидери, а не непредвидливи, и тоа на начин на кој ним ќе им се верува и со нивните постапки ќе бидат веродостојни, за да може да се отфрли досегашната либерална доктрина, која се потпира на глобализам, униполарност и која ја редефинира демократијата по повеќе основи, а да се вратат на светската сцена традиционализмот, сувереноста, моралот, етиката, семејството, спортот, религијата… П.Р.