фото: Пекселс

Големиот ветерен парк за производство на електрична енергија на источниот брег на САД нема да биде завршен. Одлуката за суспендирање на инвестициите вредни дури пет милијарди долари ја донесе администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп

Шок за зелената агенда од Вашингтон

„Емпајар винд 1“ (Empire Wind 1), првиот проект во масовна изградба на пловечки ветерни електроцентрали во близината на брегот на Лонг Ајленд, САД, е запрен. Иако тој имаше цел да создаде повеќе од 1.500 работни места и со изградба на 54 турбини на ветер да напојува со струја околу 500.000 американски дома, деновиве американскиот секретар за внатрешни работи Даг Бургум ѝ нареди на Канцеларијата за управување со океанската енергија да ја запре целата работа на проектот. Во образложението проследено во јавноста пишува и дека ќе се ревидираат некои одлуки на претходната администрација и „во очекување на понатамошно разгледување на информациите што сугерираат дека администрацијата на Бајден избрзала со одобрувањето без доволна анализа“.

Големите грди ветерници се закана за дивиот животински свет

Откако ја презеде функцијата во јануари, Доналд Трамп изрази силно противење на офшорската ветерна енергија, велејќи дека нема да поддржува „големи грди ветерници“, кои му се закануваат на дивиот свет. Во февруари неговата администрација ги отпушти вработените во институцијата Национална управа за океани и атмосфера што ги следеа влијанијата на проектите за ветер на морето врз морските диви животни.
Норвешката компанија „Еквинор“ потпиша договор за изградба на т.н. офшор фарма на ветер во близината на брегот на Њујорк за време на администрацијата на Бајден. Проектот беше лансиран во средината на 2024 година и се очекуваше да ги обезбеди првите испораки на електрична енергија во 2026 година, но сега е очигледно дека од тоа нема ништо.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и неговите советници со голема веројатност „ќе го туркаат враќањето на фосилните горива“. Трамп и претходно ја критикуваше енергијата на ветерот како непостојана и како закана за морскиот жив свет, нарекувајќи ја „најскапата и еколошки најнепријатна“ форма на енергија, а самите турбини, според него, дури и убиваат китови. Во предизборната кампања најави и укинување на поддршката за овој вид инвестиции.
Почнувајќи од јануари 2025 година, новите проекти мора да се усогласат со федералните ограничувања за дозволи и лиценци. Сојузникот на Трамп, конгресменот Џеф Ван Дру, отворено ги нарече офшор проектите (како што е „Емпајар винд“) „економска и еколошка катастрофа“. Р.С.