Повод: Букурешкиот договор и 111 години од поделбата на Македонија
Букурешкиот договор е потпишан на 10 август 1913 година меѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Грција и Романија од едната страна и Бугарија од другата страна. Поради секогаш постојните интереси на големите сили, како и поради (и тогаш, како и сега) отсуството на чувството за реалност и објективност кон македонскиот народ, големите сили останале заднински да управуваат со прекројувањето на регионот, а завојуваните балкански држави „транспарентно да се појават како политичко-државно-ентитетски кројачи“. На тој погубен ден (10 август) за Македонија, пред сто и единаесет години, немало претставници од Македонија. Но претставници на Македонците од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирале да се зачуваат идентитетот на македонскиот народ и единството на природната целина на македонската територија. Попусто. Големите сили не го зеле тоа предвид и веднаш по потпишување на договорот започнало масовното асимилирање на Македонците во Бугари, Грци, Албанци, Јужни Срби… Последиците се чувствуваат и денес…
Со Букурешкиот договор на 10 август 1913 година завршува Втората балканска војна и Македонија е поделена помеѓу балканските држави. Конференцијата траела десет дена и на крајот бил потпишан Букурешкиот договор. Најголеми дискусии се воделе за поделбата на Македонија, односно разграничувањето меѓу земјите победнички и поразената Бугарија. Според текстот на договорот за мир: Србија jа добила Вардарска Македонија, Косово добило дел од Метохија и источната половина на новопазарскиот Санџак; Грција ја добила Егејска Македонија, полуостровот Халкидики со Солун, дел од западна Тракија и егејските острови; Црна Гора добила дел од Метохија и дел од Санџак; Бугарија ја добила Пиринска Македонија, градот Струмица со околијата, дел од западна Тракија и излез на Егејско Море кај пристаништето Дедеагач (Александруполи).
– Со поделбата на Македонија, балканските буржоазии уште повеќе ја продлабочиле кризата и се засилиле нивните меѓусебни спротивности. Балканските завојувачи останале глуви на барањето на македонската колонија во Санкт Петербург, која cе залагала за независна македонска држава. По тој повод Димитрија Чуповски во весникот „Македонскии голос“ испратил статија во која ја опишува тешката состојба по Букурешкиот договор и поделбата на Македонија од страна на соседните балкански држави – посочува д-р протојереј Атанас Лажовски.
Со овој мировен договор, Македонија била поделена на следниот начин: егејскиот дел, со површина од 34.356 квадратни километри, го окупирала Грција; вардарскиот дел, со површина од 25.342 квадратни километри, го окупирала Србија; пиринскиот дел, со 6.798 квадратни километри, го окупирала Бугарија; јужниот брег од Охридско Езеро – Мала Преспа, со 1.115 квадратни километри, ѝ бил доделен на Албанија.
Новата бугарско-српска граница започнувала од врвот на Патарица и одела по линијата на старата бугарско-турска граница до Диздарица, потоа одела по вододелницата меѓу Вардар и Струма, минувајќи преку Луловиот Врв, кота 1.297, Обел, Пољазни, кота 1.458, кота 1.495, кота 1.415, Понорица, Кадиица, кота 1.900, кота 1.453, Ченгино Кале, сртот Клепало, кота 1.530, сртот на Малеш Планина (1.445), тука свртувала на запад кон котите 1.515 и 1.300, поминувала преку сртот Драгнев-даг, Кади Мезар Тепе, Кале Тепе, ја поминувала Новичанска Река јужно од селото Рајанци, поминувала меѓу селата Ословци и Сушево, па преку реката Струмешница меѓу Радичево и Владевци и се качувала кон котата 850, а потоа по вододелницата на Вардар и Струма преку котите 957, 571, 750, 895, 850 по сртот на Беласица се спојувала со бугарско-грчката граница.
Бугарско-грчката граница започнувала на сртот на Беласица од српско-бугарската граница и минувала северно од Јуруклери, па преку Струма одела на исток на Ченгене Калеси (1.500). Оттаму излегувала на сртот Али Ботуш (кота 1.650) и по вододелницата по котите 1.820, 1.800, 713 и Стргач. Тука свртувала кон североисток и пак по вододелницата меѓу котите 715, 660, кон котите 1.150 и 1.152, оттука по сртот одела источно од селото Ракиштен, ја преминувала Места и одела кон врвот Руса и Железа, го сечела Доспат и излегувала на Чука. Одовде повторно по вододелницата и преку С’бково, Кадирќој (1.750), Авлик-даг (1.518) Каин Чал (1.811), Дебикли (1.587), слегувала на југ кон котата 985 и свртувала на исток јужно од селото Карово, оттука пак на исток минувала северно од селото Кајбово и се качувала на север кон котите 1.450, 1.538, 1.350 и 1.845. Потоа слегувала на југ преку Цигла (1.750) и Кушлар и одела по вододелницата Места и Јаси Еврено-дере, излегувала на Ахлат-даг (1.300), а потоа кон Окчилар, па оттука по реката Места до Егејско Море.
Границата меѓу Србија и Грција во Македонија, во согласност со Букурешкиот мировен договор, била утврдена во Белград на 16 август 1913 година. Граничната линија почнувала од котата 1.494 на сртот Беласица, па одела кон котите 394 и 208, потоа минувала преку Дојранско Езеро, во правецот на котата 227, а оттаму кон Мачуково, потоа ја минувала реката Вардар и одела северно од Сехово преку котите 241, 560 по возвишението Тушет Балкани, преку котите 858, 774, 1.149, 1.929, 2.058, 2.050, 1.673, 1.766, 1.656 по висот Блатец преку котите 1.431, 1.201, 1.375, 1.550, 1.058, 1.440, 1.660, 1.700 (по планината Ниџе) преку котата 2.525 (Кајмакчалан) на котата 1.944, оттука одела на запад по висот Старков Гроб, потоа јужно од селото Кремјан и натаму меѓу Кенали и Негочани минувала преку Рахово и Драгош, потоа преку котите 1.980, 2.094, 2.000, па јужно од селото Долно Дупени минувала преку Преспанско Езеро, оставајќи ѝ го на Србија островчето Голем Град, и излегувала јужно од селото Коњско. Оттука одела по возвишението на Вакуфица преку котата 947, Мал Шат (кота 1.537), па кон врвот Горица. Оттаму одела кон селото Бач, Пешкопеја, па преку котата 1.100 до албанската граница. Д.Ст.