Во време кога граѓаните одвај врзуваат крај со крај, кога секојдневно се соочуваат со поскапувања на основните прехранбени артикли, лебот, млекото, брашното, поранешните пратеници не покажуваат ниту грам емпатија кон сопствениот народ, туку безмилосно и натаму продолжуваат да ги трошат народните пари
Пратениците продолжуваат да го „јадат“ државниот буџет и по завршувањето на мандатот
Ниту драстично покачените плати, патните трошоци, како и другите бенефиции што ги уживаа за време на мандатот, не им беа доволни на пратениците од минатиот собраниски состав да се откажат од апанажата и да престанат да бидат на товар на граѓаните.
Имено, пред околу две недели собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата им одобри апанажа, во траење од една година, на 29 пратеника од минатиот парламентарен состав. Тие на товар на граѓаните, од народниот буџет ќе примаат надоместок од околу 600.000 евра. На овие 29 пратеници деновиве им се приклучуваат уште седум пратеници од претходниот состав, кои ќе го чинат буџетот над 150.000 евра, со што сумата за апанажа полека се доближува да фамозните еден милион евра.
Во време кога граѓаните одвај врзуваат крај со крај, кога секојдневно се соочуваат со поскапувања на основните прехранбени артикли, лебот, млекото, брашното, поранешните пратеници не покажуваат ниту грам емпатија кон сопствениот народ, туку безмилосно и натаму продолжуваат да ги трошат народните пари.
Политичките партии со години дискретно го избегнуваат одговорот дали ќе поддржат укинување на апанажата, со образложение дека работат во најдобар интерес на граѓаните, дека се разгледува овој предлог, дека се прават пресметки и слично. Неодамна од политичката партија Левица повторно го отворија прашањето за укинување на апанажите, но засега нема одговор дали оваа иницијатива ќе биде поддржана од другите партии.
– Ова претставува последниот од долгата низа показатели за еклатантна класна дискриминација во македонското општество, во кое системот функционира единствено за задоволување на потребите на богатите економски и политички елити, додека нормално четиричлено семејство не може да ја задоволи ниту минималната синдикална кошничка од 1.000 евра – истакнуваат од Левица, појаснувајќи дека само нивните пратеници не побарале апанажа, иако, во согласност со законот, им следувала.
Граѓаните бараат парите од апанажата да се наменат за оние на кои вистински им се потребни
Граѓаните со право реагираат на ваквиот однос на пратениците и бараат од нив да покажат барем малку морал и да се солидаризираат со сопствениот народ.
– Кога треба да ги гласаме, тогаш полни им се устите за интересите на граѓаните, но откако ќе ги изберат, многу брзо забораваат на обичните луѓе што ги донеле на власт. Во време на најголема криза, тие си ги качија примањата за речиси 80 отсто, а чинам потоа уште и дополнително следуваше некакво покачување. Рекоа ќе донеселе закон за намалување на платите, но ниту донесоа ниту, пак, ќе донесат. Си го товарија товарот, а народот нека страда. И капак на сето нивно лицемерство, кај четири години земаа високи плати, дневници, патни трошоци, јадеа евтино во собраниското бифе, на крајот уште се пријавуваат и за апанажа, народот да ги плаќа уште една година. Навистина е срамота, тие не се никакви народни избраници, туку народни предавници – револтирано вели Сотир Атанасовски, пензионер.
Неговиот револт го делат и другите сограѓани со кои поразговаравме низ скопските пазари, во обид да го искористат пазарниот ден и да купат поевтина храна за своето семејство.
– Сите тие пратеници во нивниот четиригодишен мандат само на име на плата заработиле најмалку 50.000 евра за овие четири години, плус патни трошоци, им се собира и по 60 и повеќе илјади евра. Обичен човек за четири години ќе заработи просечно 20 илјади евра преку сила, од кои половина ќе му ги земат за даноци и сметки. Некој ќе рече пратениците имале одговорност, носеле одлуки, но за каква одговорност говориме кога видовме какво Собрание имаме, една обична циркусијада, уште и државата ни ја заглавија и задолжија. Не заслужуваат никаква апанажа пратениците, си го одработиле мандатот, биле платени за тоа и со завршувањето на мандатот, треба да им заврши секаква исплата од буџетот. Да се прашувам лично јас, не апанажа, туку ќе ги натерам и да ја вратат платата што ја зеле. Нека се види кој колку закони предложил, колкупати бил присутен, дали држел говор и слично. Ако го преспал цел мандат, за што да зема пари – вели Ружа Соколовска, учителка.
Таа предлага многу попрактично решение на што да се трошат народните пари, наместо непотребно да се даваат за апанажи.
– Секој ден гледаме на телевизија, читаме по весниците за семејства што молат за донации за лекување на своите деца. Имаме многу други ранливи категории, па подобро тие пари наместо за апанажи, да одат во вакви фондови. На тој начин пратениците ќе покажат дека вистински се грижат за граѓаните – потенцира Соколовска.
Решение мора да се најде, станува збор за огромен трошок за државата
За идејата да се прекине со исплатата на државни пари на пратениците на кои им завршил мандатот дискутиравме со повеќе експерти, универзитетски професори, невладин сектор, при што сите го делат мислењето дека функционерите ќе се обидат да ја искористат секоја можност што ќе им се укаже што повеќе да користат средства од буџетот.
Социологот Илија Ацески се согласува дека огромни пари од буџетот се одлеваат по основ на апанажи и дека е крајно време нешто да се направи на тој план.
– Мора некако да се регулираат овие трошоци, бидејќи станува збор за огромни средства. Пратениците со години биле на функција, земале огромни плати, така што имале доволно време да акумулираат некакви средства „да ја преживеат“ таа фамозна година и без да црпат буџетски средства. Еве, нека не биде целосно укинување, но нека се сведат тие средства на некој разумен износ. Впрочем, зошто тие би биле над другите граѓани, па ним народот им го дава мандатот, нема зошто и тие по завршувањето на функцијата да не бидат еднакви со сите граѓани, кои исто работат. Ќе каже некој имале одговорност, носеле одлуки, но гледајќи го нашето собрание, тоа многу повеќе беше симбол на неодговорно, отколку на одговорно работење – вели Ацевски.
Според него, проблемот е во нашиот политичко-партиски систем инкорпориран во државата, кој од индивидуалците прави извршители на партиските политики, кои потоа, како награда за нивната послушност, сакаат докрај да ги искористат сите можности што им се нудат, вклучувајќи ја и апанажата по завршувањето на мандатот.
– Во еден таков систем, пратеникот како многу да не размислува за тоа што го работи, ниту чита закони, ниту поднесува, туку едноставно само како да чека некој да му каже како да гласа. Затоа се тие непродуктивни. Кога ќе се воспостави еден таков систем, тој така функционира, што нѐ доведе на ова дереџе на кое ни е државата. Ние сме доведени во ситуација да не се цени способноста, туку послушноста на пратеникот. Е, сега истиот тој пратеник, бидејќи е послушен, слуша сѐ што му се диктира од врвот на партијата, ја зема високата пратеничка плата, како и преостанатите трошоци што му следуваат, крајот на мандатот го заокружува со барањето за апанажа, докрај да ја наплати својата послушност. Мора да се најде начин како да се регулира оваа работа, еве и да не се укине докрај, но трошоците се огромни и може да се пренаменат за лица на кои навистина им се потребни, пред сѐ на болни деца на кои им се потребни средства за лекување во странство – потенцира Ацески.
Тој уште додава дека станува збор за огромни средства за Македонија и дека кога ќе се најдеме во таква ситуација, решенијата треба да се бараат на едноставен начин.
– Нема голема филозофија, или ги укинуваме тие средства или ги сведуваме на некој прифатлив помал износ. Истото тоа се однесува и на средствата што годишно им се исплаќаат на поранешните претседатели. Целиот систем треба да се рестартира и овие трошоци да се рационализираат – констатира Ацески.