Карта на Македонија по изработка на Димитрија Чуповски од 1913 г.

Повод: Букурешкиот договор и 111 години од поделбата на Македонија

Букурешкиот договор е потпишан на 10 август 1913 година меѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Грција и Романија од едната страна и Бугарија од другата страна. Поради секогаш постојните интереси на големите сили, како и поради (и тогаш, како и сега) отсуството на чувството за реалност и објективност кон македонскиот народ, големите сили останале заднински да управуваат со прекројувањето на регионот, а завојуваните балкански држави „транспарентно да се појават како политичко-државно-ентитетски кројачи“. На тој погубен ден (10 август) за Македонија, пред сто и единаесет години, немало претставници од Македонија. Но претставници на Македонците од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирале да се зачуваат идентитетот на македонскиот народ и единството на природната целина на македонската територија. Попусто. Големите сили не го зеле тоа предвид и веднаш по потпишување на договорот започнало масовното асимилирање на Македонците во Бугари, Грци, Албанци, Јужни Срби… Последиците се чувствуваат и денес…

Непосредно пред Првата балканска војна, македонското револуционерно движење е ослабено поради внатрешни поделби, а истовремено созреваат условите за војна и поделба на европскиот дел на Османлиската Империја помеѓу балканските држави, особено по анексијата на Босна и Херцеговина од страна на Австроунгарија.
Босанската криза била понижувачка за Србија и Русија. Од тој момент, Руското Царство ја менува својата позиција кон Виена и ја напушта политиката на соработка со Австроунгарија. Русија оттогаш била подготвена да договара и да поддржува политика на повторно отворање на т.н. источно прашање. Но Русија имала цел да создаде фронт против Австроунгарија, а не да поттикне војна или поделба на османлиските провинции на Балканот. Меѓутоа, со активна поддршка на руската дипломатија, балканските држави потпишале серија документи со кои всушност се создал Балканскиот сојуз против Османлиското Царство.

Сојуз за поделба на Македонија

Според д-р протојереј Атанас Лажовски, петербуршката дипломатија во поглед на балканската политика на Балканот трасирала два патишта: од една страна таа заедно со Австроунгарија се надевала на придобивки од руско-австриското влијание во Турската Империја, a од друга страна немајќи доволно доверба кон Австроунгарија, руската дипломатија настојувала да ги зближи балканските народи и да ги насочи против двојната монархија.
– Преговорите на балканските држави за заеднички сојуз, под покровителство на Русија, започнале за време на турско-италијанската војна, во есента 1911 година. Поради зафатеноста на Турција со војната, овој настан ce покажал како поволен момент за интензивирање на акциите, за реализирање на своите планови, за ставање крај на турското владеење и поделба на Македонија – посочува Атанас Лажовски.
Обидите за создавање сојуз помеѓу Бугарија и Србија започнале уште пред стивнувањето на босанската криза, која била предизвикана од анексијата на Босна и Херцеговина од страна на Австроунгарија. Преговорите се одолжувале три години (1909-1911) поради Македонија. Софија и Белград не можеле да се договорат околу поделбата на оваа османлиска провинција. Руското Царство посредувало во српско-бугарските преговори и обидот за постигнување договор, меѓутоа руските дипломати одбиле да ѝ дадат гаранции на Бугарија во случај на романски напад.
На 29 февруари 1912 година Бугарија и Србија го склучуваат српско-бугарскиот договор, кој во следните месеци е зацврстен со бугарско-српска воена конвенција, потпишана помеѓу генералштабовите на двете држави. Одделно од Србите, владата на Иван Гешов влегла во преговори со Грција, кои резултираат со Бугарско-грчкиот договор од 16 мај. Неколку дена пред почетокот на воените дејства Софија и Атина договараат и меѓусебна воена конвенција. Во меѓувреме, во август, е постигнат Бугарско-црногорски договор.
Кон крајот на летото 1912 година се направени последните обиди за спречување на оружениот конфликт. На 25 септември, кога мобилизацијата на војските на балканските земји веќе е во тек, Австроунгарија и Русија издаваат декларација во која ги предупредуваат дека нема да дозволат промена на границите на Балканот и ветуваат дека ќе ги обноват напорите за реформи во Македонија. Следниот ден црногорската војска ја напаѓа скадарската тврдина. На 30 септември Бугарија испраќа нота од името на балканските сојузници во која ја повикува османлиската влада да обезбеди во рок од шест месеци автономија на етничките малцинства во империјата. Како одговор на тоа барање, Цариград им објавил војна на сојузниците на 4 октомври. Бугарија и Грција на 5 октомври ѝ објавиле војна на империјата, а Србија два дена подоцна.
Со Првата балканска војна, Османлиската Империја ги изгубила своите територии на Балканскиот Полуостров, со исклучок на еден тесен појас на северниот брег на Мраморно Море. Преостанатиот дел на Тракија заедно со источна Македонија потпаднал под бугарска власт. Српската војска ги освоила Косово, северозападна Македонија и други области, Грција – Епир, голем број острови во Егејско Море и југозападна Македонија до Солун, а веднаш по Лондонскиот мировен договор била создадена независна албанска држава.

Преголеми апетити

По завршувањето на Првата балканска војна, а по протерувањето на Србија од Албанија, во јануари 1913 година Србија барала од бугарската влада да се изврши ревизија на српско-бугарската спогодба.
Подоцна, на 22 февруари и на 25 мај 1913 година Србија упатила ноти, во кои предлогот за ревизија се образложува со следните причини: „При потпишувањето на спогодбата, Србија особено сметала дека ќе добие слободен излез на море поради независниот економски развој, но со интервенцијата на големите сили била принудена да ја повлече својата војска од Албанија; Бугарија не го дала со договорот предвидениот контингент трупи за вардарското боиште, бидејќи по интервенција на Бугарија, пред почетокот на војната тој договор бил изменет; Србија ѝ упатила помош на Бугарија од една армија со тешка артилерија, за што според договорот не била обврзана, а тоа барало пошироко ангажирање на Србија, која и самата водела војна на вардарското боиште“.
Според српската влада, изменетите услови барале ревизија на договорот. Притоа, таа мислела на компензација во Македонија, за да добие непосредна граница со Грција, со цел да го користи пристаништето во Солун. Бугарската влада не се согласила со српското сфаќање на договорените обврски и во нотите од 18 март и од 19 април 1913 година го отфрлила барањето за ревизија.
Според д-р протојереј Атанас Лажовски, Балканскиот сојуз што бил создаден по руска иницијатива не ѝ давал спокојство на Австроунгарија. Затоа таа cе залагала на разни начини и по секоја цена да го растури Балканскиот сојуз. Основна цел на австриската дипломатија била да ја раздели Бугарија од Србија. Лишувањето од излез на Србија на Јадранско Mope, придонело Српското Кралство да биде економски зависно.
– Како средство за распаѓање на сојузот послужил бугарскиот цар Фердинанд, кој и покрај сојузот со Србија и понатаму бил приврзаник на двојната монархија. Фердинанд бил инспиратор за создавање голема бугарска империја на Балканот и, понесен од таа идеја, посакал да изврши освојување и на Цариград. Кога неколку месеци претходно бугарската војска речиси пристигнала до Цариград, бугарската влада под притисок на Русија била принудена да ја прифати поставената гранична линија. Поради тоа Фердинанд „паднал во очајание“. На крајот владата на бугарскиот цар Фердинанд повторно била проавстриски ориентирана – нагласува Атанас Лажовски.
Бугарскиот цар Фердинанд без консултација на бугарската влада на 29 јуни 1913 година ѝ наредил на бугарската војска да изврши напад врз српската и врз грчката војска на позициите кај Злетово и Лефтере. Претседателот на бугарската влада Стојан Данев изјавил: „Кога е збор за судбината на Македонија, сите треба да знаат дека Бугарија е подготвена на секакви жртви“.
По жестоките борби кај Кочани и Кукуш во првите денови од војната, Бугарите биле принудени да се повлечат на исток покрај Брегалница и на север по Струма. На 28 јуни Романија се приклучува во конфликтот на страната на Србија и Грција, а на 19 јули интервенира и Отоманската Империја, чии војници ја преминале граничната линија Мидија-Енос и го зазеле Едрене. Како резултат на битките кај Калиманци и Кресненската Клисура, напредувањето на Србите и Грците во Македонија било запрено, но во меѓувреме романските трупи го преминале Дунав, стигнале до околината на Софија и ја принудиле бугарската влада да побара примирје. Д.Ст.

(продолжува)