Фото: „Нова Македонија“

Пораките што неодамна ги упати официјална Софија се во насока дека уставните измени се клучна обврска за Македонија и дека какви било нови преговори со македонската страна не доаѓаат во предвид и нема да има. Но, од друга страна, ваквите пораки доаѓаат во време кога Бугарија нема политичка влада, земјата се подготвува да оди на седми предвремени парламентарни избори во рок од три години, од кои исходот уште сега може да се насети, односно дека државата уште подлабоко завлегува во политички ќор-сокак, од кој не се наѕира излез. ЕУ многу добро го забележува сето тоа и очигледно повеќе нема намера да биде жртва на бугарските опструкции

Софија загрижена оти се заборавија уставните измени „по бугарски терк“

Официјална Софија покажува сериозни знаци на загриженост и нервоза околу спласнувањето на интензитетот со кој се инсистираше на уставни измени во Македонија, особено што и последните изјави што доаѓаат од европските челници се во насока земјава да се посвети исклучиво на реформите ако сака да напредува во евроинтегративниот процес. Обврската за уставни измени сѐ поретко се споменува од страна на официјален Брисел, туку европските претставници, како и официјален Вашингтон, акцентот сега го ставаат на владеењето на правото и борбата со корупцијата, но и на воспоставувањето функционални институции што ќе можат да го понесат товарот на планираните реформи.
Очигледно ваквиот нов пристап влијаеше и за новите перцепции кај партиите на Албанците во власта, кои од првичните најави дека ќе ја напуштат Владата ако за шест месеци не се изгласаат уставните измени, сега се на иста линија со нивниот владин партнер, дека уставни измени во овој период не се приоритетни.
Од тие причини пораките што неодамна ги упати официјална Софија се во насока дека уставните измени се клучна обврска за Македонија и дека какви било нови преговори со македонската страна не доаѓаат предвид и нема да има. Но, од друга страна, ваквите пораки доаѓаат во време кога Бугарија нема политичка влада, земјата се подготвува да оди на седми предвремени парламентарни избори во рок од три години, од кои исходот уште сега може да се насети, односно дека државата уште подлабоко завлегува во политички ќор-сокак ,од кој не се наѕира излез.
ЕУ многу добро го забележува сето тоа и очигледно повеќе нема намера да биде жртва на бугарските опструкции, со кои не само што се урива европскиот кредибилитет меѓу земјите кандидати туку во исклучително чувствителни времиња, испреплетени со голем број безбедносни предизвици, се загрозуваат европската надворешна политика и стратегија.

Бугарија многу добро го знае тоа, особено по македонскиот став изнесен пред ЕУ дека уставни измени ќе се случат веднаш и со тоа ќе биде задоволено европското барање, но правното дејство да почне да важи по ратификацијата на пристапниот договор на Македонија со сите земји членки на ЕУ, односно пред влезот во Унијата, со што ќе се испочитува македонското барање за гаранции дека земјава нема да биде предмет на нови уцени од бугарска страна. Очигледно ваквиот пристап од македонска страна за Унијата е фер и затоа сега акцентот го става на реформите. Токму таквиот европски пристап ја загрижи Бугарија, која и како членка на ЕУ не може да се пофали со сериозни резултати во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата, но и во делот на почитувањето на малцинските права, за што веќе се соочува со повеќе меѓународни пресуди.
Поранешни дипломати, во разговор на оваа тема, оценуваат дека Бугарија сфати дека драстично се намали интензитетот со кој Македонија се притискаше да ги направи уставните измени и сега се обидува ова прашање одново да го актуализира и да го врати на дневен ред.

– ЕУ заврши со бугарските барања кон Македонија. Бугарите бараа уставни измени, Брисел им ги испорача како услов што земјава треба да го исполни. Но сега на ред е да се слушне и Македонија, а таа бара гаранции дека тоа ќе биде последно бугарско барање. Од тој аспект, предлогот за одложено дејство на уставните измени е сосема разумен и Брисел го знае тоа, па затоа остава слобода од македонска страна тоа да биде направено на начин никој да не се чувствува поразено и фрустрирано како што беше случајот со Преспанската спогодба. Европските челници многу повеќе се загрижени од тоа што Бугарија три години не може да формира политичка влада отколку за уставните измени во Македонија. Тоа на официјална Софија не ѝ се допаѓа и се обидува некако повторно уставните измени да ги врати во прв план – велат поранешни дипломати.
Според нив, нервозата дополнително расте бидејќи во ЕУ веќе започнуваат внатрешните реформски процеси, со кои, меѓу другото, ќе се редефинира носењето одлуки со консензус, а со тоа и на ветото како алатка.
– На тој начин Бугарија ќе ја изгуби единствената алатка за уцена, па сега брза да го врати прашањето за уставните измени за да ќари додека може. За жал, ситуацијата и пристапот се сменети и Македонија, без оглед што не е членка на ЕУ, може да бара фер третман од Унијата, особено откако ЕУ претходно го погази дадениот збор при промената на името. Сега Брисел не сака да ја повтори истата грешка – заклучуваат соговорниците.


Новата политичка реалност во Македонија наспроти бугарските ирационални тенденции

Ѝ побегна ли на Софија бугарскиот „тројански коњ“?

Ретерирањето на партиите на македонските Албанци во власта од тврдата позиција за уставни измени, која одеше дотаму што се даваше некаков рок од три месеци да се направат уставните измени, се покажа како аларм за официјалната бугарска политика, која почна да го губи сојузништвото со дел од албанските политички претставници во земјава.
Ако претходно бугарските власти имаа доверлив сојузник во партиите на македонските Албанци, кои застанаа во отворена поддршка на сите бугарски барања, почнувајќи од преговорите со Бугарија, преку францускиот предлог, до притисокот за уставни измени како услов за какво било коалицирање со партиите од македонскиот блок, сега очигледно бугарските челници гледаат дека остануваат сами во мисијата да издејствуваат уставни измени.
Очигледно на официјална Софија не ѝ се допаѓа тоа, па повторно ја отвора приказната за некакво српско и грчко влијание во земјава, кое се заканува да ги стави Албанците во иста позиција на потчинетост како и Македонците, играјќи на националниот сентимент што постои кај албанската заедница во земјава кога станува збор за какви било врски со Србија.
Бугарија ваквиот пристап кон Албанците, кои досега беа нејзиниот тројански коњ во Македонија, го оценува како нивна желба да станат Македонци, во прегратки на Белград и во понизен однос кон Грција. Од тие причини, не е исклучено одредени кругови на бугарската политичка сцена да продолжат отворено да работат меѓу Албанците во земјава да го продолжат притисокот за уставни измени по нивен терк, сега откако стана јасно дека повеќе никој не ги споменува уставните измени.
– Не е тајна дека поранешниот коалициски партнер во минатата влада, ДУИ, отворено соработуваше со официјална Софија, и не само тоа туку целиот ваков пристап успеа да го наметне и кај претставниците на сите други албански партии во земјава. Сите тие се обединија околу уставните измени застапувајќи ја исклучиво бугарската позиција и во еден период условуваа какво било коалицирање со македонски партии само ако се направат уставните измени во кус рок. Ексминистерот за надворешни работи што доаѓаше од редовите на ДУИ тајно ги водеше преговорите со Бугарија, не ја информираше македонската јавност, па ниту парламентарците, за ништо што е поврзано со овие преговори. Не случајно претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник Павле Трајанов пред извесно време излезе со тврдење дека контурите на францускиот предлог всушност ги договарале претставници на Бугарија и на ДУИ во Мала Речица. Несомнено со ваквите тврдења, но и со преземените чекори од поранешната македонска дипломатија, се покажува дека Бугарија имаше силен сојузник во ДУИ како гарант дека уставните измени ќе поминат според бугарска замисла. Но, за нивна жал, сега работите се сменија и Софија е загрижена што ги губи позициите и влијанијата во политичкиот живот во Македонија – велат познавачите на политичките состојби во регионот.