Фото/Илустрација: Пиксабеј

Жена што одбива да има сексуални односи со својот сопруг не смее да се смета од страна на судовите како „виновна“ во случај на развод, одлучи Европскиот суд за човекови права, кој во овој предмет ја осуди Франција

Интересно рочиште пред Европскиот суд за човекови права во кое Франција го загуби случајот

Жена што одбива сексуални односи со својот сопруг не смее да се смета од страна на судовите како „виновна“ во случај на развод, одлучи Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој ја осуди Франција во четвртокот на 23 јануари. Судот пресуди во корист на жалителката, 69-годишна Французинка чиј сопруг добил развод на бракот исклучиво по вина на неговата сопруга, со образложение дека таа престанала да има сексуални односи со него неколку години.
Во својата пресуда судот што заседава во Стразбур потсетува дека „секој сексуален чин без согласност претставува форма на сексуално насилство“. „Судот не може да прифати, како што сугерира владата (француската во случајот како обвинета), дека согласноста за брак подразбира согласност за идни сексуални односи. Таквото оправдување веројатно ќе го отстрани силувањето во брак од неговата казнива природа“, посочува ЕСЧП.
– Се надевам дека оваа одлука ќе означи пресвртница во борбата за правата на жените во Франција – реагираше жалителката во соопштението за печатот испратено од нејзината адвокатка Лилија Мхисен.

„Архаична и канонска визија“ на бракот

Во јули 2018 година судијата за семејни работи на Основниот суд во Версај пресуди дека разводот не може да се изрече поради вина и дека здравствените проблеми на сопругата биле по природа да го оправдаат трајното отсуство на сексуалност кај брачната двојка. Но во 2019 година Апелацискиот суд во Версај го изрече разводот исклучиво по вина на сопругата, сметајќи го нејзиното одбивање „интимни односи со нејзиниот сопруг“ како „вина“. Жалителката поднела жалба, која била одбиена.
Сопругата потоа стапила во контакт со ЕСЧП во 2021 година, потпирајќи се на членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на правото на почитување на приватниот и семејниот живот.
– Оваа одлука го означува укинувањето на брачната должност и архаичната и канонска визија (во согласност со правилата на Католичката црква, забелешка на новинарот) на бракот – изјави адвокатката Мхисен.

„Заедница за кревети“

Истакнувајќи дека одбивањето да се потчини на „брачната должност“ може да се смета како вина што го оправдува изрекувањето развод, Европскиот суд смета дека „самото постоење на таква брачна обврска е и спротивно на сексуалната слобода и на правото да располага со своето тело и позитивната обврска за превенција која им тежи на државите договорнички (потписнички на Европската конвенција за човекови права) во борбата против семејното и сексуалното насилство.
За Емануел Пиет од Феминистичкиот колектив против силување (ЦФЦВ), кој ја поддржа жалителката, „Франција мора да признае дека Европскиот суд за човекови права смета дека бракот не подразбира обврска за сексуални односи меѓу брачниот другари и затоа членовите 215 и 212 од Граѓанскиот законик да се изменат.
Членот 215 од Граѓанскиот законик на Франција пропишува дека „брачните другари меѓусебно се обврзуваат да живеат заедно“, а членот 212 дека „брачните другари си должат меѓусебно почитување, верност, помош, поддршка“. За Делфин Зугеби, адвокатката на жалителката, „денешната одлука ќе биде обврзувачка за француските судии, кои повеќе нема да можат да сметаат дека заедницата на животот подразбира заедница на кревети“.

„Ми беше невозможно да прифатам и да останам на тоа“

Со живеалиште во Чеснај (Ивелин), жалителката, која сака да остане анонимна, поднела барање за развод во 2012 година. Таа се жалела и до Касациониот – Врховниот суд на Франција, но била одбиена
Таа контактирала со ЕСЧП во 2021 година, поддржана од Феминистичкиот колектив против силување и Женската фондација.
– Ми беше невозможно да прифатам и да останам на тоа. Одлуката на Апелацискиот суд со која ме осуди беше и е недостојна за цивилизирано општество, бидејќи ми го ускрати правото да не се согласувам на сексуални односи, лишувајќи ме од слободата да одлучувам за моето тело. Тоа само ги увери мојот сопруг и сите други сопружници во правото да ја наметнат својата волја – објасни таа во соопштението за печатот во четвртокот.
Радувајќи се на одлуката на ЕСЧП, шеесетгодишната мајка на четири деца оцени дека „оваа победа е за сите жени што, како неа, се соочуваат со неправилни и неправедни судски одлуки, доведувајќи ги во прашање нивниот телесен интегритет и нивното право на приватност“.
Адвокатката Зугеби потврди дека „отсега бракот повеќе не е сексуално ропство. Оваа одлука е уште пофундаментална со оглед на тоа што речиси едно од две силувања е извршено од брачен другар или партнер“.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур