Илустрација: „Нова Македонија“. При изработката е користена АИ-технологија

Политичката свест кај пратениците созрева во национална, преку односот кон воените злосторства и државниот суверенитет

Во македонскиот парламент се случи нешто што дел од политичките аналитичари веќе го оценуваат како пресврт со историски размери во поновата политичка историја на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своето отсуство на наједноставен можен начин ја блокираа можноста за донесување резолуција за поддршка на поранешните водачи на УЧК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, за да биде ставена на дневен ред на Собранието.
Споменатата резолуција беше поднесена од коалицијата Европски фронт, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), но поради немање кворум во Комисијата за надворешна политика, иницијативата не стигна до пленарна расправа.

Отсуството на мнозинството пратеници е јасно изразена порака и политички став

Иако формално станува збор за неприсуство, суштински се работи за јасно политичко позиционирање и согласност на бројна група пратеници од двете најголеми политички партии. Имено, за првпат по подолг период, пратеници од двете горенаведени најголеми парламентарни групи демонстрираа заемно усогласен став во врска со неподдржување лица обвинети за воени злосторства.
Според експертите со кои се консултиравме, изборот на „помек“ политички инструмент – бојкот наместо директна конфронтација – е чиста порака, со внимателно одмерен чекор.
– Отворена расправа и гласање може да предизвикаат длабоки политички потреси, како и нови линии на поделби – велат аналитичарите, додавајќи дека на овој начин беше испратена порака без дополнителна ескалација, но навистина многу слоевита и за крупни работи што од 2001 година се туркаат „под тепих“.

Во наредната пригода дебатата ќе се случи, но кои ќе бидат последиците и по кого?

Според соговорниците, доколку резолуцијата влезеше во собраниска процедура, неизбежно ќе се отвореше прашањето за т.н. „македонски хашки случаи“ и нивното репроцесирање. Дел од правните експерти укажуваат дека идеолошките и оперативните врски помеѓу структурите на УЧК и настаните од 2001 година во Македонија би станале предмет на жестока расправа.
Токму избегнувањето таква конфронтација, според одредени толкувања, ја објаснува одлуката за неприсуство – како начин да се изрази принципиелен став без да се отвори фронтален судир со потенцијално далекосежни политички последици, зашто во моментов можеби и не се докрај созреани условите за таков темелен облик на расчистување на баластот, за кој има „придонес“и меѓународната заедница.
Второ, во потконтекст некои го препознаваат и предизвикот на прашањето за Законот за бранителите, чиј третман со години предизвикува тензии во Собранието. Претставници на албанскиот политички блок, произлезен од поранешните структури на УЧК, подолг период ја блокираат работата на Комисијата за социјална политика во врска со блокирањето на ова законско решение.
– Актуелното премолчно коалицирање на двете најголеми партии не треба да се гледа како директна последица на спорот околу Законот за бранителите, туку како поширок процес на политичко созревање. Либералната доктрина во која еден од фундаменталните принципи е „владеење и наметнување на „малцинството над мнозинството“ веќе не минува или сѐ потешко се прифаќа. Тоа се неолиберални инструментариуми за создавање кршливи и нефункционални држави, по воен конфликт, со конкретни алатки како „Бадентерови/двојни мнозинства“ на одлучување, потоа некакви етнички формули и слично, наместо мериторни принципи и стандарди. Македонија веќе го мина тој историски период, во кој, за жал, ги распродаде и своето име, идентитети инсигнии и стана непрепознатлива и по својот карактер и по својот устав. Коалицирањето по основ на неподдршката на воени злосторства значи само зачекорување по патот на владеењето на правото, правната држава што веќе треба да влезе во фаза на еден функционален ентитет.

Кон нова резолуција за 2001 година – за карактерот на воениот судир, за да сме начисто кој е бранител, а кој агресор

Во политичките кругови сè погласно треба да се споменува можноста Собранието да пристапи кон донесување нова резолуција – овој пат за „карактерот на воениот конфликт од 2001 година“.
Таков документ би имал за цел прецизно да ги дефинира контекстот на судирот, улогите на засегнатите страни и односот меѓу легалните безбедносни сили и другите паравоени вооружени формации.
– Ова би претставувало „ресетирање“ на институционалниот однос кон тој историски период, со јасно дефинирање на агресијата врз уставниот поредок и недвосмислено раздвојување на државните бранители од оние што дејствувале надвор од институционалната рамка – велат нашите соговорници.
Затоа, историското иако премолчно коалицирање околу неподдршката на обвинетите за воени злосторства отвора поширока и подлабока размисла за насоката во која се движи македонската политика и дали станува збор за почеток на нов консензус околу темелните државни прашања.
Без оглед на мотивите, пораката што произлезе од Собранието е јасна: Во највисокиот законодавен дом сè поочигледно се гради став дека политичките калкулации не смеат да бидат над принципите на државноста, над Уставот и законите и над интересот на нацијата (како што бевме сведоци за примерот на македонските хашки случаи).
И за крај, некои од соговорниците оптимистички кажаа дека доколку овој коалициски историски настан во Собранието продолжи како тренд, Македонија би можела да отвори нова страница – страница на појасно дефиниран државен и национален интерес, на поголема институционална зрелост и на поцврста определба за владеење на правото како темел на својот идентитет и иднина.