Правата и слободите и положбата на македонското малцинство во северна Грција зависат од самите Македонци во Грција, независно дали постоел или не Преспанскиот договор. Членовите на партијата Виножито и воопшто македонското малцинство во Грција ќе се радуваат да ја видат македонската држава просперитетна и полноправна членка на Европската Унија што побрзо, за токму таму да ги искористи благодатите на органите и финансиските можности од ЕУ за доброто на сите граѓани, вели Павлос Воскопулос Филипов, најистакнатиот претставник на македонската партија Виножито
Новогодишни интервјуа со претставници на македонското малцинство во соседството
Павлос Воскопулос Филипов – најистакнатиот претставник на македонската партија Виножито од Република Грција
Павлос Воскопулос Филипов е роден во Лерин – Грција, на 25 ноември 1964 година. Тој беше основач на Македонското движење за балкански просперитет во 1992 година и член на Политичкиот секретаријат на Европската слободна алијанса – Виножито (политичка партија на македонското малцинство во Грција) во 1994 година и член на Домот на македонската култура. Во 1998 година, заедно со 24 активисти за човекови права, учествуваше во пишувањето на книгата „Порака за човекови права“, печатена од Министерството за надворешни работи на Шведска, по повод 50-годишнината од Универзалната декларација за човекови права на ООН. Павлос Воскопулос Филипов успешно ја предводеше иницијативата партијата Виножито да стане полноправна членка на Европската слободна алијанса – Европската политичка партија (ЕФА – ЕПП) и на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Во 2007 година е избран за член на Бирото на Европската слободна алијанса-Европска политичка партија. Во многу наврати тој ја претставуваше партијата и го отвори прашањето за статусот на македонското малцинство во Грција на различни меѓународни форуми за правата на малцинствата, вклучувајќи ги и оние на Обединетите нации и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Европскиот парламент и Советот на Европа.
За името
– По 1991 година и распадот на Југославија постоеше идеално решение, дури да се убедат – амортизираат грчките опсесии. Конкретно народот, почитувајќи го грчкиот „страв“ или грчките резерви околу употребувањето на терминот „Македонија“ (еве, да потсетам и да имаме предвид дека има регион во северна Грција што го носи името…), реши, одлучи, името на оваа поранешна федеративна компонента на СФРЈ со името „Социјалистичка Република Македонија“ во рамките на Југославија да се вика (како млада независна држава) НЕ само со именката „Македонија“ туку со одредница за државно уредување – Република, односно „Република Македонија“. Власта и граѓаните одбрале идеален префикс „Република“ или „Republic of“ (на англиски-меѓународно) за да се диференцира и разликува од регионот во северна Грција. Уште подетално, нема ни еден сантиметар квадратен земја во Грција што се вика „Република Македонија“. Затоа нема ни минимум причини за „конфузии“ со употребувањето на името на државата „Republic of Macedonia“. Точка.
Ние Македонците, припадниците на македонското национално малцинство во Грција, жалиме што Грција имплементира деструктивна, антиевропска и антизападна политика по повод „темата“ и против добрососедските односи на државите во регионот. Ја покануваме Грција да си ја поправи оваа негативна позиција политика за доброто на регионот и пошироко.
За одлуките на грчкиот суд за регистрација на Центарот за македонски јазик во Лерин?
Прво, благодарејќи на пријатели во земјите членки на Европската Унија, партијата Виножито регистрирана во 1994 година го впиша македонскиот јазик како малцински јазик во органите на Европската Унија многу порано од регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин. Преспанскиот договор стави „печат“ на македонскиот јазик во независната македонска држава, соседна на Грција. Правата и слободите и положбата на македонското малцинство во северна Грција зависат од самите Македонци во Грција, независно дали постоел или не Преспанскиот договор. Членовите на партијата Виножито и воопшто македонското малцинство во Грција ќе се радуваат да ја видат македонската држава просперитетна и полноправна членка на Европската Унија што побрзо, за токму таму да ги искористи благодатите на органите и финансиските можности од ЕУ за доброто на сите граѓани. Македонците во северна Грција се радуваат и го поздравуваат секое унапредување и продлабочување на грчко-македонските односи. Припадниците на македонското малцинство ќе настојуваат Грција да чекори напред, по признавањето на македонскиот јазик, да го признае македонско малцинство и да имплементира соодветни позитивни мерки за неговите права и слободи.
Дали може да ни кажете зошто одлучивте да се борите за човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Грција?
Решив од младите години де се борам бидејќи станува збор за достоинството што секој човек проценува. Сакам во животот да делувам соодветно. Почитувам секого што изразува разноликост без да навредува граѓани, индивидуалци или колективитет. Сакам исто да бидам почитуван за моето битие од граѓаните и државните структури. Во исто време сметам дека напредно е едно општество, колективитет, држава да почитува свои граѓани, меѓу нив и своите малцинства. Бидејќи Грција не го правеше тоа, со години сметав дека мојата борба, заедно со моите сонародници, ќе и дава позитивен импулс на мојата држава, бидејќи тука живеам и делувам соодветно. Импулс даваме со нашите сонародници, во борбата за Грција да чекори кон позитивна политичка демократија. Да елиминира слабости околу малцинските права. Во суштина за доброто на државата.
Кажете ни нешто повеќе за вашите активности и активностите на македонското малцинство во Грција?
На внатрешно ниво, да се подигнува нивото на свеста и поактивно да се бараат малцински права. Затоа решив да се бориме, не само на културно ниво, туку мајчиниот јазик да се изразува јавно, без страв, на јавни собири, но и политички. Затоа организиравме движење, па дури и политичка партија. Да дејствуваме пред државните органи во Грција, да ги претставуваме пред странските соодветни меѓународни организации дискриминацијата и проблемите на припадниците на македонското малцинство. Виножито го основавме токму заради помошта на европските пријатели во ЕУ, конкретно во Европскиот Парламент. Во Грција не само што издаваме списание како „НОВА 3ОРА“, туку и со печатење на абецедар, и македонско-грчки речници. Имавме промоции во Солун, Атина, во Европскиот парламент и секако успеавме современиот македонскиот јазик да се признава и во Европскиот парламент.
Со кои проблеми се соочува македонското малцинство во Грција?
Многу пати образложуваме кај соодветните меѓународни органи за софистицирана или брутална дискриминација на македонското малцинство. Да се осудува Грција за непризнавање на Домот за македонската култура, два пати од Европскиот суд, да плаќа казна според одлуката од Стразбур за почитување на Меѓународниот суд, а од друга страна, регистрирањето да се одбива три пати. Од една страна политичката власт изигрува вид демократија, а од друга страна се брани, демек за независно судство во кое не треба да се меша државата. Но во суштина интервенира во судството и во македонските работи. Брутално е со конкретниот проблем околу рехабилитација на Македонците протерани за време на граѓанската војна. Еве сега сме речиси во 2025 година и денес Грција се нема поместено за соодветно да ги почитува своите граѓани. Ова е вид бруталност. Слично е кога се дават инструкции и кога голем дел од медиумите ги претставуваат Македонците – активисти како „непријатели на државата и на националните интереси на државата”. Последен ваков пример се случи пред неколку месеци, кога конечно се признава македонскиот јазик, индиректно, пред основање на Центарот за македонски јазик, на првостепено ниво на локално судство, и од друга страна, крајно националистички структури, како паравоени организации, да постапуваат со жалби, кои судовите ги прифаќаат и Центарот се прогласува за нелегален. Генерално, без да претерувам, навистина не е лесно јавно да се бори Македонецот, што на пример, има дуќан или бизнис во Лерин, Воден, Костур и малцинството што живее таму, бидејќи ќе бидат стигматизирани како „скопјани“ или непријатели на Грција и слично.
Како гледате на македонско-грчките односи?
Македонско-грчките односи се релативно подобри после Преспанскиот договор. Не дека има некој голем напредок, дури грчкиот парламент одложува да ратификува сегменти од Договорот, но барем се намали антимакедонската реторика на политичката сцена и во медиумите. Но, како и да е, на ова може да се гледа позитивно. Навистина би сакал Грција да направи идеолошка реформа при македонското прашање. Да се едуцира просечен Грк да ја прифати со топлина и добрина современата македонска нација како посебна на Балканот. На државно ниво, но и малцинството во Грција да се прифати како македонско. А за Бугарија пак? Сличности на грчката приказна со години. Македонска независна држава и македонското малцинство во Грција и Бугарија делуваат како лек на нивните национални уназадени идеологии-стереотипи. Ние Македонците тука, барем припадниците на малцинството и активистите, така делуваме принципиелно и достоинствено. Посакувам сите Македонци насекаде да имаат успешна и просперитетна 2025 година.