Изминатиот период одново во фокусот беше наводна онеправданост на албанската заедница во земјава, се воздигнуваше борбата на УЧК, се ширеше тезата за некаква македонска доминација, за загрозување на албанскиот јазик, за масовни отпуштања на Албанците од институциите, со единствена цел да се наелектризира гласачкото тело да излезе и да го даде гласот исклучиво од националистички побуди, наместо граѓаните да избираат проекти што значат подобар живот и просперитет на целото општество
Иако официјално не е започната, кампањата за локалните избори веќе се одвива во полн ек, а она што посебно паѓа во очи се наративите и чудната реторика со кои настапуваат одредени политички протагонисти во албанскиот политички кампус. Имено, тие и натаму продолжуваат да се обраќаат исклучиво кон сопствената етничка заедница, користејќи го национализмот како главна мотивирачка алатка за привлекување на гласачите. Зошто? И до кога вака? Ќе престанеме ли веќе еднаш со тенденциозната политичка, етничка и конфесионална сегрегација обраќајќи се само во „својот“ кампус?! Ќе почнеме ли веќе еднаш да говориме за проекти со кои би го подобриле животот на сите граѓани во локалните средини?
Паралелен изборен процес и промовирање бинационална држава!?
Изминатиот период одново во фокусот беше наводна онеправданост на албанската заедница во земјава, се воздигнуваше борбата на УЧК, се ширеше тезата за некаква македонска доминација, за загрозување на албанскиот јазик, за масовни отпуштања на Албанците од институциите, со единствена цел да се наелектризира гласачкото тело да излезе и да го даде гласот исклучиво од националистички побуди.
Дури и проектите што се најавуваат, повторно се однесуваат исклучиво на средините во кои мнозинство е албанската етничка заедница, па дури и во обраќањето јасно ставаат до знаење кој каков проект и колку пари ќе потроши за подобрување на животот на Албанците, наместо фокусот да биде на сите граѓани.
Ваквиот настап на политичарите од албанскиот блок повеќе оди во насока на промовирање паралелен изборен процес и бинационална држава отколку на зајакнување на унитарниот карактер на Македонија.
Па така, деновиве веќе се претставуваат проекти за здрава животна средина, за водоводи, градинки, инфраструктура, паркинзи во „албанските општини“ како што ги именуваат, занемарувајќи го фактот дека сите општини во Македонија се македонски и сите граѓани треба да ги уживаат придобивките од локалната власт што ќе ја одберат, а не само одредена етничка заедница што е мнозинство во некоја општина.
Истовремено, во обраќања до македонскиот народ истите тие политичари што со децении работат исклучиво на албанската кауза, сега уверуваат дека се залагаат за унитарност, за просперитет на државата, за нејзиното членство во ЕУ и НАТО, додека во заднина водеа преговори и со претставници на Грција и на Бугарија спротивно на македонските национални интереси.
Етноцентристичка реторика поради дефицитот на идеи, проекти и програми што се од повеќеслоен, општ и заеднички широкограѓански карактер
Познавачите на политичките околности во албанскиот политички блок во земјава не се изненадени од ваквиот настап на политичарите во пресрет на секои избори бидејќи пресметале дека националистичката реторика е таа што сѐ уште пали и носи глас повеќе на секои избори, било локални било парламентарни.
– ДУИ остана 20 години на власт добивајќи ги изборите исклучиво со националистичка платформа. Пред секои избори ќе лансираше некоја кампања, Албанец претседател, премиер, спикер и слично и на тој начин ги мотивираше гласачите да гласаат. Откако ќе ги добиеја изборите брзо забораваа на реалните потреби на граѓаните и се фокусираа бизнисите и тендерите да им минуваат непречено. И тоа функционираше, па сега сите го користат моделот на „интегративците“ и затоа продолжуваат со слична реторика пред секои избори, со надеж дека ќе ја добијат довербата на гласачите јавајќи на бранот на национализмот. Дури и оние што важеа за поумерени и етнички помалку обременети политичари во албанскиот кампус, сега пред избори почнаа да покажуваат националистички манири – велат аналитичарите.
Според нив, ширењето на националистичката реторика пред избори е добар параван за да се затскријат слабостите на проектите и програмите што им се нудат на граѓаните.
– Национализмот го користат оние што немаат што друго да им понудат на граѓаните. Изборните програми им се испечатени на два-три листа, буквално како памфлет, добар дел од проектите што ги предлагаат се неиздржани и неостварливи, па најлесно е да се побара мандат само затоа што некој наводно ги загрозува правата на Албанците. Затоа се обраќаат кон своите, ги плашат дека ќе станат маргинализирани, дека ќе имало мајоризација, а тие се тие што ќе ги заштитат и ќе реализираат проекти само за нив. Вистинското прашање е што некоја општина сама ќе им понуди на граѓаните ако не помогне државата? Ништо. По некој тротоар со бехатон, детско игралиште со две-три клацкалки, стилизирани клупи и канделабри по улиците, но и скапи службени автомобили за градоначалникот и тендери до нивни блиски фирми… Тоа не е доволно во средини каде што нема водоводи, канализации, патишта, училишта и слично и луѓето тоа го гледаат. И кога не можеш реално да им го понудиш тоа на граѓаните, тогаш довербата ја бараш така што шириш националистичка реторика и се надеваш дека ќе ти поверуваат – посочуваат аналитичарите.
Клучна, суштинска и историска грешка: Регистрирање партии со етноцентричен карактер
Сметаат дека клучната грешка беше направена пред повеќе децении кога се дозволи да се регистрираат партии со етнички предзнак во името, со што беше јасно ставено до знаење до која етничка група ќе се обраќаат тие.
– Тоа беше грешка бидејќи уште на почетокот се направи поделба на општеството. Наместо да се формираат партии врз идеолошка основа што ќе се обраќаат до сите граѓаните, а тие ќе го даваат гласот за одредена идеологија блиска до нивните размислувања, ние сега имаме партии што се обраќаат само до Албанците, само до Турците, до Србите, до Ромите и слично. Таквиот пристап не го зајакнува унитарниот карактер на државата, туку води кон дополнителни поделби и појава на национализми што ја разбиваат кохерентноста во општеството. Како и да е, граѓанската свест сега е далеку повисока од она што беше пред две или повеќе децении. Сите тешко живеат и сите бараат економски просперитет бидејќи не се живее со националистичката романтика – истакнуваат аналитичарите.
Истражување: Во Македонија многу се гласа по етничка линија
Главните наоди на истражувањето јасно покажуваат дека во Македонија многу се гласа по етничка линија. Но тоа е нешто што е повеќе од очигледно. Меѓутоа со наодите од истражувањето, можеме да дојдеме и до некој пресек на тој „опсег на етничко гласање“! Се разбира дека има исклучоци од етничко гласање, меѓутоа се многу ретки и се однесуваат само на одредени политички опции, истакна Близнаковски при неодамнешното објавување на резултатите од студијата. Студијата всушност само потврди што се случува во едно мултиетничко општество кога ќе се дозволи регистрација на партии со етнички предзнак што немаат идеолошка определба, туку ги користат сопствениот етникум и етничките прашања за да се наметнат како клучен политички фактор. Тоа, особено кај партиите со албански политички предзнак, беше масовно злоупотребувано така што пред секои избори се ветуваат етнички агенди, често во колизија со унитарниот карактер на државата, само за да се дојде до власт и потоа со тие прашања дополнително да се оптоварува јавноста, додека во заднината цветаат корупцијата и криминалот
Подготовките на партиите за изборите во контекст на промоцијата на гласање на електоратот врз принципот на етничка припадност не исчезнува. Токму ова го покажа и една неодамнешна студија подготвена од Институтот за социолошки и политичкоправни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со институтот за демократија „Социетас цивилис“. Истражувањето, спроведено на крајот од минатата година, покажа дека политичките ставови во земјата се во голема мера обликувани од етничките и партиските припадности на граѓаните. Имено, резултатите во студијата покажуваат дека изборниот процес е силно поделен по етничка линија бидејќи сите етнички заедници во земјава на избори речиси секогаш гласаат за партии што ги претставуваат нивните етнички интереси.
Во „Нова Македонија“ веќе пишувавме дека Институтот за социолошки и политичкоправни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ) со својата студија даде преглед на (пред)изборното однесување на граѓаните во земјата, при што Јован Близнаковски од ИСППИ кусо ги издвои главните наоди на истражувањето.
– Главните наоди покажуваат јасно дека во Македонија многу се гласа по етничка линија, тоа е нешто што веќе го знаеме. Меѓутоа со овие наоди можеме да дојдеме и до некој пресек на тој опсег на етничко гласање. Има исклучоци од етничко гласање, меѓутоа се многу ретки и се однесуваат само на одредени политички опции – истакна Близнаковски при неодамнешното објавување на резултатите од студијата.
Студијата всушност само потврди што се случува во едно мултиетничко општество кога ќе се дозволи регистрација на партии со етнички предзнак што немаат идеолошка определба, туку ги користат сопствениот етникум и етничките прашања за да се наметнат како клучен политички фактор.
Тоа, особено кај партиите со албански политички предзнак, беше масовно злоупотребувано така што пред секои избори се ветуваат етнички агенди, често во колизија со унитарниот карактер на државата, само за да се дојде до власт и потоа со тие прашања дополнително да се оптоварува јавноста, додека во заднината цветаат корупцијата и криминалот. Со други зборови, станува збор за класична злоупотреба на граѓаните за партиски цели преку етнизација на изборниот процес. Се злоупотребува и сега, особено од опозициската ДУИ, која откако не е на власт постојано игра на етничката карта и се заканува со дестабилизација на државата.
Некои од комуниколозите и аналитичарите сметаат дека кај нас партиите не само што немаат вистинска идеологија туку со нивните етнички и национални предзнаци придонесуваат за уште поголема општествена сегрегација.
– Штом се создадат национални партии, тоа само по себе значи сегрегација по национална основа и тоа не е добро. Така општеството дополнително се дели. Секое зрело општество си има партии создадени врз идеолошка основа, така е во цела Европа. Во Германија имаме партии со јасна идеолошка матрица, социјалдемократи, зелени, конзервативци, исто е во Велика Британија, во САД, во Франција, се знае точно која партија каква идеологија негува и не се отстапува од тоа. Така се креираат и програмите на партиите, врз основа на нивниот идеолошки профил. Кај нас ДУИ направи еден своевиден чекор напред кога од партија произлезена во воена формација се реструктурира во идеолошки зелена партија. Но истата партија направи десет чекори назад кога се врати на старите воинствени наративи, на национализмот, на етнизацијата, напуштајќи ја зелената агенда и враќајќи се кон најрадикалниот национализам. Едноставно кажано, не созреа како партија без оглед што повеќе од 20 години беше на власт. Сега, откако е во опозиција, уште повеќе паѓа на демократското скалило. Идеологијата значи цврсто придржување до неа без никакви отстапки. Ако некоја партија е социјалдемократска, тогаш таа треба да ги обединува околу себе сите граѓани со такви сфаќања, без оглед на нивната етничка припадност. Исто е и со конзервативците, со зелените и со либералите, на пример… Кога така ќе се профилираат партиите преку идеолошка основа, тогаш граѓаните на избори добиваат јасна слика за каков концепт гласаат, каква влада и каква програма можат да очекуваат. Граѓаните, но и економијата, сакаат извесност, предвидливост во политиките, односно точно да знаат која идеологија е наклонета кон пониски даноци, која кон социјална правда, која кон екологија и слично – посочуваат аналитичарите. П.Р.

Професор Садикарио: Етничките партии се чист шовинизам
Професор д-р Самуел Садикарио смета дека регистрирањето партии со етнички предзнак е огромна грешка, која води кон сериозни поделби по етничка линија во секое општество.
– Создавањето политички партии со етнички предзнак мислам дека е фатална грешка и база на сегашната мизерија. Исто така и во Уставот – грешка е што направивме имитација на југословенскиот од 1974 година: етничка папазјанија, па сега до бескрај се давиме во етнички права, јазици и апсурди.
Извинете, ама тие етнички партии се чист шовинизам и лице на ѓаволот. Од нив има само беља и омраза. Дали во некоја европска земја има етнички (шовинистички) партии? Извинете уште еднаш – етничките партии (албански, македонски итн.) не ги гледаат интересите на својот етникум – туку „џебот“ (криминал, профит). Овој крш во Тетово и нешто во Скопје е меланж на омраза, вандализам, амазонски канибализам, примитивизам, ретардираност, домашен имбецилизам, интервенционизам (служби) и садистичко-сатанистички ентузијазам што го увезуваме однадвор. Тоа е вид „интифада“, која ќе води кон „кристалната ноќ“ и „ноќта на долгите ножеви“… немојте, ве молам, немојте да влеземе во иреверзибилна фаза од омразата од која нема излез – заклучува професорот Садикарио. П.Р.
Нови обвинувања за високиот раководител на ДУИ, Бујар Османи
Корупцијата излегува на виделина од партиските дамари
Неодамнешните обвинувања во јавноста за корупција при организација на самитот на ОБСЕ одржан во Скопје во 2023 година, за кои се сомничи Бујар Османи, се последните во низата со кои се соочува челникот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи.
– Министерството за надворешни работи, во време кога Бујар Османи бил министер, спроведувало нелегални тендери во врска со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година – пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Во документот на споменатата институција се регистрираат и документираат „над 120 милиони денари потрошени без јасни податоци; отсуство на документација за тоа што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во салата ’Борис Трајковски’; Јавни договори и набавки кои се спроведувале без транспарентност и со сериозни законски недостатоци“.
Османи беше осомничен за нелегални набавки кога беше министер за здравство, а во времето додека беше шеф на дипломатијата, за Османи се појавија обвинувања во јавноста за кршење на Законот за јазици, за криење документ од ЕУ за валидноста на пасошите, за уназадување или распоредување дипломат на пониска административна позиција… Р.Н.М.
