СУДСКО-ПОЛИТИЧКА ИГРА ПРОТИВ ПРАВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА
- Иако пред две години судот го регистрираше Центарот за македонски јазик, неодамна повисокиот суд во Кожани ја укина таа одлука – причините се во статутот на здружението, во кршењето на словото на Преспанската спогодба и опасноста од чекори кон признавање македонско малцинство
- Додека некои во Македонија и во Грција славеа победа, Грците во светот направија ултранационалистички антимакедонски блок – резултатите веќе се гледаат од таа мобилизација, а Македонците во Грција повторно останаа сами
„Кој и да тврдеше дека ’Преспа’ ќе ги подобри правата на Македонците во Егејска Македонија е или идиот или соучесник“, објави на социјалните мрежи Бил Николов, македонскиот активист од Канада, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Торонто. Оваа негова жестока реакција е објавена откако пред неколку дена Апелацискиот суд во Кожани донесе пресуда да се поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција со седиште во Лерин.
Конечната судбина на Центарот се очекува да биде решена пред Врховниот суд, а доколку не биде донесено позитивно решение, тогаш претставниците на овој центар најавуваат дека правдата ќе ја бараат пред Судот за човекови права.
Што значи оваа пресуда? Првин дека се повторува мрачната историја за остварување на основните човекови и малцински права на Македонците во Грција, која, за жал, не ја добија, иако победија и пред судот во Стразбур уште пред повеќе од 25 години. Секако, оваа пресуда кажува дека Атина нема намера да ја смени својата политичка доктрина во однос на Македонците, а тоа е дека нема да помрдне ни за „јота“ за да ги испочитува нивните права, да го признае македонскиот јазик како факт и да признае постоење на македонското национално малцинство. Иако кога се зборува за македонско малцинство треба да се знае дека според Преспанскиот договор е направена огромна разлика меѓу Македонците во Република Македонија и во Република Грција. Практично лабораториски, благодарение на „визијата на Заев – Димитров“ нивните историски, културни, традиционални и конечно роднински врски се пресекоа. Со еден лаконски потпис на Димитров и нечија реченица – политичарите треба да носат храбри одлуки. Но не секогаш „да се биде храбар значи и да се биде луд“.
А со пресудата се гледаат и климавите темели на Преспанската спогодба, која на големи ѕвона ја промовираа поранешните премиери на Грција и на Македонија, Ципрас и Заев, како и министрите за надворешни работи – Коѕијас и Димитров.
ВЕЧНА БОРБА ИЛИ ВРТЕЊЕ ВО КРУГ
Од Центарот за македонски јазик во Лерин за медиумите изјавија „дека борбата“ продолжува и оти ќе ја обжалат одлуката на Апелацискиот суд во Кожани пред Врховниот суд во Грција, а потоа ако треба и во Стразбур.
Центарот за македонски јазик беше регистриран во Лерин пред две години и беше првата организација што директно се грижи за македонскиот јазик. Ваквиот чекор тогаш беше поздравен и протолкуван како признавање на македонскиот јазик од Грција.
Иако судот во Лерин лани ги отфрли сите тужби од неколку грчки ултранационалистички организации и мали партии и ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација, сепак грчка Апелација постапувала по приговор на јавниот обвинител од Лерин за укинување на првостепеното судско решение со кое се основа ова невладино здружение на Македонците во Грција.
Грчкиот весник „Демократија“ објави дека со пресудата Апелацискиот суд ја укинал пресудата на Основниот суд во Лерин, со што било дозволено „словенски дијалект да се учи како македонски јазик во Грција“.
„Конкретно ова здружение, кое одеднаш се појави во Лерин како таканаречен ‘Центар за македонски јазик во Грција’, за да промовира нешто што самото доброволно го нарекува ‘македонско’, сега е затворено“, коментира весникот.
И покрај ваквата негативна пресуда, кај дел од македонските активисти од партијата Виножито, која ги претставува интересите на Македонците, велат дека сепак е направен голем чекор со тоа што прашањето за македонскиот јазик е влезено во судството.
– Се зборува за македонскиот јазик, Судот во Лерин даде зелено светло и тоа покажува дека Преспанскиот договор дава извесни резултати. Можеби не сега, но еден ден Грција ќе мора да го признае фактот дека македонскиот јазик постои и се говори – ни рече еден претставник на Виножито.
Со ова мислење не се согласуваат повеќе негови блиски соработници од Виножито, а во дијаспората дури постои забетониран став дека Преспанскиот договор донесе само лошо за македонските интереси. И затоа тој договор македонската влада треба да го поништи.
ГРЦИТЕ СЕ МОБИЛИЗИРАА, МАКЕДОНЦИТЕ ОСТАВЕНИ САМИ
Дека Атина нема намера да ја почитува Преспанската спогодба има речено лично премиерот Киријакос Мицотакис. А грчката опозиција тоа и го потврди кога ја повика власта – ајде применувајте ја спогодбата. Но во Грција уште нѐ викаат „скопјанос“, уште сообраќајните знаци покажуваат правец кон „Скопја“ и ни се закануваат со нови вета на патот кон ЕУ. А пробниот балон наречен „ајде да видиме што ќе се случи со Центарот за македонски јазик“ ја тестира силата на Македонците во Грција, реакциите во Скопје, но и односот на моќната грчка дијаспора, која секогаш знае да се мобилизира на тајните телефонски повици од Атина и од грчката црква. Тоа е секогаш неверојатно добро синхронизирано. Така беше и овој пат. А така беше и во однос на Македонците во Грција, кои и овој пат не добија апсолутно никаква поддршка од никого. Тоа го знаеме и од порано, прашањето е само – до кога?
Окружниот суд во Лерин го регистрираше здружението на 27 јули 2022 година, но обвинителката на Лерин, Анастасија Калаици, поднесе приговор со образложение дека одлуката за признавање на здружението го прекршува меѓународниот договор од Преспа, со сомневање за обид за создавање македонско малцинство во Грција.
Против регистрацијата на центарот застанаа 16 организации, кои формираа заеднички фронт специјално за таа намена, а меѓу нив главни перјаници беа грчките ултранационалисти меѓу кои и Панмакедонското здружение на грчко-австралиската македонска борба, Друштвото за македонистика, Сојузот на пензионирани армиски офицери, Македонско-тракиското здружение за одбрана, претседателот на „Патриоти“, Продромос Емфиецоглу, и 60 члена на партијата, предводена од Мелина Емфиецоглу.
Голем дел од грчката јавност смета дека македонскиот јазик е некаква „произволна номенклатура“ произведена од грчкиот и од бугарскиот јазик и оти здружението во Лерин „прави опсесивни напори“ да формира македонско малцинство и шири пропаганда преку „големата идеја за македонска нација“.
– Пријателот на Алексис Ципрас, Зоран Заев, не може повеќе да слави. Синдикатот, кој сакаше да постои во Грција, од денеска е нелегален и не може да врши активности ниту за јазик, ниту за други сомнителни цели – објавија од партијата на Мелина Емфиецоглу.
Подземен јазик во тајни училишта
Македонскиот јазик со векови се говорел низ просторот на историска Македонија, а се говори и сега иако Грција како една од окупациските методи ја применува забраната на употребата на јазикот, кој никако да признае дека се вика македонски. И овој центар во Лерин не е прв, иако може да се каже дека е прв од потпишувањето на нелегалната Преспанска спогодба. Македонскиот секогаш бил првиот јазик на тамошните Македонци (на пример, на Крсте П. Мисирков, кој е од Постол, родното место и на Александар Македонски), а и ден-денес старците едвај да зборуваат наметнат грчки јазик. Но и во такви жестоки полициски контроли и пресии, во Солун пред дваесетина години беше отворено училиште за странски јазици, а таму (полу)тајно се изведуваа курсеви и по македонски јазик.
Да потсетиме дека и пред повеќе од 40 години многу Македонци од Егејска Македонија се запишуваа на универзитетот во Македонија, го научија македонскиот литературен јазик, но, ете, Грција тогаш „се сети“ на тие нејзини граѓани да не им ги признава македонските дипломи, па завршуваа факултети во Србија, па го принаучија и српскиот јазик. Но многу го научија до перфекција македонскиот и продолжија да го шират.
Христо Сидеропулос победи во Стразбур, но Грција остана непоразена
„Европскиот суд за човекови права во петокот ја осуди Грција за забрана на здружението наречено ’Куќата на македонската цивилизација‘. Четири лица го поведоа случајот во име на група од околу 50 лица, кои рекоа дека имаат етничко македонско потекло и дека имаат ’македонска национална свест‘.
Судот пресуди дека Грција го прекршила правото на апликантите на слобода на здружување“. Ова е агенциската вест на АФП објавена на 10 јули 1998 година, во која се гледа дека ЕСЧП донел чиста, јасна и недвосмислена пресуда во корист на Македонците.
Христо Сидеропулос, заедно со неколку други основачи на Македонскиот културен центар во Лерин, на 24 март 1998 година, ја изнесе грчката влада пред ЕСЧП во Стразбур. Одлуката беше донесена на 10 јули 1998 година. Грчката влада им го одби правото на Македонците да го регистрираат ова здружение со образложение дека биле „осомничени дека го нарушиле територијалниот интегритет на земјата“ само со отворање македонски културен центар. Грција сега мора да им дозволи на Македонците да го регистрираат своето здружение со неговото вистинско име, Дом на македонската цивилизација.
Според членот 11 на Европската конвенција: „Секој има право на слобода на мирно собирање и на слобода на здружување со други, вклучувајќи го и правото да формира синдикати и да се приклучува кон него за своите интереси“.
Со оваа пресуда, практично со кршењето на членот 11 од Европската конвенција за човекови права, Стразбур потврдил дека во Грција постои македонско малцинство.
Дали Грција ја спровела оваа пресуда и неколку други? Не!
Спорен бил статутот?!
Судбината на Центарот за македонски јазик по сѐ изгледа ќе биде црна и е копија на она што бугарските судови им го прават на македонските здруженија и организации – проблем е статутот?!
Во Грција како спорни се наведуваат целите на здружението наведени во неговиот статут:
Зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик во Грција; Поддршка на воведувањето на македонскиот јазик како изборен предмет во државните училишта и универзитети во Грција.
– Опишаните цели на споменатото здружение претставуваат провокативни пропагандни дејства, отворено негување и поттикнување либертаријанизам, ревизионизам и непријателство на штета на Грците и екстремни националистички изјави и затоа се во целосна спротивност со сите горенаведени суштински услови од Преспанскиот договор – смета судот.