Оспорувањето и недовербата во пописните резултати кај дел од политичките партии во државата ја наметнуваат и дилемата како овие податоци понатаму ќе се имплементираат во институциите, дали тие реално ја одразуваат фактичката состојба или, пак, ќе придонесат за креирање погрешни развојни политики, но и погрешна перцепција пред меѓународната јавност. Аналитичарите и статистичарите имаат интересни видувања за најновите случувања
Продолжуваат бранувањата околу пописните резултати
Неколку дена по објавувањето на резултатите од пописот, на површина исплива нов проблем со нивното непризнавање од страна на повеќе политички фактори во земјава, кои искажуваат недовербата во собраните статистички податоци и нивната обработка.
Забелешките во најголем дел се однесуваат на бројноста на одделни етнички заедници во земјата, дел се поради нецелосниот опфат, а посебни реакции предизвика и бројката од 132 илјади граѓани што останале непопишани.
Така, резултатите од пописот не ги признаваат или ги сметаат за нецелосни некои од македонските политички партии, но и некои од партиите на помалите етнички заедници на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите итн.
Непризнавањето на пописните резултати ја наметнува дилемата дали оваа статистичка операција ја постигна целта, по 20 години без попис, или повторно во ветер беа фрлени осум милиони евра народни пари, колку што чинеше пописот, и се доби некомплетна операција.
Дополнително се поставува прашањето како овие податоци воопшто ќе се имплементираат потоа во институциите, дали реално ја одразуваат фактичката состојба или, пак, ќе придонесат за креирање погрешни развојни политики.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека пописот треба да се доврши за да ја снема недовербата во врска со резултатите.
– Оваа недоверба може да се надмине исклучиво со завршување на актуелниот попис, преку дополнително попишување на граѓаните што одбија да се изјаснат, преку нов дигитален попис, но со консензуално учество на сите политички чинители и со формирање анкетна комисија во Собранието што ќе ги утврди сите факти за контроверзиите поврзани со овој попис, вклучувајќи и со моралната, политичката и кривичната одговорност за објавувањето нецелосни бројки, со што се загрозуваат мирот, стабилноста и добрите меѓуетнички односи во земјата – вели Боцевски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Државниот завод за статистика морал да излезе првенствено со податоци што се важни за развојот на државата, наместо да го пребројува етнички населението, па сега да има реакции со признавање и непризнавање на податоците.
– Наместо само да нè пребројуваат како овци по етничка и верска основа, подобро ќе беше да се излезе со другите релевантни фактори, од типот колку градежно земјиште име, колку земјоделско, каде се наоѓа тоа, колку крави, овци, живина има, каква инфраструктура… Нам такви работи ни се потребни заради креирање развојни политики во сите региони, тоа ќе ни ја придвижи економијата и немаше сега да има реакции – истакнува Пекевски.
Тој додава дека стара македонска практика е да се признаваат или да не се признаваат резултатите, но дека сега повеќе ништо не може да се направи.
– Кога се говореше пред одржувањето на пописот дека има недостатоци и дека треба или да се одложи или, пак, ако веќе се одржува, да се одржи според сите европски статистички стандарди, никој не слушаше. Одреден број луѓе бојкотираа, одреден дел не го почитуваа, се крена голема фама, но, за жал, сега приказната е завршена. Колку некој и да не ги признава резултатите, тоа не е ништо ново. И порано едни не го признаваа Борис Трајковски, други Бранко Црвенковски, едноставно кај нас постојано нешто не се признава. Податоците од пописот се тие што се излезени, Европската комисија тоа го поздрави и нема што друго сега да се направи. Податоците ќе ги земат сите такви какви што се и, за жал, ќе ги злоупотребуваат во своите понатамошни цели, кој политички, кој етнички. Има многу нелогичности во пописот, но какви несоодветни политичари имаме, ова не треба да нè изненадува – заклучува Пекевски.
Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека резултатите од пописот не треба да се прифаќаат како релевантни.
– Сметам дека пописот беше фарса и дека не треба да се прифати како релевантна основа за каква било јавна политика, сепак нема место за драма: оваа држава и онака е провизориум и никој не води јавни политики според некакви рационални критериуми и потреби на граѓаните. Сè ќе биде исто, ама малку полошо… Разврската ќе биде геополитичка, а не политичка. Овие што си цртаат има повеќе врска со геополитика отколку со јавни политики – наведува професорката Ванковска.
Симовски: Нема причини за сомневања
Првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски тврди дека податоците од пописот се точни и финални и дека ќе останат онакви какви што се, без оглед дали некој ги признавал или не.
– Ова е финално, тоа се конечни резултати и нема мрдање од тоа. Ќе имаме сетови на податоци подоцна, но нема мрдање од бројките. Во кој закон пишува некоја невладина организација или политичка партија да може да се изјаснува дали признава или не признава попис? Ако некој не го признава Законот за данок на имот, зарем нема да плаќа данок? Потврда дека пописот е направен според сите стандарди стигна и од Европската комисија, па зарем има подобар аргумент од тоа дека работата е добро завршена – вели Симовски.
Според него, пописот е професионално направен и сите податоци во него се точни и ќе можат како такви да се користат.
– Нашата обврска ја завршивме, строго според стандардите. Сè е точно, сè е проверено и прочешлано до најмала детаљ и стоиме зад тоа. Сите други желби, ние не признаваме ако не сме толку, сакаме да бидеме онолку, нека си останат во рамките на желбите – порачува Симовски.
Коментирајќи ја бројката од 132 илјади граѓани што беа попишани без да се внесе нивната етничка, верска и јазична припадност, директорот на ДЗС вели дека тоа е резултат на негативната кампања што била водена против пописот.
– Оние седум отсто се дел од пописот, само што нема да имаат податок за етничка припадност, религија и јазик. Тоа го нема никаде документирано и не можеме да го најдеме во базите на податоци. Но, сепак, не можевме да пуштиме податок без 132 илјади луѓе во државата. Па, тие се сите тука, тука живеат. Моравме да водиме сметка и за ова. Го кажувавме тоа и пред пописот и за време на попишувањето, не нè перципираа. Моравме да дадеме објективна слика и го направивме тоа – порачува Симовски.