Стотици и стотици медиуми во регионот, но и во светот го пласираа големиот пожар во кочанската дискотека како ударна вест на насловните страници со слики и видеа од местото на големата несреќа, а драматичните настани се следат од минута на минута. Пренесуваме дел од написите во светските медиуми

ОДГЛАСИ ПО СВЕТСКИТЕ МЕДИУМИ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ШТО ЈА ЗАЦРНИ МАКЕДОНИЈА

Трагедијата што се случи во неделата в зори во Кочани со молскавична брзина се прошири низ светските медиуми. Со оваа голема катастрофа, која најмногу го погоди Кочани и е национална трагедија каква што Македонија не памети, сочувствуваат и соседите, но и целиот свет. Изразувајќи сочувство, регионалните лидери понудија медицинска помош за настраданите.
Светските агенции ја пренесоа веста дека рано изутрината во пожар во ноќен клуб во Кочани животот го загубија над 50 млади лица. Агенциите и медиумите се повикуваат на официјални податоци од Министерството за внатрешни работи и на податоци на релевантни македонски медиуми.
Германската агенција ДПА засега само кусо ја пренесува веста на МИА дека во пожарот во ноќниот клуб во Кочани има најмалку 50 загинати.
Американската „Асошиејтед прес“ го цитира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој пред новинарите во Кочани изјави дека во пожарот има 51 загинато лице и уште десетици повредени
АП, цитирајќи го Тошковски, пренесува дека „пожарот започнал околу 2.35 часот, за време на концерт на локална поп-група“.
Членови на семејствата се собрани пред болниците и градските канцеларии во Кочани и ги молат властите за повеќе информации.
Тошковски рече дека полицијата уапсила едно лице, но не соопшти детали за вмешаноста на лицето.
И АФП ја користи првичната вест на МИА за пожарот, најавувајќи дека има „најмалку 50 загинати во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“.
Агенцијата објави дека пожарот избувнал во „Пулс“, ноќен клуб во малото гратче со околу 30.000 жители за време на концерт на ДНК, хипхоп-дуо популарно во земјата.
На концертот што започна на полноќ во неделата присуствуваа главно млади луѓе.
За трагедијата во Кочани утринава редовно известуваат и хрватската агенција „Хина“, српските агенции „Бета“ и „Танјуг“, бугарската БТА, црногорската „Мина“ и многу други.

Си-ен-ен: Најмалку 51 лице загинаа, а повеќе од 100 се повредени во
пожар во Кочани

Најмалку 51 лице загинаа, а повеќе од 100 се повредени во пожар во ноќен клуб во градот Кочани, ја пренесува Си-ен-ен изјавата на министерот Панче Тошковски. Во сторијата за оваа голема трагедија, светски познатиот медиум објавува дека најмалку 118 повредени во трагедијата се пренесени во болниците низ државата и дека министерот за правда Игор Филков изјавил дека сите инволвирани во трагедијата ќе одговараат.
Пожарот избувнал во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, а локалните медиуми објавуваат видео од внатрешноста на местото, кое покажува како бенд настапува додека пиротехничките средства исфрлаат искри на предниот дел на бината. Како што искрите стигнуваат до таванот, тој полека се пали.
Полицијата во неделата наутро го приведе сопственикот на ноќниот клуб, јави МИА.
Пријатели и роднини на жртвите се собираат пред болниците по пожарот.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски рече дека тоа е „тежок и многу тажен ден“.
„ДНК“, македонско музичко дуо, настапуваше во клубот во саботата вечерта, се наведува на инстаграм-профилот на бендот.
Лидерите од цела Европа преку социјалните мрежи изразија сочувство за катастрофата, вклучително и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Анџела Агелер, амбасадорката на САД во Македонија, исто така објави за инцидентот на Икс, пишувајќи во неделата дека „срцето се кине“ за жртвите од трагедијата, нудејќи помош и ресурси од американската амбасада.

Би-би-си: Во пожар во ноќен клуб најмалку 51 загинат, повеќето на возраст од 14 до 25 години

Најмалку 51 лице загинаа, а повеќе од 118 се повредени во пожар во ноќен клуб во Македонија, соопштија властите. Пожарот избувна околу 2.30 часот (1.30 по Гринич) во клубот „Пулс“ во Кочани, град на околу 100 километри (60 милји) источно од главниот град Скопје.
Околу 1.500 луѓе присуствувале на концертот на „ДНК“, популарно хипхоп-дуо во земјата, кога избил пожарот. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека покривот на зградата е зафатен од пламен.
Премиерот Христијан Мицкоски го нарече „тежок и многу тажен ден“ за земјата, која сега изгуби толку многу „млади животи“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека првичните извештаи сугерираат дека пожарот настанал од искри предизвикани од пиротехнички средства. Говорејќи пред полициската станица во Кочани, тој рече дека искрите го погодиле таванот, кој бил направен од многу запалив материјал.
На снимката се гледа како бендот свири на сцената кога ќе се запалат два блесока, а искри потоа се фаќаат на таванот пред брзо да се шират.
Тошковски рече дека едно лице е уапсено, иако не даде повеќе детали за неговата вмешаност.
Кочанската болница првично објави за 90 примени, при што многумина добиле тешки изгореници. Некои од повредените во меѓувреме се префрлени на понатамошно лекување во болниците во Скопје.
Директорката на болницата во Кочани, Кристина Серафимова, изјави за локалните медиуми дека вработените се мачеле да ги идентификуваат пациентите поради недостиг од лични карти. Сепак, таа рече дека починатите биле на возраст од 14 до 24 години.
Тим истражители почнаа да го истражуваат инцидентот.

„Блиц“: Приведен сопственикот на дискотеката на смртта

Голем пожар околу три часот по полноќ избувнал во дискотека во градот Кочани, Македонија. Вкупно 51 лице загинаа, а околу 100 се повредени. Спасувачките екипи се на терен, а сите најнови информации можете да ги следите во живо на веб-страницата на „Блиц“.
Во ноќниот клуб имало околу 1.500 луѓе, а во пожарот се повредени околу 100 луѓе.
„Ќерка ми беше згазена за време на евакуација“:
Таткото на две девојчиња што вчера биле во дискотеката „Пулс“ во Кочани кога избувнал пожарот сѐ уште трага по едното, додека другото е хоспитализирано. Таа вели дека била прегазена од други гости за време на евакуацијата, но, за среќа, е жива.
– Дојдовме да ја бараме, не е во Кочани, ќе ја бараме во Скопје – изјави за МИА таткото Бобан Тасев.
Приведен е сопственикот на дискотеката на смртта
Приведен е сопственикот на дискотека на смртта во Кочани, каде што рано утринава избувна пожар во кој загинаа 51 лице, а околу 100 се повредени. Во тек е голема акција на македонската полиција. „Блиц“ објавува дека српскиот претседател Александар Вучиќ дал изјава на својот профил на Икс: „Со голема тага ја примив веста за страшната трагедија што ја снајде Северна Македонија. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот во овие тешки моменти“.
Пејачката Јована Пајиќ е последната српска пејачка што настапила во Кочани во клубот „Пулс“.
– Местото каде што се случи сето ова е дискотека, тоа не е шатор каде што толку лесно би избувнал пожар. Страшно е што се случи ова, многу ме потресе веста утрово – изјави пејачката за „Блиц“.

„Јутарњи лист“: Трагедија во Македонија

Вкупно 51 лице загинаа во пожар во ноќен клуб, жртвите се на возраст од 14 до 25 години. Страшни сведоштва: „Прескокнав над мртвите тела за да ја најдам сестра ми (16)“.
Клубот се наоѓа во Кочани, на истокот од државата, на околу 100 километри од Скопје. Публиката на концертот, кој започна на полноќ, беше претежно млада… Вака пишува хрватскиот портал „Јутарњи лист“, кој настаните по трагедијата во Македонија ги следи од час на час, од минута на минута. Пренесува дел од објавите:
11.36 ч. Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, изјави директорката на кочанската болница д-р Кристина Серафимовска. Таму се хоспитализирани 20 пациенти на возраст од 18 до 23 години. Директорката за медиумите изјави дека првиот повик за пожарот го добиле во 2 часот и 48 минути. Пристигнале 70 пациенти со изгореници и труење со јаглерод моноксид.
– Внесоа починати лица, но имаше и такви што починаа при прием. Бидејќи немаме доволно возила, се јавив во сите болници во источна Македонија, почнаа да пристигнуваат амбулантни возила од Скопје и Велес. Потешко повредените се пренесени во Штип и Скопје – изјави д-р Серафимовска.
10.50 ч. Видовме многу мртви тела и стотици повредени. Не можете да замислите какво е чувството да ги прескокнете телата на мртвите за да ја пронајдете вашата сестра, рекол постариот брат на 16-годишна девојка пред болницата во која се лекува. Х.И.