Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во рамките на традиционалното годишно обраќање опфати актуелни теми и прашања од повеќе области. Таа во својот говор се осврна на евроинтеграциите, на односите со Бугарија, внатрешните реформи, на борбата против криминалот и корупцијата, иднината на државата… Во продолжение ги пренесуваме нејзините ставови

Годишно обраќање на претседателката Силјановска-Давкова во македонското собрание

Усогласениот настап на македонските носители на власт во меѓународните односи е доказ за сериозна држава и државнички политички пристап. Истото тоа важи за конзистентноста на ставовите. Тие се усогласуваат дома, а надвор се бранат од сите. Нашите ставови, од една страна, кореспондираат со оној на мнозинството граѓани, оти ние сме го добиле мандатот од нив, а од друга се темелат на европското и меѓународното право. Ова, меѓу другото, го порача вчера претседателката Гордана Силјановска-Давкова во годишното обраќање во Собранието.

Членството во ЕУ останува врвен македонски државен интерес, но
Унијата мора да ги почитува основните вредности и принципи и
кога се во прашање кандидатите

Претседателката, во делот во обраќањето за надворешната политика, повтори дека членството во ЕУ беше и останува врвен македонски државен интерес и приоритет. Но таа напомена и дека ако ЕУ сака да биде филозофија, односно заедница, а не обичен збир на делови, бирократска машинерија, мора да ги почитува основните вредности и принципи кога се во прашање не само нејзините членки туку и кандидатите.
– Нашата надворешна политика е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Сметам дека евроинтеграцијата е процес на учење не само за кандидатите, како нас, туку и за ЕУ, односно членките. Се надевам дека по 20 години и ние ја научивме лекцијата дека државните интереси се градат овде консензуално и, како што истакнав на почетокот, се бранат консензуално, но и дека ЕУ сфати дека не смее да ја повтори грешката при распадот на Југославија. Економските, судските, политичките, правните и други промени во насока на хармонизација со ЕУ-стандардите го јакнеа и ќе го јакнат нашиот кредибилитет и сами по себе нѐ туркаат и приближуваат кон ЕУ. Важно е да ја забразаме евроинтеграцијата, но крајно време е да постапуваме утилитаристички, мерејќи ги придобивките и загубите, антиципирајќи ги последиците од повторувањето на грешките со феноменот – уште сега, уште ова…. одново и наново…. Билатерализацијата на евроинтеграцијата не е опасна само за македонскиот случај туку за севкупниот процес на проширување. Билатерализацијата нема да заврши со македонскиот случај, напротив, се плашам дека ќе инспирира нови случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето. Ако 16 пати во 16 извештаи Европскиот парламент и Европската комисија рекле „да“ за нас, а Европскиот совет рекол „не“, во прашање не е нашата неспособност, туку се работи за ЕУ демократски дефицит. Ако во 15 извештаи не бил нотиран никаков проблем со малцинство, а одеднаш, во шеснаесеттиот, се појавил проблемот со бугарското малцинство, проблемот е проблематичен. Ако има 14 пресуди против Бугарија во Судот за човекови права во Стразбур, а ЕУ пристапила кон Европската конвенција за човекови права и ја признала неговата јурисдикција. Како може да се толерира членка на ЕУ што ја потпишала и ратификувала Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата да одбива да ги спроведе пресудите на судот во кој и самата има судија – посочи претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Таа повика оти е време за храбар ЕУ-исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што, како што нагласи, ќе означи реунификација, односно реинтеграција на регионот во ЕУ.
– Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија поддржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ-членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир – посочи Силјановска-Давкова, нагласувајќи дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен.

Реформите не ги правиме за бриселските бирократи, туку за македонските граѓани

Реформите не ги правиме за бриселските бирократи, туку за македонските граѓани. Нашата цел е да изградиме праведно и напредно македонско општество, порача претседателката Силјановска-Давкова.
– Имаме став, го презентираме и браниме со аргументи. Нашите ставови, од една страна, кореспондираат со оној на мнозинството граѓани, оти ние сме го добиле мандатот од нив, а од друга се темелат на европското и меѓународното право, се повикуваат на компаративните и претходните искуства и инсистираат на неселективен пристап. Добро е да сме усогласени и со опозицијата, зашто така ќе ја зајакнеме преговарачката и државна позиција, ама за тоа се потребни државнички профили и жртви од обете страни. Целта на европските реформи не е да имаме само промена на законите, туку промена на реалноста, промена на секојдневието на македонските граѓани – истакна претседателката во годишното обраќање во Собранието.

Борбата за правда е борба за иднината на државата

Еден од клучните проблеми на македонските граѓани е правдата, посочи претседателката, но правдата, како што додаде таа, е загрозена поради ендемската корупција и организираниот криминал, што, заедно со судирот на интереси, непотизмот и клиентелизмот, го поништуваат владеењето на правото, ги обезвреднуваат институциите, ги иселуваат младите и ни ја празнат државата. Без правда нема извесност на планирањето на животот, истакна претседателката.
– Борбата против корупцијата и организираниот криминал е најважната борба на оваа влада. Во оваа борба ние не сме сами. Ги имаме довербата од македонските граѓани и поддршката од нашите стратегиски партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа. Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање. Сега македонските надлежни институции се на потег. Граѓаните очекуваа и дочекаа конкретни резултати. Секое одолговлекување би значело толерирање на беззаконието и неправдата. Никој не смее да биде недопирлив. Никој не смее да биде над законот. Не може целото општество да ја трпи казната поради неказнивоста на неколкумина. Од тоа зависи враќањето на разнишаната доверба на македонските граѓани во правосудството. Борбата за правда, за правна држава, за владеење на правото е борба за задржување на младите и за иднината на државата – нагласи Силјановска-Давкова, напоменувајќи дека борбата никако не смее да се сведе само на овие неколку високопрофилирани случаи, бидејќи корупцијата е длабоко вкоренета во секоја пора на општеството.

Единствено можно решение е уставни измени со одложено дејство, во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова истакна дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите и оти тоа би било добитно решение и за Бугарија. Претседателката повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозицијата околу заедничките државни интереси.
– Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на преговарачката рамка, односно заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било добитно решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на преамбулата на Договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, добитна би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би биле засиленото пријателство и докажаното добрососедство. Ако зборуваме за Pacta sun servanda, да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени – нагласи претседателката.

Секој од нас треба да направи сѐ што може за да им помогнеме на ранливите категории

Кога зборувам за правда, додаде претседателката, не мислам само на правосудството и на владеењето на правото. За да не станеме држава на социјални случаи, нам ни е потребна социјална правда.
– И во Уставот, Македонија е дефинирана како социјална држава, којашто треба да им помага на ранливите, за секој човек, за секое семејство да има пристоен живот. Буџетот што го усвоивте вие, пратениците е развоен и инвестициски, но со вклучена социјална компонента. Тоа е за поздравување, особено во ова време на ценовни шокови. Секој од нас треба да направи сѐ што може за да им помогне на ранливите категории. Иако моите ингеренции на ова поле се ограничени, јас го правам она што можам. Станав глас на оние што се соочуваат со системска дискриминација, како што се текстилните работници или руралните жени кои се борат за подостоинствени работни услови. Поради родовата нееднаквост, многу жени неправедно носат двоен товар – грижата за домот и семејството, но и грижа за приходот. Нужно е да ги интегрираме родовите перспективи во секоја работа – заклучи претседателката во своето годишно обраќање. П.Р.