Промотор на изложбата беше Ставре Џиков, а автори на изложбата се потпретседателот Иван Нацевски и претседателот д-р Јован Јоновски на Македонското грбословно друштво, ликовното уредување е на Димитриј Михајловски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Настанот се одржа по повод 8 Ноември, ослободувањето на градот Штип, во општинскиот мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип. На настанот беа претставени повеќе од 70 грба поврзани со Македонија, почнувајќи од 14 до 21 век
Изложбата на хералдички грбови „Македонија во светот на хералдиката“ одржана во Штип
Над 70 грба поврзани со Македонија опфаќајќи го периодот од 14 до 21 век беа претставени на изложбата „Македонија во светот на хералдиката“ одржана минатата недела во општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ во Штип. Изложбата на 35 панели се состоеше од два дела. Првиот дел се однесуваше за историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век. Овој дел беше поделен на три сегмента, односно грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија. Во вториот дел акцентот беше ставен врз современите грбови во Македонија, поделен во три сегменти: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
Публицистот Ставре Џиков, кој е еден од главните иницијатори, а наедно и промотор на изложбата, рече дека идејата била преку оваа активност да се издигне културната свест на македонскиот народ.
– Секој народ, секој човек, оние што си ја знаат историјата и потеклото имаат химна, грб и знаме – нагласи Џиков.
Според него, кај нас во Македонија ние треба да ја промениме таа култура, а овие медиумски настани, меѓу другото, имаат цел да се потсетиме на историјата на Македонија и на македонскиот народ, дека има историски настани што не смеат да се заборават.
Претседателот на Македонското грбословно друштво, д-р Јован Јоновски, пред присутните одржа предавање за хералдиката. Јоновски посочи дека на 10 јуни 1128 година, во Руан (денешна Франција), англискиот крал Хенри Први го прогласил за витез својот иден зет Годфри Плантагенет. По тој повод му бил доделен грб, на син штит, шест златни лава 3-2-1, што се смета за прв рекорд за доделување грб во историјата. Затоа овој датум се слави како светски ден на хералдиката, според Јоновски.
– Во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Штип во општинскиот мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ беше реализирана изложбата „Македонија во светот на хералдиката“. Станува збор за соработка помеѓу Општина Штип, општинскиот мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ и Македонското грбословно друштво, како и по инцијатива на господинот Ставре Џиков – рече Кирил Панајотов од општинскиот мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“. Д.Ст.
Македонско хералдичко здружение
Здружението за хералдика, вексилологија и фалеристика Македонско хералдичко здружение се занимава со хералдика, вексилологија, фалеристика, шивалристика и нобиларни прашања во Македонија и ја продолжува традицијата на Македонското хералдичко здружение (2003-2018). Во текот на 2000 година се јавува и веб-страницата „Хералдика во Македонија“ од Јован Јоновски, која објавува грбови и исечоци од книгата на Матковски, на англиски и македонски јазик. Страницата набрзо е дополнета со грбови што се користат во Македонија, и тоа територијални, корпоративни и лични. Сајтот почнува да објавува и информации за историската, теориската и хералдиката воопшто. Околу веб-страницата се собра група заинтересирани и во летото 2003 година беше основано Македонското хералдичко здружение, кое работеше до 2018 година.
Македонското грбословно друштво ги продолжува следните активности: популаризацијата на хералдиката, вексилологијата и фалеристиката; истражувања на хералдичкото, вексилолошкото и фалеристичкото наследство поврзано со Македонија; издавање на „Македонски хералд“ – гласник што е двојазичен, англиски и македонски, и има меѓународен уредувачки одбор; одржување на регистерот на хералдички достигнувања на МХЗ; изработка на грбови, знамиња и одликувања; одржување на месно-хералдичкиот систем за територијални и општински грбови на МХЗ.
Хералдика
Хералдиката е социокултурен феномен, кој се родил во западноевропското феудално општество, веројатно во содејство со Истокот. Таа се занимава со проучување на грбовите – нивниот настанок, употреба, правилата што ги регулираат нивното составување, употреба и наследување и спојување. Хералдиката е систем на грбови кои се наследни ознаки, насликани на штит, според одредени правила. Хералдика е науката што ги истражува тој систем и неговиот историски развој. Суштината на хералдиката лежи во симболите. Луѓето отсекогаш употребувале симболи, се идентификувале со нив, со нив ги украсувале своите домови, облеки и разни предмети. Симболите брзо го наоѓаат своето место и на оружјето и на воената опрема. На античките вазни гледаме многу воини со штитови на кои се насликани симболи. Луѓето се идентификуваат со магиските карактеристики на симболите. Употребата на симболите е двозначна, луѓето се идентификуваат со симболот, но и симболот е идентификуван со својот носител. Д.Ст.