Што се смени од потписот на Преспанскиот договор пред 6 години? Најголемите промени беа на штета на Македонија - но и на меѓународното право / Фото: ЕУ

Ниту потписникот на Преспанскиот договор од грчка страна, Никос Коѕијас, ниту премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, ниту пак „умерениот“ Ципрас не кријат дека ни го усмртиле идентитетот. Дека ни го зедоа името Македонија и дека на официјално ниво ни ја одзедоа и придавката македонски. Преспа, грубо кажано, ја сведе македонската нација името Македонија да го користи дома. Вакво прекршување на меѓународното право и во исто време тоа да биде толерирано од меѓународната заедница, светот не видел од самото востановување на меѓународното право и институциите од оваа област

ШЕСТ ГОДИНИ ПО СРАМНОТО ПОТПИШУВАЊЕ ВО НИВИЦИ

Годишнината од срамното потпишување на Преспанскиот договор во пограничното село Нивици (Парадес) на различни начини е одбележана во Грција и во Македонија и тоа многу кажува каков однос има јавноста кон него. Додека во Грција на големо се промовираат придобивките од тој договор, кои се како еднонасочна улица, односно главно капиталот оди на контото на Атина, во Македонија Преспанскиот договор се одбележува на ниво на билтен за црна хроника. А и за меѓународното право е јасно: Преспанскиот договор и неговите потписници ги погребаа токму тоа право и правдината.
Во Македонија е јасно, а сега откако од Европската Унија стигнуваат пораки дека проширувањето е под сериозна закана (а тоа е факт од поодамна), дека преспанските камбани чукале за опастанокот на Македонија и Македонците како жив етнос, оти ниту потписникот Никос Коѕијас, ниту премиерот Киријакос Мицотакис, ниту пак „умерениот“ Ципрас не кријат дека ни го усмртиле идентитетот. Дека ни го зедоа името Македонија и дека на официјално ниво ни ја одзедоа и придавката македонски. Преспа, грубо кажано, ја сведе македонската нација името Македонија да го користи дома.

ПОРАКИТЕ ОД КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВО АТИНА ГО СКЛОПИЈА МОЗАИКОТ

Придобивките од Договорот од Преспа, како за двете земји, така и за поширокиот регион, периодот на преговорите, спроведувањето и од Скопје и од Атина, ставовите на Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, но и ЕУ-перспективата на земјава, беа дел од темите во фокусот на двете одделни панел-дискусии на конференцијата за мир и одржлив развој организирана од фондациите на Ципрас и на Заев. На едната панел-дискусија учествуваа поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, а на другата медијаторот Метју Нимиц и поранешните шефови на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас.
Заев им ја раскажа на присутните старата легенда за Преспанско Езеро, приказната за заљубената девојка Преспа, коментирајќи дека наспроти легендата, која е измислена, „нашиот договор е убава реалност“, а потоа нагласи: „Најголемата награда е самиот мир“.
Мир е клучниот збор и вреди да се фатиме за него. Зашто приемот на Република Македонија во ООН беше блокиран од Грција, а една од причините е што Македонија била закана за мирот, односно самото име Македонија содржело во себе безбедносна закана, односно иредентизам. Како ООН падна на овој грчки дипломатски трик е многу интересно за анализа, но на некој начин ОН се „извадија“ кога по тужбата на Македонија против Грција пред Меѓународниот суд на правдата донесоа јасна пресуда дека Македонија не може да биде обвинета за иредентизам. Дека самото име Македонија не значи ширење иредентизам, оти името е историски факт.
Ова нѐ доведува до заклучокот дека всушност Грција била таа што била и е закана по мирот, односно по стабилноста и безбедноста на Македонија. Докази има премногу – од економското ембарго на почетокот на 1990-тите години на минатиот век, забраната за влез на голем број македонски државјани, непризнавањето на патните документи, нерешавањето имотноправни случаи на егејски бегалци, до бруталното вмешување во политички и економски текови во нашата држава. За некои од нив пишуваше и покојниот претседател Киро Глигоров во мемоарите „Македонија е сѐ што имаме“.
Овој пат грчката политика, но и перјаниците на Преспанскиот договор Заев и Никола Димитров постојано испраќаат предупредувачки пораки Мицкоски да се држи до договорот. Или… Или што? Дали всушност стратегијата е да се предупредува Мицкоски, но всушност да се нишанат сите оние што не се задоволни од Преспанскиот договор, односно преку идниот премиер да се испраќа порака до илјадниците што му дадоа поддршка и всушност уште утре на референдум би си го вратиле своето старо, историско, наследено и уставно име?

КАКВА ДРСКОСТ НА ЦИПРАС: МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ЈА СНЕМА (?!)

– Оптимист сум секогаш и се трудам да бидам и сега. Ќе ја искористам конференцијава да испратам јасна порака за идниот премиер на С. Македонија, Христијан Мицкоски. Тој никогаш не се закани дека ќе го поништи Договорот од Преспа, потврди дека тој ќе остане. Исто така јавно кажа дека ќе го користи писмено името Северна Македонија, но нема да го кажува – рече поранешниот премиер Зоран Заев на меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина, додавајќи дека ако не го користи името Северна Македонија, Мицкоски ќе ги прекрши законот, Уставот и меѓународниот договор.
Тој додаде дека Мицкоски треба да биде лидер и да ги следи Уставот и законите и, како што најави, дека ќе го користи официјално името на државата, да го употребува секаде.
– Исто така пораката за Мицотакис – бидејќи ја поддржува Северна Македонија на нашиот пат кон ЕУ, тој видливо се бореше за интеграција на Северна Македонија и цел Западен Балкан. Исто така и економската соработка се зголемува меѓу двете земји, а и Грција го штити (македонското) нашето небо. Тоа се трите меморандуми, што ги спроведува, но не ги ратификува – рече Заев.
Тој му порача на Мицотакис да ги ратификува меморандумите што се за заштита на македонското небо, работа на економската соработка и помош за Северна Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ.
– Христијан Мицкоски мора да се помири со реалноста и со името на државата, бидејќи во спротивно ќе има тешки предизвици. Не зборуваме само за европската перспектива туку за опстанокот на Северна Македонија. Тоа е важно и за Грција, бидејќи ние сакаме стабилност кај северниот сосед – рече поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Ако Грција сакала стабилност кај северниот сосед и нејзин опстанок, тогаш зошто три децении ја опструираше и не дозволуваше таа да стане дел од ЕУ, по принципот на двојната формула за името, бидејќи земјава можеше да стане дел од ЕУ заедно со Бугарија и Романија? Дали држејќи ја во изолација, всушност грчките намери беа да се распадне земјата и конечно да се затвори македонското прашање на Балканот?


Куриозитет на меѓународната конференција за мир во Атина
Заев направи лапсус употребувајќи ја придавката македонски, па беше прекорен да користи „северна“

На меѓународната конференција за мир во Атина поранешниот премиер на Македонија зборуваше за трите меморандуми што треба да ги ратификува Грција, а кога кажа дека е горд што грчките авиони „го штитат македонското небо“ веднаш беше поправен со висок тон од соговорничката:
– Северна Македонија – рече таа, како да е зачудена од речникот на Заев.


Мицотакис отсутен, зошто?

Премиерот нема да присуствува на конкретната иницијатива, кусо одговори портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис на новинарско прашање на денешниот брифинг со новинарите за тоа дали евентуално грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис би присуствувал на дводневната меѓународна конференција.
Во врска со средбата на претседателката Силјановска-Давкова со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, на маргините на самитот за мир во Швајцарија, владиниот портпарол рече дека „не постои нешто повеќе што можеме да кажеме“ и уште еднаш ги повтори грчките позиции во однос на нашата земја.
– Многупати ги имаме повторено нашите позиции и потребата и Северна Македонија да го почитува она што е изгласано и ратификувано и покрај нашите искажани приговори кога имавме можност да го сториме тоа пред гласањето на Договорот од Преспа. Очекуваме да видиме опипливи потези и овде сме да ги коментираме – рече Маринакис.
Тешко е да се претпостави, а камоли да се случи премиерот Мицотакис да дојде на конференција организирана од двајца бивши премиери, и покрај тоа што таму отиде посредникот на преговорите Метју Нимиц. Мицотакис си има своја агенда, тој растури на европските избори во Грција, а за прашањата со „Скопје“ тој има јасен став и позиција. Меморандумите ќе ги чува во фиока како свое оружје, а главното е вето за почеток на преговори со ЕУ.

Христо Ивановски