Фото: „Нова Македонија“

Целта од пет отсто е повеќе отколку што троши која било членка на НАТО во моментов. САД минатата година потрошиле 3,4 отсто од својот БДП за одбрана; Полска е најблиску, трошејќи 4,12 отсто во 2024 година и со цел да го зголеми вложувањето на 4,7 отсто годинава

Европа се подели во врска со повикот на Доналд Трамп за зголемување на вложувањето во буџетот на НАТО

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака членките на НАТО да вложуваат пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП) за одбрана, што е повеќе од двојно од сегашната цел за трошоците на Северноатлантската алијанса, па предлогот наиде на поделени мислења меѓу владите во Европа со ограничени буџети.
– Европа вложува мал дел од парите што ние ги вложуваме. Имаме нешто што се нарекува океан меѓу нас, нели? Зошто ние вложуваме милијарди и милијарди долари повеќе од Европа – рече Трамп за време на појавувањето во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида пред една недела.
Според анализата на европското издание на магазинот „Политико“, „целта од пет отсто е повеќе отколку што троши која било членка на НАТО во моментов“. САД минатата година потрошиле 3,4 отсто од својот БДП за одбрана; Полска е најблиску, трошејќи 4,12 отсто во 2024 година и има цел да го зголеми тоа на 4,7 отсто оваа година, бележи европското издание на магазинот „Политико“.

Зошто членките на НАТО во источното крило трошат повеќе?

„Политико“ анализира дека „трендот е – воените трошоци кај членките на НАТО се повисоки, во зависност од тоа колку една земја е поблиску до Русија“!
Така, на пример, во последните години, трите балтички земји значително ги зголемуваат своите воени буџети.
– Естонија се залага за ваквиот тренд со години – изјави естонската премиерка Кристен Михал за „Политико“ по повод предлогот на Трамп.
Естонија годинава ќе потроши 3,7 отсто од БДП за одбрана.
Шведска, пак, која минатата година потроши 2,1 отсто од БДП за одбрана, исто така смета дека е добра идеја да се вложува повеќе.
– Постои широк консензус во Шведска дека треба да инвестираме повеќе во нашата одбрана. Американските власти долго време ги повикуваат европските земји да ги зголемат трошоците за одбраната и да сносат поголем дел од нивните трошоци за одбрана. Ние го делиме овој став – рече шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стенергард.

Повеќе држави членки на Алијансата се мачат да постигнат и два отсто од БДП

Многу европски земји се соочуваат со буџетски тешкотии и се борат да ја достигнат дури и целта од два отсто.
Германија се обидува да најде начин да дојде до два отсто годинава, но лидерот на опозициските демохристијани, Фридрих Мерц, кој се смета дека речиси сигурно ќе победи на предвремените федерални избори закажани за следниот месец, не го сфаќа Трамп буквално.
– Два, три или пет проценти се во основа ирелевантни. Важно е да го направиме она што е неопходно за да се одбраниме – изјави тој за националните медиуми.
Канцеларот Олаф Шолц беше повнимателен, велејќи во дека земјите на НАТО „ќе ги зајакнат нашите одбранбени капацитети“, како и дека во НАТО има регулирана процедура токму за оваа цел“.
Франција, пак, се обидува да најде начин како да продолжи да ги зголемува трошоците за одбрана, бидејќи буџетскиот процес на земјата е попречен од политичката неизвесност, додека Обединетото Кралство не постави јасна временска рамка за постигнување на целта од 2,5 проценти.
Чешката влада соопшти дека неделава ќе достигне вложување од два отсто за првпат досега.
– Реално е да се зборува за три отсто за неколку години – рече чешкиот премиер Петр Фиала во средата.
Трамп посакува брзо и значително зголемување на воените буџети, но италијанските власти, на пример, сметаат дека остварувањето на неговиот повик претставува невозможна мисија.
– Не мислам дека тоа ќе биде пет отсто, што во овој момент би било невозможно за речиси сите нации во светот – рече италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето во италијанскиот парламент во средата.
Италија годинава ќе потроши 1,57 отсто од БДП за одбрана и има цел да достигне два отсто во 2028 година.

Дали предлогот на Трамп би ги оптоварил буџетите на сите членки на НАТО?

И покрај тоа што САД не вложуваат најмногу во однос на уделот во БДП, големината на нивната економија значи дека Вашингтон сноси поголем дел од товарот во НАТО отколку другите земји.
Во 2023 година, на пример, САД сочинуваа 68 отсто од трошоците на НАТО со 916 милијарди долари, според статистиката составена од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот. Европските земји членки на Алијансата покриваат само 28 отсто од трошоците.
– Сепак, зголемувањето предложено од Трамп е толку драстично што се смета оти би ги оптоварило буџетите на сите земји членки, со можен исклучок на Полска. Тешко е да се види како би се вклопило со домашните повици на Трамп за намалување на владините трошоци, кои се клучен дел од неговата политичка порака – пишува „Политико“.
Затоа некои аналитичари го гледаат повикот од пет отсто како перформативен трик.
– Ми се чини дека поентата на ова барање е тоа што е дизајнирано да не се исполни. Изгледа дека поентата на барањето од пет отсто е тоа да биде неостварливо, се чини дека намерата е државите да не успеат во исполнување на целта – објави Рут Дејермонд, виш предавач на Катедрата за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон, на Икс.

Се формира ли консензуална волја за зголемување на издвојувањето за воено-одбранбениот сектор?

Без разлика дали „Трамп прави аргументи со добра волја за зголемување на буџетите за одбрана или поставува цел осудена на неуспех, постои сè поголем консензус меѓу сојузниците дека сегашната цел од два отсто треба да се зголеми“. Недоволно е да се исполнат регионалните одбранбени планови и целите на целокупниот воен капацитет на НАТО, бидејќи Алијансата реагира на војната во Украина. Се очекува целите за вложување да бидат обновени за време на лидерскиот самит на НАТО во Хаг во јуни.
Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, во декември повика на „промена кон воениот начин на размислување“ во националното планирање, но рече дека е прерано да се постави точна цел за трошење.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе во декември изјави дека не треба да се брза со поставување нова цел за трошење. Р.С.


Полска сака да биде трансатлантска, американско-европска „спојница“

Варшава го поддржува барањето на Доналд Трамп за издвојување пет отсто од БДП за одбрана, дури и ако ќе бидат потребни 10 години за оние што заостануваат со финансирањето да ја достигнат целта, вели полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Тој во изјава за „Фајненшл тајмс“ посочи дека неговата земја „може да биде трансатлантска врска помеѓу овој предизвик поставен од претседателот Трамп и неговата имплементација во Европа“. Полска е членката на НАТО што е најблиску до исполнување на новата цел, откако издвои 4,7 отсто од БДП за одбрана годинава, што е највисок процент во воената алијанса предводена од САД.
Косињак-Камиш рече дека новата цел е „важен повик за будење“ за Алијансата.
Постигнувањето на целта на Трамп „ќе потрае уште една деценија, но мислам дека тој не треба да биде критикуван за поставување навистина амбициозна цел, бидејќи во спротивно ќе има некои земји што ќе продолжат да дебатираат дали навистина се потребни повеќе трошоци – смета Косињак-Камиш.
Варшава сака да го искористи шестмесечното ротирачко претседавање на Полска со ЕУ, кое започна на 1 јануари, за да ги убеди другите земји членки да потрошат 100 милијарди евра од следниот заеднички буџет за одбрана. Разговорите за седумгодишниот буџет почнувајќи од 2028 година треба да започнат годинава. Европската комисија минатата година предложи програма од 1,5 милијарда евра за одбранбената индустрија, која Косињак-Камиш ја опиша како јасно недоволна. Косињак-Камиш планира да ги претстави плановите на Полска за време на денешниот состанок во Варшава со колегите од Германија, Франција, Италија и од Велика Британија. Р.С.