Додека во Киев и Москва сѐ подинамично се работи на скорашната можност за обновени мировни преговори (можеби в петок, 25.7.2025, во Истанбул), за американскиот претседател Доналд Трамп е сѐ поочигледно дека постојат две клучни недоумици за тоа како ќе се постави Вашингтон во врска со војната во Украина:
1. Да ја извлече Америка од украинската војна
2. Да ја претвори војната во своја, а не во војна на неговиот претходник Џо Бајден
Продолжувањето на конфликтот во Украина може да има далекосежни финансиски последици по светската економија
Но важно е да се нагласи дека тој сè уште го прави тоа претпазливо. Трамп не сака да воведе нови санкции врз Русија и високи царински тарифи врз земјите што ги купуваат руските енергетски ресурси. Дури, Трамп му даде на Кремљ дополнителни 50 дена да го прифати американскиот мировен план.
Во својата последна опсервација за конфликтот во Украина, аналитичарот Зоран Метер на порталот „Геополитика“ издвојува низа интересни аргументи во насока дека оддолжувањето на руско-украинскиот воен судир во Европа може да има далекосежни финансиски последици по светската економија.
Геополитичките игри на светските лидери (САД и Русија) може да станат од играчка плачка
– Сфаќајќи дека Путин не сака да се согласи со американските барања и дека, како искусен геополитичар што не му верува никому освен на црно-бел потпис на хартија, прво барајќи „отстранување на длабоките причини што доведоа до конфликтот“, додека продолжува со воените операции и воздушните напади во оперативната длабочина на Украина, а исто така лукаво ја остава отворена вратата за договор со Трамп и Киев, САД проценија дека сега е потребно да се игра поостро – пишува Зоран Метер во својата анализа.
Но, ако Путин продолжи да се држи до своите клучни барања, што е очекувано, тогаш ќе се закомпликуваат работите, според аналитичарот. Трамп во тој случај не би имал друго решение освен да ги воведе претходно споменатите секундарни царини од 500 проценти за Кина и Индија, кои се најголеми увозници на руска енергија. Сепак, тие би можеле да имаат и многу негативно влијание врз американската економија ако овие земји им одговорат со исти контратарифи на САД (Индија е поагресивна, Кина е пореална). Покрај тоа, несомнено ќе има остар скок на цените на нафтата бидејќи светот едноставно не може без руска нафта, затоа таа успешно се шверцува насекаде.
Каде е ЕУ во тие нови трендови на игра: Европа сега не ја спасува Украина, туку себеси!
Што ќе се случи со ЕУ, која продолжува да увезува руски течен гас, како и оној што пристигнува преку европската гранка на гасоводот Турски тек, или со Унгарија и Словачка, кои дополнително увезуваат руска нафта? Тоа се огромни ризици за неа, но и за целиот свет.
– Европските политички елити талкаат во пустината на геополитичкиот вакуум во кој се нашле, откако предвреме ја исклучија (за разлика од Американците) можноста за разговори со Москва како опција. Затоа сега нервозно ги стискаат вилиците и ги покажуваат забите со надеж дека Путин конечно ќе попушти. Инаку, нема да знаат што да прават. Тие сега не ја спасуваат Украина, туку себеси – се наведува во анализата објавена од „Геополитика“.
За разлика од Путин, ниту Трамп, ниту САД, ниту Европа немаат стратегија што да прават со Украина. Сѐ што знаат е дека ако не преземат нешто, изворите на финансирање на нивните елити ќе бидат доведени во прашање, заклучува Метер.
Зеленски: Мора да се направи сѐ за прекин на огнот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на обновени мировни преговори со Русија и рече дека Киев понудил нова рунда разговори што би се одржала во текот на неделава, на што од Кремљ соопштија дека Русија е отворена за мир со Украина, но оти инсистира дека постигнувањето на нејзините цели останува приоритет. Ваквите ставови на украинските и руските власти следуваа неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ѝ даде на Москва рок од 50 дена да се согласи на прекин на огнот или да се соочи со построги санкции.
Рустем Умеров, кој беше назначен за секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина при реконструкција на владата минатата недела, „предложи уште еден состанок со руската страна за следната недела“, наведе Зеленски во видеообраќање објавено на социјалната мрежа Икс во неделата.
– Темпото на преговорите мора да се забрза. Мора да се направи сѐ за да се постигне прекин на огнот. Украина е подготвена – рече украинскиот лидер, додавајќи дека треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин „за навистина да осигурат траен мир“.
Русија сѐ уште држи до становиштето за „потполно постигнување на своите цели“
Руската државна новинска агенција ТАСС објави дека преговарачкиот тим на Москва потврдил дека ја добил поканата од Киев, но дека сè уште не е договорен датум. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата недела изјави дека „Русија чека украински предлози за трета рунда разговори“!
Песков ги повтори барањата на Русија во неделата, вклучувајќи и повлекување на Украина од регионите анектирани од Русија и напуштање на своите аспирации за членство во НАТО, услови што Киев и неговите сојузници ги отфрлија.
– Главната работа за нас е да ги постигнеме нашите цели, кои се јасни – изјави Песков за државната телевизија.
Преговорите за прекин на огнот, поттикнати од САД, претходно не донесоа напредок кон договор откако Русија одби да го потпише американскиот предлог што Украина се согласи да го поддржи во март. Украинските и руските претставници се сретнаа директно на разговори двапати во последните месеци.
Во изразено отстапување од цврстиот став на Белата куќа кон Украина, Трамп ја зголеми воената поддршка за Киев преку земјите од НАТО и претходно месецов изјави дека Русија има 50 дена да постигне договор за прекин на огнот или ќе се соочи со царини. Москва рече дека Украина го смета тоа за „сигнал за продолжување на војната“ и откажување од мировните преговори.
Западните лидери и Украина постојано тврдат дека Русија ги одложува преговорите за прекин на огнот. Русија во меѓувреме ги интензивираше нападите со ракети и со беспилотни летала врз Украина во последните недели, односно во последното деноноќие. Р.С.
Киев има нови барања за Москва
Враќање на заробениците и на децата – приоритет за Украинците
Новата рунда на преговори помеѓу Москва и Киев би можела да се одржи во Истанбул утре и задутре, јавува руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на извор близок до преговарачите, кој потврди дека Истанбул ќе остане место за преговори. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди на својот канал на Телеграм дека бил информиран за можни нови преговори. Друг извор, близок до руската преговарачка група, потврди дека Украина ѝ предложила на Русија новата рунда на преговори да се одржи неделава.Сепак, како што изјави турски дипломат за „РИА новости“, Турција сè уште не добила конкретни сигнали во врска со датумот за можна трета рунда преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул. Русија и Украина досега одржаа две рунди директни преговори, обете во Истанбул, и како резултат на тие состаноци имаше размена на затвореници. Исто така, страните разменија нацрт-меморандуми за решавање на конфликтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров ѝ предложил на руската страна нов состанок на претставници на Москва и Киев да се одржи во Турција.
– Нашите претставници подготвуваат барем уште една размена со Русија, а Рустем Умеров ѝ предложил на руската страна нов состанок да се одржи во Турција. Дневниот ред на состанокот е јасен: враќање на заробениците, враќање на децата киднапирани од Русија и подготовка на состанокот меѓу двајцата лидери – рече Зеленски, пренесува Укринформ.
Тој побара од украинските дипломати да ја информираат земјата домаќин за потребата од посебен пристап кон преговорите, посебна агенда и обезбедување неопходна политичка поддршка за Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека руските и украинските нацрт-меморандуми за решавање на конфликтот се дијаметрално спротивни и затоа претстои многу дипломатска работа. Р.С.
Русија ги осуди санкциите на ЕУ против индиската „Најара енерџи“
Најголемиот руски производител на нафта „Роснефт“ ги осуди санкциите на Европската Унија врз индиската рафинерија „Најара енерџи“ како неоправдани и нелегални, велејќи дека ограничувањата директно ја загрозуваат енергетската безбедност на Индија. Осумнаесеттиот пакет санкции на ЕУ против Русија поради Украина беше одобрен во петокот и има цел дополнително да ја погоди руската нафтена и енергетска индустрија. „Роснефт“ соопшти во неделата дека поседува помалку од 50 отсто во „Најара“ и го нарече оправдувањето на ЕУ за санкциите „далечно од реалноста и лажно во контекст“. Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави дека пакетот санкции е еден од најсилните досега против Русија. Р.С.