Аналитички проекции врз основа на последните изјави во јавноста на Вашингтон и Техеран
- Во следните редови, низ една новинарска, хипотетичка и аналитичка проекција, тимот на „Нова Македонија“ ќе се обиде да антиципира како еден нов и силен удар врз Иран би можел да го турне Заливскиот Регион во хуманитарна и геополитичка катастрофа?
Доколку претседателот на САД ги оствари своите најнови закани и (можеби) ги нападне иранските електроцентрали, ќе следува егзистенцијална одмазда. Тоа практично значи дека монархиите во Персискиот Залив (другите држави, по инстантната подготвена реакција на Техеран) ќе имаат вода за само неколку дена. Градовите покрај морето на другите држави што немаат извор на вода стануваат најкревката точка во светот, а поширок напад би можел да ги скрши системите од кои зависат милиони луѓе.
Да не се отвори „вратата на пеколот“
Заканата за напади врз иранските електроцентрали во рок од 48 часа ако Техеран не го „отвори“ Ормускиот Теснец го турна конфликтот во нова опасна зона, во која војната престанува да биде ограничена на воени цели и почнува да се пробива кон самата инфраструктура што го одржува секојдневниот живот. За ова пишувавме пред кусо време, но сега заканите стигнуваат од највисоко ниво на официјален Техеран. Имено, иранскиот одговор (закани) дополнително ја зголеми сериозноста на моментот бидејќи пораката (од Техеран) дојде со многу јасни регионални импликации, со предупредувања дека „одмаздата може да ги вклучи американските и израелските интереси, како и постројките за десалинизација во монархиите во Персискиот Залив“!
Јасно е дека, поради фактот што американските бази се наоѓаат во овие монархии, Иран ги гледа како цели, а можеби и како соучесници во постојната војна.
Што ако се остварат и двете? Што ако САД почнат да ги уништуваат иранските електроцентрали во рок од 48 часа? И што ако Иран ги уништи клучните извори на вода за пиење за сојузниците на Америка во Персискиот Залив? Ова се сценарија што ќе се обидеме да ги деконструираме со новинарска антиципација и проекции за да им стане појасно на нашите читатели во која насока сега е тргнат судирот.
На работ на бездната
Реториката за можни брзи удари врз иранската енергетска инфраструктура, поврзана со изјави на претседателот на САД, Доналд Трамп, отвора сценарио што оди многу подалеку од класична воена конфронтација. Во ваков развој, конфликтот би се префрлил од воени цели кон системите што го одржуваат секојдневниот живот. Ова веќе не би било само војна за територија или влијание туку за струја, за храна, за вода и, конечно, за опстанок.
ФАЗА 1: УДАР ВРЗ ЕНЕРГЕТСКОТО СРЦЕ НА ИРАН
Во првата фаза, евентуалните напади врз електроцентралите во Иран би предизвикале сериозен удар врз државната инфраструктура. Енергетскиот систем, кој е основа на економијата и јавниот живот, би бил дестабилизиран. Последиците би биле брзи и видливи. Би имало прекини во електричната мрежа, застој на индустријата и транспортот, нарушување на комуникациските системи итн.
Но клучната последица би била политичко-воена реактивна. Техеран би го интерпретирал ваквиот потег како директна закана за опстанокот на државата.
ФАЗА 2: СЛЕДУВА „АСИМЕТРИЧНА ОДМАЗДА“
Одговорот на Иран, на вториот жесток напад на САД, според неговата досегашна стратегија на Техеран, веројатно не би бил директен судир со САД, туку поширока асиметрична реакција.
Целите би се прошириле на американски воени бази не само во регионот туку и пошироко, потоа ќе се дејствува врз цели што ќе бидат оценети како израелски интереси, како и напади врз цели што се инфраструктура на сојузниците во Заливот. Фокусот би бил ставен на точки што се ранливи, но имаат максимален ефект врз стабилноста.
ФАЗА 3: ВОДАТА КАКО НАЈСЛАБА АЛКА
Најдраматичниот момент доаѓа во третата фаза, а тоа е нишанење на десалинизациските постројки во Заливот (апаратурата за претворање на солената вода во пивка вода). Држави како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт зависат речиси целосно од овие системи за вода за пиење. Без нив, урбаните центри практично немаат алтернатива. Доколку овие капацитети бидат погодени, резервите на вода би траеле само неколку дена. Милионски градови би се соочиле со недостиг од вода, а последица на тоа би биле паника и социјална нестабилност. Токму во таков момент, водата престанува да биде ресурс и таа станува оружје.
ФАЗА 4: Ормускиот Теснец како сѐ уште нерешен ребус
Паралелно со нападите врз инфраструктурата, контролата врз Ормускиот Теснец станува клучна.
Овој теснец е една од најважните светски енергетски маршрути. Секое негово блокирање или нарушување би имало моментални глобални последици и тоа веќе се чувствува, како што е драматичен раст на цените на нафтата, прекин на трговските текови и економски шокови низ светот. Така, локалниот конфликт тука веќе станува глобален проблем.
ФАЗА 5: РЕГИОНАЛНА ВОЈНА
Во оваа фаза, ескалацијата станува речиси неконтролирана. Во конфликтот би биле вовлечени повеќе актери, и тоа Израел со директен воен ангажман, потоа Саудиска Арабија и други заливски држави, и сето тоа со засилено присуство на американски сили.
Судирот би се проширил во повеќе правци и насоки, создавајќи широк регионален конфликт со долгорочни последици.
ФАЗА 6: ВОЈНА ЗА ОПСТАНОК НА ЧОВЕШТВОТО
Последната фаза ја дефинира суштинската промена во природата на војната. Наместо фронтови и класични воени цели, главни цели стануваат електрични мрежи, водоснабдување и на крајот урбана инфраструктура. Цивилното население повеќе не е индиректна жртва, туку директно погоден фактор. Сето тоа води кон еден нов тип конфликт. Тоа би било невидено досега за тие простори, т.н. инфраструктурна војна, во која преживувањето станува централно прашање. Доколку сценариото ги следи овие фази, од удари врз електроцентрали до напади врз водоснабдувањето, светот би се соочил со криза што тешко (ќе) се контролира. Ова не би била само уште една регионална војна. Тоа би била криза што ги поврзува енергијата, водата и глобалната економија во еден нестабилен систем. И токму затоа ваквите сценарија, иако хипотетички, не се само аналитичка вежба туку предупредување за тоа колку современите конфликти лесно можат да ја погодат самата основа на човечкиот живот. Р.С.






























