Правната држава предуслов за демократија – услов што недостига во Македонија

Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборната вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (4)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

Како да ја надминеме изборната аномија? Најпрвин за неопходниот предуслов: многу е важно севкупната општествено-политичка и економска состојба во која се наоѓа Република Македонија да ја гледаме со реална диоптрија, а не со специјални очила за разубавување на реалноста. Исто така, треба да ја избегнеме и замката за нејзино неосновано нагрдување (на реалноста таква каква што е). Како и да е, не треба да ги затвораме очите пред непотизмот, корупцијата, организираниот криминал и сѐ поприсутниот неморал во Република Македонија. Тоа се нуспојавите на транзицијата, која предолго трае и која се состои од симболични промени, кои есенцијата на животот, наместо да ја подобрат, ја влошија.
Многу тешко, но и многу малку, во овие 34 години ги менувавме старите сфаќања, лошите навики и инертното однесување. Од едно општество, со свои утврдени норми, вредности и институции, поминавме, и сѐ уште поминуваме, во општество со сосема други вредности, норми и институции. Нѐ зафати аномична свест на отсуство, пропаѓање, конфузија или судир на законските и моралните норми во општеството. Ваквата свест нѐ воведе во аномично општество. Тоа е состојба на: непочитување на постојните уставни, законски и подзаконски прописи и норми и нивно прекршување, а секако и отсуство на законска регулатива, на морални норми и утврдени општествени вредности, приспособени на еден модерен демократски систем. Овие две несакани и незавидни состојби се резултат на брзите општествени промени, кои најчесто беа површни, а не сеопфатни, длабоки и суштински. Но, исто така, тоа е и состојба во која старите општествени норми пропаѓаат, а новите сѐ уште не се создадени. За ваквата состојба Кристофер Лаш употребува еден многу остар израз – бесрамно општество (Јован Корубин, „Аномично општество“, „Матица македонска“, 2004).
Како резултат или, поточно, последица на горенаведеното, во секојдневниот живот во Македонија веќе со години царуваат неодговорноста, недисциплината, дезориентацијата и деморализацијата. Изострената политичка борба е доведена до апсурди, а партизацијата на институциите до состојба на нивна функционална парализа или еднонасочно дејствување, чија основна карактеристика е патологијата. А токму таа патологија е аномијата во која длабоко сме загазиле. Без сомнение најизразена е изборната аномија, затоа што целосно е изгубена границата помеѓу она што е допуштено и она што е забрането во изборите и изборните кампањи и практикувањето на власта. Безмалку сите политички партии во изборната трка функционираат врз исти принципи: прави (најчесто незаконски работи) и оправдувај го тоа што го правиш (Fact et excusa); доколку си направил престап, одрекувај го (Si facisti nega); раздели, па владеј (Divide et impera).
Ваквата „филозофија“ на политичките партии сама по себе се покажа брилијантна, која лесно стана и девијантна реалност на изборите и изборните кампањи. Краен резултат се недемократски и нефер избори, без разлика дали се локални, претседателски или парламентарни, од почетокот на плурализацијата и воведувањето на демократијата, па до денес. Единствени исклучоци се изборите од 1998, 2002 и 2006 година.

Најчесто, несузбиената политичка корупција резултира со заробена држава. Синдромот „заробена држава“ означува системска корупција од голем обем со која се воспоставува скриен политички режим (од голем обем, со што се врши алокација на капиталот), режим со спротивни цели и интереси од оние на државните институции пропишани со устав. Во тој режим царуваат политичките и економските олигарси, кои ги заробуваат институциите. А заробени институции прават заробена држава. Ваквото заробување на државата го прават приватните фирми (моќните директори), тесните интересни групи („обработени“ од власта), политичките партии и нивните лидери. Државата е заробена затоа што организираниот криминал е под политичка заштита и патронажа.
Во заробената држава полицискиот и кривичноправниот прогон најчесто е многу селективен, па така се добиваат категории заштитени и недопирливи економски и политички олигарси, со чии незаконски дејства државните институции се заробени и наместо да работат во интерес на државата и општото добро на сите граѓани, тие остваруваат лични, групни и партиски цели и интереси. Тоа е коруптивната формула според која се создаваат економски и политички моќници што константно го нагризуваат економското, материјалното, финансиското, но и моралното ткиво на државата и општеството.
Работите и состојбите мора радикално да се менуваат.
Потребни т.е. неопходни се сеопфатни реформи. Вистински длабински (темелни) структурни реформи, а не козметички и површински, палијативни и краткорочни. Мора да се напушти практиката на реформски илузионизам (Миодраг Лабовиќ, „Системската корупција и организираниот криминал“, Факултет за безбедност, Скопје, 2016). Еднаш засекогаш треба да ги надминеме и да се откажеме и од „реформи заради реформи“, кои немаат врска со суштинските системски промени на подобро.
Гледаме дека криминалот и корупцијата се најголема закана за демократијата. Демократијата може да ја спаси само владеењето на правото. За такво владеење е потребна култура на законитост. Тоа е стриктно почитување на законите и имање целосна доверба во правниот поредок (Слаѓана Тасева, Миодраг Лабовиќ, Бранислав Саркањац и др., „Култура на законот наспроти корупцијата“, ФОРУМ-ЦСИ, Скопје, 2002). Културата на законите е култура што енергично му се спротивставува на беззаконието. Да се потсетиме: тоа е исто како што своевремено во Италија, Сицилија, правната култура (cultura della legalita) ѝ објави војна на мафијашката култура (cultura della mafiosita).

За таа цел мораме да ја зајакнеме улогата на граѓанството, општествената заедница и културата воопшто. На тој начин и со овие чинители се гради вистинската социјална подлога за силни политичко-морални убедувања.
Секако, перманентно треба да се опсервираат политичките партии и нивното однесување, како кога се на власт, така и кога се во опозиција. Првичната објективна анализа на позицијата, улогата на политичките партии во Македонија ни ги предочува нивните следни основни карактеристики: исклучителна бројност и тренд на зголемувањето на новите политички партии. И понатаму се регистрираат нови политички партии. Добар дел од нив се дезинтегрира на помали партиски фракции, од каде што се регистрираат во нови политички партии; политичките партии на социјално интересен и политички план се недоволно издиференцирани и идентификувани; најголем број од партиите во поглед на внатрешните односи и организацијата и улогата на членството ги задржал карактеристиките на единствената партија од поранешниот систем. Во таа смисла нив ги карактеризираат цврста хиерархија, јак централизам, предоминација на највисоките органи, пренагласено лидерство во смисла на култ на водачот, стремеж кон политички монополизам и слично; политичките партии што најчесто и најдолго беа на власт (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ) извршија таканаречена инвазија над државата од нивна страна. Тоа е феноменот на покровителство на политичките партии кон државата, владата, парламентот и правосудниот систем, кое доколку потрае подолго, државата ја претвора во „хибридна држава“ и во „заробена држава“. А токму тоа за Македонија го детектираа светски признаените невладини организации и го вметнаа тој факт во нивните годишни извештаи за напредокот на демократијата во Република Македонија.
Потребно е сосема накратко да се објаснат (дефинираат) поимите „хибридна држава“ и „заробена држава“. Првиот, хибридна држава, е „изобличен“ (во правна и политичка смисла) вид на држава во која постојат сите институции на демократијата, т.е. на еден демократски систем, ама со суштински недостиг од права и слободи, бидејќи во таквата држава има авторитарен стил на владеење на власта. Основни карактеристики на хибридната држава се авторитарна власт и нефункционални државни институции, а функционира по принципот „одозгора мазно, одоздола празно“.
Вториот поим, т.е. заробена држава е вид на државен ентитет (економски, политички, партиски, деловен, поединечен, групен), кој има блиски односи со владејачките елити и обезбедува реализација на лични интереси и цели на сметка на државните и националните. Овој ентитет се создава преку политичка корупција, т.е. незаконски „брак помеѓу политиката и криминалот“. И едниот и другиот поим се „вонбрачни политички деца“ на коруптивните и забегани политички елити со криминалните структури во државата.

Значи, материјална интересна „дружба“ на партиски лидери на власт со криминални субјекти, правни и поединци, кои договараат бенефиции за себе, на штета на државните и националните интереси и цели. Сите овие информации, индиции и факти за состојбите во партискиот систем ни посочуваат дека тој е недоволно демократизиран, како однатре (постоење или не на внатрепартиска демократија), така и надворешно (односите, дијалогот) помеѓу партиите не се баш на високо ниво на демократичност. Понатаму, и покрај големиот број партии, кој дури е и преголем, тој во најголема мера е партиски систем со недефинирани односи на важните интересни и социјални групи во општеството.
Со вакви основни карактеристики, партискиот систем покажува две загрижувачки тенденции.
Првата тенденција се состои во недокрај дефинираниот систем на финансирање на партиите, што води кон создавање моќни партиски елити, кои со своето дејствување, пак, нѐ воведуваат во олигархизација на целокупниот политички живот.
Втората тенденција, пак, удира во темелите на демократијата, бидејќи веќе имаме сѐ поизразен ослабен легитимитет на партиите и нивните лидери во изборното тело.

(продолжува)