„Нова Македонија“ донесува пошироки изводи од пишувањето на „Фокс њуз“ и други одделни американски медиуми во врска со речта на Обама во американскиот колеџ „Хамилтон“, во Клинтон, Њујорк, САД, изминатиот четврток
Поранешниот американски претседател Барак Обама ги повика Американците, студентите и факултетите низ САД „да им се спротивстават на сегашниот претседател Доналд Трамп и на неговите политики“, оти „треба и да се жртвуваат во давањето отпор кон агендата на Трамп“, бидејќи „со своето однесување спротивно на основниот договор, што го имаат како Американци“ тој направил „претходно незамисливи работи“ и оти „го урива меѓународниот поредок, кој го создала Америка по Втората светска војна!“
Обама до јавноста: „Можеби навистина треба да направите нешто и можеби малку треба да се жртвувате“
Горенаведеното е цитирано од материјалот што го објави реномираниот медиум „Фокс њуз“ во својот извештај со наслов „Обама ги повика Американците ‘можеби и да се жртвуваат’ во отпорот кон политиките на Трамп“.
„Нова Македонија“ донесува пошироки изводи од пишувањето на „Фокс њуз“ и одделни други американски медиуми во врска со речта на Обама во американскиот колеџ „Хамилтон“, во Клинтон, Њујорк, САД, изминатиот четврток.
Имено, поранешниот претседател Барак Обама изјави дека „однесувањето на претседателот Доналд Трамп е спротивно на основниот договор што го имаат како Американци“. Тој ги повика Американците, кои му се спротивставуваат на претседателот Трамп и неговата агенда, дека „можеби ќе треба и да се жртвуваат“ и „да дадат отпор кон политиките на Трамп.
– Во поголемиот дел од нашите животи беше лесно да кажете дека сте напреден или оти сте за општествена правда или да кажете дека сте за слободата на говорот и да не мора да плаќате цена за тоа… Но сега сме во еден од оние моменти кога… не е доволно само да се каже дека сте за нешто. Можеби навистина треба да направите нешто и можеби малку треба да се жртвувате – посочи Обама.
Тој ја обвини администрацијата на Трамп дека „се обидува да го уништи меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна“, како што извести „Вашингтон пост“.
– Сите вие израснавте во меѓународен поредок што го создаде Америка по Втората светска војна… Ова е важен момент, бидејќи во последните два месеца американската влада се обидува да го уништи тој поредок. Наместо да соработувате, вие треба да се борите сега за овој меѓународен поредок, бидејќи е кршлив – рече поранешниот американски претседател Барак Обама.
Обама до студентите факултетите и адвокатските канцеларии низ САД: „На сите нас е да го исправиме ова, граѓанинот да каже не!“
Обама ги повика студентите и факултетите низ САД, исто така, и „тие да им се спротивстават на сегашниот претседател Доналд Трамп и неговите политики“, обвинувајќи го дека „ја потиснува слободата на говорот“. Според Обама, универзитетите, кои имаат големи фондации, треба да бидат подготвени да ги загубат државните грантови, ако тоа значи одбрана на академската слобода и другите основни вредности. Инаку, владата на Трамп во последниот месец уапси неколку студенти за учество во пропалестински протести и поради критикување на Израел. Во исто време, ги запре исплатите на стотици милиони долари грантови на одредени универзитети.
– Но повеќе ме загрижува кога федералната влада им се заканува на универзитетите ако не примаат студенти, кои само го користат своето право на слобода на говорот – напомна Обама.
Во говорот во колеџот „Хамилтон“, Обама истакна дека нему, како на демократ, не му се допаѓа царинската политика на Трамп, кој е републиканец.
– На сите нас е да го исправиме ова. Никој друг нема да ни помогне. Најважната должност во оваа демократија е граѓанинот, обичниот човек, кој вели не. Ова не е праведно – посочи поранешниот американски претседател Обама.
Тој ги повика и адвокатските канцеларии и универзитетите дека треба и „тие да преземат поактивна улога во отпорот кон Трамп“, тврдејќи дека „ќе има огромно одбивање, ако тој се обиде да ги санкционира адвокатските канцеларии“.
– Незамисливо е истите партии, кои сега молчат, да толерираат такво однесување од мене или од цел куп мои претходници – рече поранешниот американски претседател Барак Обама во својата реч изминатиот четврток пред студентите во американскиот колеџ „Хамилтон“, во Клинтон, Њујорк, во САД.
Свето Тоевски