Во врска со соопштението на Претседателството на МАНУ до јавноста од 29 јануари 2026 година, а по повод мојот текст објавен во дневниот весник „Нова Македонија“ на 24/25 јануари 2026 година, во чии рамки се истакнува заклучокот на Претседателството дека со мојот напис се нанесува голема штета и се нарушува угледот на Академијата, апсолутно се согласувам дека веќе ѝ е нанесена голема штета на Академијата и дека нејзиниот углед е нарушен, како што не е видено досега, но не поради мојот напис, туку поради систематското непроцедурално и непрофесионално претседателствување со органите на МАНУ и извршување на обврските на оваа функција од страна на актуелниот претседател на МАНУ. Оттука, во услови кога на седниците на Претседателството на МАНУ „духот на аргументираниот дијалог и расправа“ одамна се распрсна и замина во вечноста, цврсто сум убеден дека молчењето и прикривањето, всушност, повеќекратно ѝ нанесуваат штета на Академијата по сите основи, отколку пишувањето, говорењето и укажувањето, на коишто им претходеше период што се граничи со анархија, дивеење и разнебитување. Ќе ги потсетам членовите на МАНУ во работниот состав, сегашниот и поранешните претседатели на МАНУ дека одлуките на Претседателството на МАНУ потпишани од Претседателот на МАНУ, академик Попов, вклучуваат: донесување процедурално незаконски одлуки; одлуки донесени за да „озаконат“ незаконски дејства сторени во минатото или, пак, спротивно на интерните акти на МАНУ; верификување на актите проследени до надлежните инстанции кои не обезбедуваат правна сигурност и веродостојност на интерните акти на МАНУ и на одлуките на Претседателството на МАНУ; подготвување неверодостојни записници и нивно непроцедурално усвојување итн. Притоа уште еднаш ќе подвлечам дека одлуките на Претседателството на МАНУ се достапни на увид за сите – тие се јавни, некои се веќе достапни, а други, набрзо, ќе бидат достапни во билтените на МАНУ.
Во соопштението се наведува и дека: „Претседателството со индигнација во целост ги отфрла изнесените наводи во написот како неаргументирани и невистинити и дава целосна поддршка на работата на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов“. Оттука, може да се констатира дека МАНУ, под Ваше раководство, академик Попов, за жал, секојдневно сѐ повеќе тоне, работејќи според максимата „кадија те тужи кадија ти суди“. Но, уште повеќе изненадува селективниот и дискриминирачки пристап на органот при одлучувањето за ваков тип прашања. Па така, при истакнат сомнеж за нерегуларност во одреден сегмент од работењето на поранешно вработен во МАНУ, Претседателството формира тим кој фактички работи на обелоденување на случајот и на коригирање на настанатите пропусти и грешки во работењето, што веројатно ќе биде презентирано и пред највисокиот орган на МАНУ, додека, пак, при процедурално истакнување на многубројни сомнежи за нерегуларности во работењето од страна на поранешниот претседател на МАНУ, најнапред пред Претседателството, а потоа и пред јавноста, Претседателството јавно мене ми припишува вина и го осудува мојот настап пред јавноста за обелоденување на дел од фактите и од аргументите по ова прашање, и во целост, дури и со индигнација, ги отфрла изнесените наводи, без претходно тие да бидат преиспитани во соодветна легитимна постапка (ослободена од конфликт на интерес на заинтересираните страни), а дури потоа да бидат и, евентуално, аргументирано отфрлени. Во 2025 година МАНУ од независна институција во Република Македонија со посебен законски статус, што е основана од Собранието и има мандат да ја поддржува, координира и развива научната и уметничката дејност во државата, се претвори во институција во која сопствените незаконски дејства, а ги има исклучително многу, ги прогласи за техникалии. Меѓутоа, ниту де јуре ниту де факто одлуките на Претседателството на МАНУ потпишани од Претседателот на МАНУ не може да се сметаат за техникалии.
Впрочем, содржината и целисходноста на соопштението на Претседателството говорат самите по себе – потребата да се (само)заштити Претседателот на МАНУ позиционирајќи се зад органот со кој тој претседава (во насока на продолжување на Вашето перманентно затскривање зад Претседателството на МАНУ наместо негово предводење земајќи го предвид концептот на одговорност), наместо отворање легитимна постапка по истакнатите сомнежи, само потврдува дека Вие, претседателе на МАНУ, и по истекот на две години од Вашиот мандат, не успеавте да ја прифатите и да се соочите со пропишаната управувачка одговорност на функцијата Претседател на МАНУ, што само уште повеќе ги подгрева сомнежите за укажаните нерегуларности во институционалното работење под Ваше претседателствување.
Дали членовите на Претседателството на МАНУ се одговорни за незаконските одлуки што ги носи Претседателството а ги потпишува Претседателот на МАНУ? И ако да, за какви одговорности станува збор? Мислителите и филозофите разликуваат неколку вида одговорност: индивидуална одговорност (преземање одговорност за сопствените постапки, одлуки, однесувања и нивните последици); морална одговорност (подразбира одговорност врз основа на етички, религиозни или принципи водени од совеста); социјална одговорност (обврски за позитивен придонес кон општеството, заедницата или животната средина); професионална одговорност (должности поврзани со одредена работа, позиција или улога во рамките на организацијата); правна одговорност (одговорност наметната со закони и други правни акти); колективна одговорност (одговорност споделена од група, тим или организација за своите постапки).
Според Статутот на МАНУ, Претседателот „ги потпишува актите донесени од Собранието и од Претседателството и го следи нивното извршување“ и Претседателот „е одговорен за законитоста во работата на Академијата“. Колективното гласање создава колективен акт, но не создава колективна одговорност – таа одговорност, според моето мислење, мора да биде изречно пропишана, и во тој случај членовите на органот ја носат одговорноста за своите постапки. Фактот дека одлуките се донесени со мнозинство гласови не создава колективна одговорност на членовите на органот, доколку таква одговорност не е предвидена со закон или со статут, тогаш одговорноста, според Статутот на МАНУ, е индивидуална. Оттука, иако одлуката е донесена како колективен акт, ако е утврдено дека не бил воспоставен соодветен систем за обезбедување законитост во работењето, во согласност со Статутот, одговорноста паѓа на законскиот застапник на институцијата. Бегањето од пропишаната одговорност на актуелниот претседател на МАНУ уште на почетокот на неговиот мандат целосно го руинира воспоставениот институционален систем. Доколку Претседателот на МАНУ им наметнува на членовите на МАНУ колективна одговорност за законитоста на одлуките, тогаш би замолил Претседателот на МАНУ јавно да ја предочи правната основа на која се засноваат неговите констатации во делот на одговорноста, како и да појасни на што се сведува децидно пропишаната одговорност на претседателот на МАНУ за законитоста во работата на Академијата! Понатаму, дали членството на МАНУ е свесно дека, според ваквото толкување на актуелниот претседател на МАНУ, секој член на МАНУ носи индивидуална одговорност и е исправен пред законот при донесувањето евентуални незаконски одлуки, решенија и акти, во чиј процес, на кој било начин, зел учество, иако Собранието избрало претседател како одговорно лице за системско обезбедување на законитоста во работењето на Академијата! Во однос на самоволието на актуелниот претседател на МАНУ, ќе подвлечам дека „читањето“ на Законот и на Статутот на МАНУ низ призмата на актуелниот претседател беше нешто незамисливо во времето на претходните претседатели, а поранешните претседатели, пак, ниту си дозволуваа лични интерпретации (во своја полза) на „светите писма“ за институцијата.
За жал, МАНУ веќе подолго време е институција без демократски капацитет. Повеќе од очигледно е дека Претседателството на Академијата нема намера да свика седница на Собранието на МАНУ на којашто во „духот на аргументираниот дијалог и расправа“ ќе се разгледаат моите аргументи – јас со индигнација во целост ја отфрлам идејата дека расправата на моите сомнежи треба да се одвива на седница на Претседателството. Притоа, ако воопшто Претседателството се охрабри да свика седница на Собранието, барам, врз основа на Статутот на МАНУ, работата на таа седници да биде јавна, предлагајќи на седницата да бидат поканети и надворешни гости, вклучувајќи претставници на печатот и на другите средства за јавно информирање. Но, бидејќи тоа нема да се случи, дотогаш мене ми останува единствен избор јавно да се обраќам. Загриженоста за иднината на МАНУ, повикувајќи се на изреката Hannibal ante portas, ќе ја преточам во „претседателот е пред портите“, опишувајќи ја непосредната закана на МАНУ од нејзиниот претседател и неговото незаконско, неправедно и небулозно водење на Академијата.
































