фото: Маја Јаневска - Илиева

Претседателот на техничката Влада на Македонија, Талат Џафери, на првата седница на новоизбраниот владин состав, ги информираше членовите на техничката Влада дека за заменици на претседателот во техничката Влада ги определи:

м-р Бојан Маричиќ, прв заменик на претседателот во техничката Влада на Македонија, задолжен за европски прашања.

д-р Артан Груби, заменик на претседателот во техничката Влада на Македонија, задолжен за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Фатмир Битиќи, заменик на претседателот во техничката Влада на Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции.

м-р Славица Грковска, заменик на претседателот во техничката Влада на Македонија, задолжена за политики на добро владеење.

На првата, конститутивна седница на техничката Влада, Џафери порача дека нивна клучна задача ќе биде организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Ги соопшти очекувањата од работата на Владата во делот на организацијата и спроведувањето на претстојните избори и за реализацијата на тековните валдини обврски во интерес на граѓаните.

-Пред нас е една клучна задача, подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Во таа наша задача, имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со Државната изборна комисија и со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и со Европската Унија и САД како наш стратешки партнер, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови, во коишто граѓаните, на изборите, јасно ќе ја изразат својата волја, рекол Џафери, а информираше валдината прес-служба.