И покрај сета оперативност и ангажираност на службите за справување со кризи, вклучувањето на армијата, активирањето на системот за цивилна помош од ЕУ, па и од НАТО, во текот на секојдневната борба со пожарите летово, како неизбежност се наметна потребата од реформа на целокупниот систем за управување со кризи, заради поголема ефикасност
Се наметнува потреба од реорганизација на системот за справување со идни непогоди
По месец и пол напрегнатост и неизвесност како ќе се развива состојбата со пожарите во Македонија, дождот донесе големо олеснување за оние што постојано се справуваа во огнената стихија. Таквото природно решение на огнениот предизвик му остави простор на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), кој во оваа сезона на пожари се покажа како мултитаскинг-оперативец, да изјави: „Сите силни пожари се изгаснати со помош на дождот. Сега се фокусираме на неколку помали пожари што остануваат активни“.
Дождот ефективно го изгасна значителниот пожар во Галичица, кој гореше 13 дена, а беа потребни напори на 120 луѓе и неколку авиони. Летово големите пожари започнаа на планината Серта кај Радовиш, гореше борова шума кај Пехчево, последниот пред дождот – на Галичица… Во јули имало 620 пожари на отворено, а само во првите десетина дена од август имало 66 нови пожари.
Откако малку е стивната состојбата со справувањето со пожарите, се очекува попрецизна процена на штетите. Иако Национални шуми сè уште немаат дадено целосна процена на штетите, првичните информации говорат дека изгореле над 1.000 хектари во Кочани и Карбинци. Дополнително, уништени се околу 9.000 хектари шума на планината Серта. Неодамнешните пожари во Пробиштипско изгореа и до 300 хектари…
Како одговор на кризата, Владата издвои 52 милиона денари (околу 842 илјади евра) од државните резерви за 2024 година. Ова финансирање вклучува 41 милион денари за гаснење пожари и 10,5 милиони денари за странска помош за сместување, храна и транспорт.
Ангелов: Потребно да се формира нова институција што ќе ги обедини функциите на ЦУК и ДЗС
И покрај сета оперативност и ангажираност на службите за справување со кризи, вклучувањето на армијата, активирањето на системот за цивилна помош од ЕУ, па и од НАТО, во текот на секојдневната борба со пожарите летово, како неизбежност се наметна потребата од реформа на целокупниот систем за управување со кризи.
– Јас во многу мои интервјуа во последните три години кажувам дека е потребно да се формира нова институција, која ќе ги обедини функциите на двете постојни – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Ние на некои места малку се преклопуваме во нашите надлежности, а одредени простори се празни. Тие треба да ги пополни Дирекцијата за заштита и спасување, но во реалноста тоа не постои. Ние имаме сѐ, само немаме луѓе што ќе излезат на терен да завршат работа. Зборувам во делот на кризниот менаџмент. Мојот став е дека составен дел на новата институција што ќе ги обедини функциите на двете постојни е формирање специјална единица за заштита и спасување – вели во едно од последните интервјуа на оваа тема директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Во екот на кризата со пожарите, на средината на месецов (Владата прогласи и кризна состојба) беше донесена и владина одлука за реформирање на системот за управување со кризи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Според Владата, овој потег ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина.
– Прв чекор што направивме е дека донесовме одлука ДЗС и ЦУК да почнат процес на фузионирање, оптимизирање, прво на кадарот, а второ да имаме една институција што во услови на кризен менаџмент ќе знае како да дејствува по определени протоколи – изјави премиерот Христијан Мицкоски, објавувајќи ја одлуката.
Потребата за реформа на системот за управување со кризи била констатирана уште пред три години, по големиот пожар кај Делчево, но и покрај заинтересираноста на тогашната извршна власт за нивно спроведување, тоа сепак од одредени причини не се случило.
– Во водењето на оваа институција имав одврзани раце од претходната влада, немав мешање во мојата работа и јас ги носев одлуките при менаџирањето на кризните состојби. Но не ми беше дадена можност да направам трансформација или коренити реформи на системот за управување со кризи. На претходниот премиер, односно премиерот пред претходниот, Зоран Заев, му презентирав дека системот не е каков што треба да биде. Имав разговарано и со поранешниот претседател Стево Пендаровски на оваа тема… Проблемот беше издигнат на највисоко ниво, веднаш по пожарите во 2021 година. На седница на Советот за безбедност беше донесен заклучок да ѝ се препорача на Владата да се формира работна група што ќе понуди нов концепт на системот за управување со кризи. Неколку дена подоцна Владата донесе заклучок да се формира работна група што требаше да ја предводам јас, која ќе понуди нов модел. За жал, една недела подоцна, според мои неофицијални информации, министерката за одбрана Радмила Шекеринска влијаела таа одлука да се преиначи во сосема друга насока, каде што нѐ задолжија мене и директорот на ДЗС да излеземе со некаква концепција. Јас сум премногу искусен за да знам дека од тоа нема ништо, бидејќи ние двајца никогаш нема да се договориме, ниту смееме да понудиме нова концепција. Таа бара вклучување поголем број луѓе, од оние кои гасат пожари до универзитетски професори, кои треба да го обликуваат во закон и подзаконски акти. Не ни беше дозволено да направиме сериозна реформа на системот за управување со кризи. Во последните три години зборувам дека на системот му е неопходна реформа – открива во интервју Стојанче Ангелов.
Во однос на функционалноста на сегашните системи што се употребуваат при ситуации за управување со кризи, Ангелов вели дека некои од нив се предвидени за команден систем, додека ЦУК и ДЗС работат по принципот на координација.
– НИКС значи команден систем – следна генерација на команден систем. Ние правиме сѐ, само не командуваме. Ние не смееме да командуваме. ЦУК координира. И тоа е еден од најголемите проблеми – каде е границата помеѓу координацијата и командата? Јас немам моќ да им наредам на авионите или на хеликоптерите да отидат некаде. Напротив, ние ги координираме. Ние бараме од нив да отидат таму. Тие можат само да кажат: не можеме или не сакаме. Команда е нешто сосема друго, значи самиот НИКС не е алатка што во овој момент може да биде употребена, иако некои нејзини својства може да се употребат, но тоа е дуплирање на силите. Ние во овој момент имаме „Макфис“, извонредна програма, развиена од страна на проектот „Џаика“, кој е поддржан од јапонската влада и Агенцијата за меѓународна соработка. Нашиот „Макфис“ има многу подобри перформанси од НИКС и ние секојдневно го користиме. Јас во секој момент ја гледам сувоста на вегетацијата и на мојот мобилен телефон. Можам да забележам каде имаме поголем ризик и опасност од појава на пожари, затоа што вегетацијата е многу сува – говори Ангелов за оперативните искуства од четиригодишното справување со кризи, особено со пожарите.
Едно од најилустративните искуства што доведува до корисен заклучок во однос на опремата за заштита од пожари е дека цената на еден „ертрактор“ е помала од штетата направена од годинешните пожари.
Како „најиновативен“ начин за предизвикување пожари е регистрирано пуштањето т.н. огнени/љубовни балони, изработени од хартија заедно со мал горилник, кои најчесто се користат при свадби и семејни веселби, а кои беа забележани над Илинска Планина. Средствата и начините со кои се предизвикуваат пожари се различни. Причина за дополнително разгорување на пожарот на планината Галичица беа и експлозии на неоткриени гранати од Првата светска војна, а пожари биле предизвикани и од пиротехнички материјал за огномети и од плински уреди за бркање птици од земјоделски површини. Свесно се подметнуваат и со потпалување со бензин
Од што се предизвикани и се разгоруваат пожари во Македонија?
Љубовта не пали само срца туку и цели шуми
Средствата и начините со кои се предизвикуваат пожарите се чини дека постојано се „развиваат“. Потпалувањето со бензин се смета за „класичен начин“, кој беше констатиран и годинава кај откриени потпалувачи на пожари во земјава. Но се чини дека годинава како „најиновативен“ начин за предизвикување пожари се т.н. огнени/љубовни балони, забележани над Илинска Планина. Станува збор за лантерни изработени од мрсна оризова хартија што имаат мал горилник. Откако горилникот ќе се запали, балонот се полни со топол воздух и одлетува и до височина од 500 метри. Нивната цена изнесува до 300 денари. Причина за дополнително разгорување на пожарот на планината Галичица беа и експлозии на неоткриени гранати од Првата светска војна, а пожари биле предизвикани и од пиротехнички материјал за огномети и од плински уреди за бркање птици од земјоделски површини.
Високите атмосферски температури во текот на летото се првиот предупредувачки сигнал што не треба да се запостави како реален ризик, односно причина за предизвикување пожар. Но се чини дека наместо предупредување, високиот степен на температурна алармантност често се користи како алиби за оние со пиромански намери или со лукративни цели за предизвикување пожари. Годинава Македонија повторно се соочува(ше) со долготрајни и зачестени пожари, за кои, според анкетите, граѓаните веруваат дека повеќето се подметнати или се од небрежност, отколку од природни предизвикувачи. Гласни се сомнежите дека човечкиот фактор е одговорен како предизвикувач на пожарите, а граѓаните бараат жестоки казни за оние што ќе бидат фатени во такви злодела.
Граѓаните се децидни Владата да донесе одредба или законски измени со кои ќе се забрани сечењето на дрвјата зафатени со шумски пожар и забрана за нивно користење во комерцијални цели. Шпанија е првата држава каде што пред петнаесетина години беше донесена забрана за комерцијална употреба на дрва опожарени во шумски пожар и бројката на пожари се намали за над 80 отсто.
Една од верзиите што ги појаснуваат лукративните цели од подметнување пожари се темели на логиката дека со оглед на фактот дека „Македонски шуми“ немаат капацитет да го расчистат опожарениот терен, во некои случаи тоа го прават приватни компании. А наместо надомест, тие ги подигаат исечените дрва, кои потоа се продаваат како дрва за огрев по пониска цена поради намалената калоричност или, пак, се преработуваат во пелети за греење.
Бројот на шумски пожари и локациите наведуваат дека тие не се географски случајно избрани, а укажуваат дека природата се уништува масовно и намерно. Летово имаше пожари во два од четирите национални парка и во едно од двете заштитени подрачја во Македонија, што остава простор за уверување дека случајноста е исклучена.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, побара законски измени и построги затворски казни за пироманите што подметнуваат пожари. Полицијата летово откри дванаесетина лица против кои се поднесени кривични пријави за предизвикување општа опасност или предизвикување шумски пожар. Пред две седмици МВР активира и дронови за да може полесно да ги улови подметнувачите на шумските пожари. Дроновите летаат 24 часа во денот во повеќе подрачја од државата и се опремени со термални камери за да бидат оперативни и во ноќни услови. Ј.П.