Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска се сретна со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Горгиевски, претставници на различни организации на бугарската заедница во Македонија.
На средбата, која според информации од МНР поминала во позитивна атмосфера, биле размени мислења за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.
– На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор – соопшти МНР.
Средбата се одржа пред утрешниот истек на рокот за смена на имињата на бугарските здруженија „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување.
Клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид веќе се обратил до Централниот регистар и нивното барање е во процедура, додека битолскиот клуб „Иван Михајлов“ најавува дека правдата ќе ја бара пред меѓународен суд, според известувањето на „Дојче веле“.
Сите здруженија кои нема да ги усогласат името, називот или статутот, програмата, целите и дејностите се бришат од Регистарот, врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда, по претходно добиено негативно мислење, според одредбите на Законот за здруженија и фондации.
Министерот за правда треба да донесе одлука за неусогласеност во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на законот, или до 16 март, и Централниот регистар треба да ги избрише врз таа основа.