Вкупниот долг за струја само на „Железници-транспорт“ и на Клиничкиот центар изнесува близу 14 милиони евра. Ако Владата веќе решила да ги покрие овие неплатени сметки на јавните претпријатија, ќе биде доследно веднаш за возврат да направи и ефективни зафати со кои граѓаните ќе добијат поквалитетен железнички превоз, односно поквалитетна здравствена заштита. Ако се соберат бројките и на другите институции и компании што се под државен чадор и кои имаат акумулирани долгови по основа само на неплатена струја, тогаш Владата ќе мора сериозно да зафати во џебот на граѓаните за да го плати недомаќинското работење на кадрите што биле назначени од неа. И, секако, да се надмине досегашниот обичај одговорност повторно – да нема…
Владата ќе ги намирува неплатените сметки за струја на јавните претпријатија
Бурни реакции во јавноста предизвика најавата на Владата дека ќе ги намири долговите за неплатена струја на повеќе државни институции и јавни претпријатија со пари од буџетот. Тоа логично во јавноста се толкува, доколку нема повикување на одговорност, дека е всушност парадоксално „наградување на недомаќинското работење на раководните лица што таа ги поставила“.
За потфрлање при извршувањето на функцијата следува одговорност, а не награда или забошотување
Деновиве поради неплатени долгови за потрошена електрична енергија накратко од мрежата беа исклучени „МЖ транспорт“ и Градскиот трговски центар, а имаше сериозни најави дека ќе биде исклучена струјата и на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје ако државата не преземе обврска да гарантира дека парите ќе бидат платени. По гаранциите што ги даде Владата дека долгот ќе биде целосно исплатен, исклучените повторно беа вклучени на електродистрибутивната мрежа.
– Владата ќе ги покрие долговите за неплатена струја на државни институции и на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со пренамена на средствата од буџетот, се чека Собранието да даде зелено светло – најави неодамна премиерот Димитар Ковачевски.
Инаку, вкупниот долг за струја само на „Железници-транспорт“ и на Клиничкиот центар изнесува близу 14 милиони евра, пари што повторно ќе ги платат граѓаните од свој џеб, а за возврат не смее да се случи граѓаните да не добијат ниту поквалитетен железнички превоз, а уште помалку квалитетна здравствена заштита. Ако се соберат бројките и на другите институции и компании што се под државна капа и кои имаат акумулирани долгови по основа само на неплатена струја, тогаш Владата ќе мора сериозно да зафати во џебот на граѓаните за да го плати недомаќинското работење на кадрите што таа ги назначила. А, како по досегашниот обичај, одговорност повторно да нема!
Од друга страна, додека државата им ги намирува долговите на оние што со лошото работење прават долгови, ги става граѓаните во нерамноправна позиција. Тоа е констатацијата извлечена од мини-анкетата со повеќе десетици граѓани, кои повеќе или помалку со незадоволство негодуваат дека „наместо да се во фокусот на институциите, граѓаните се во нерамноправна позиција. Наместо институциите да се сервис на граѓаните, состојбата е обратна, односно граѓаните ги финансираат и кредитираат државните и јавните институции“. Граѓаните во анкетата велат дека слушаат и послушуваат дека треба домаќински да се живее и работи, одговорно кон трошењето на ресурсите (финансиски, енергетски итн.), а некои јавни претпријатија и нивните раководители се однесуваат сосема спротивно на јавните апелите за домаќинско работење.
– Претходно им се даваа пари од буџетот на општините што не плаќаа ниту даноци ниту сметки. Сега и на државните претпријатија ние ќе им ги плаќаме долговите. Ако јас не платам три сметки, ќе дојде ЕВН и ќе ме исклучи. Нека ми ја плати државата тогаш и мене сметката – револтирано вели Богдан Трајчев, сметководител, еден од повеќето десетици анкетирани лица.
Нивното незадоволство е иницирано токму од недомаќинското работење на директорите на овие државни компании, кои, за да биде апсурдот уште поголем, ги поставила истата таа држава.
– Ако некој е директор на „Пошта“, на ГТЦ, на „Железница“ или на кое било друго државно претпријатие, тој треба да даде отчет зошто е направен толкав долг. Доколку претпријатието генерира загуби, мора да се најде модел како тие загуби да бидат што помали. Кај нас истите тие раководители ќе потрошат еден куп пари на нерентабилни трошоци, на репрезентација или слично, а сметките чекаат да им ги плати државата. Така ќе биде сè додека не почне некој да ги повикува тие луѓе на одговорност, а не да ги наградува со друга функција- завршува Трајчев.
Клучна работа е планирањето!
Искусните политичари, кои веќе се во позрели години, а кои имаат точна претстава како се движеле и како се движат работите во јавните претпријатија и администрацијата, обрнуваат внимание дека „добронамерно дијагностицираат оти причините за ваквите состојби се кријат исклучиво во полнењето на претпријатијата и институциите со партиски кадар, кој е прекуброен и на чии плати и придонеси се трошат огромни средства, а за возврат трпат другите обврски“.
За излез од ваквиот маѓепсан круг е клучно да се направи план, односно кога веќе државата посегнува по парите на народот, да се направи јасен план на што и кај кого завршуваат тие пари. Клучна работа е планирањето!
Тоа го подразбира, меѓу другото, и „сегментот на планирање со човечките ресурси“, односно назначување луѓе што ќе почнат домаќински да работат со претпријатијата. Ако продолжи и натаму трошењето на народните пари за непродуктивни цели, тогаш ѝ се нанесува дополнителна штета на државата, а граѓаните не добиваат никаква бенефиција, туку, напротив, само се насобираат нови долгови, кои ќе треба да ги исплаќаат и следните генерации.
Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, смета дека јавните претпријатија постојат заради јавниот интерес и не секогаш со нивното работење можат да бидат рентабилни, но затоа со домаќинско работење тие долгови може да бидат сведени на минимум.
– Тука е јавна сопственоста, тие претпријатија се формирани од Владата и таа може да ги покрива нивните долгови, но прашањето е зошто се во загуба. Зошто не си ги намириле сметките? Имаат ли превработеност, немаат ли доволно работа – вели Гошев.
Според него, тешко ќе се дојде до домаќинско работење во јавните претпријатија кога партиите таму си назначуваат директори што не работат во интерес на претпријатието туку за личен интерес.
– Нив повеќе ги интересираат тендерите отколку состојбата во самото претпријатие. Ќе дојде една партија на власт, ќе назначи свој директор. Ќе дојде друга, таа ќе назначи свој и така во недоглед. Си прават списоци колку партиски членови ќе се напикаат по претпријатијата, без оглед што воопшто нема потреба за вработувања. Како ќе имаме домаќинско работење кога си ги полнат само своите џебови. Не смее да има превработеност, не смее да има арамилак, не смее да има недомаќинско работење. Тоа важи за сите јавни претпријатија – посочува Гошев.