Во пресрет на Минхенската безбедносна конференција
- Годинашната Минхенска безбедносна конференција, која започнува в петок, се одржува во момент кога европската безбедност изгледа поранливо од кога било. Делегацијата на САД ја предводи државниот секретар и советник за национална безбедност Марко Рубио, а присутни ќе бидат над 50 светски лидери
Помина една година откако потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, одржа говор на Минхенската безбедносна конференција, критикувајќи ја Европа за миграциските политики и слободата на говорот, тврдејќи дека најголемата закана за континентот доаѓа одвнатре, пишува „Би-би-си“.
Публиката изгледаше изненадено. Во меѓувреме Белата куќа на Трамп нагло го преврте светскиот поредок. Сојузниците и противниците беа казнети со царини, беше направен дрзок потег против Венецуела, Вашингтон нееднакво бараше мир во Украина под условите на Москва, а од Канада бизарно беше побарано да стане 51-та држава на САД.
Годинашната Минхенска безбедносна конференција, која започнува утре, се одржува во момент кога европската безбедност изгледа поранливо од кога било. Делегацијата на САД ја предводи државниот секретар и советник за национална безбедност Марко Рубио, а присутни ќе бидат над 50 светски лидери.
Загриженоста ја засили и најновата стратегија за национална безбедност на САД, со која Европа се повикува да „застане на свои нозе“ и да ја преземе примарната одговорност за сопствената одбрана. Но вистинскиот потрес дојде со кризата околу Гренланд, кога Трамп изјавуваше дека САД мора да го „поседуваат“ островот, па дури и се закани со сила. Данскиот премиер предупреди дека таков чекор би значел крај на НАТО.
Иако кризата е избегната, останува клучното прашање дали безбедносните врски меѓу Европа и САД се трајно нарушени. Според поранешниот шеф на MИ6, сер Алекс Јангер, Алијансата е променета, но не и распадната. Тој смета дека Трамп бил во право што ја притиснал Европа да преземе поголем дел од товарот на сопствената одбрана, бидејќи досегашната нерамнотежа била неодржлива.
Сепак, поделбите одат подалеку од одбранбените трошоци. Тимот на Трамп е во судир со Европа околу трговијата, миграцијата и слободата на говорот, додека европските влади се вознемирени од неговиот однос со Владимир Путин и реториката кон Украина.
Во извештај пред конференцијата, организаторите предупредуваат на фундаментален прекин со американската стратегија по Втората светска војна, која се темелеше на мултилатерализам, економска интеграција и демократија како стратешка предност. Американскиот аналитички центар ЦСИС ја опишува новата стратегија како „болен повик за будење“ за Европа.
Клучен тест останува членот 5 од НАТО. Хипотетичките сценарија како тестот „Нарва“, коридорот Сувалки или Свалбард денес веќе не звучат апстрактно. Во време кога Русија продолжува со војната против Украина, ваквата неизвесност носи ризик од опасни погрешни пресметки. Минхенската конференција можеби ќе понуди насоки, но сè почесто одговорите не се оние што Европа сака да ги чуе. С.Т.
































