Заменик-министерот Ристески ја истакна поддршката за домашните компании

Индустријата и производството се столбови на домашната економија, истакна заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на конференцијата „Мануфакчуринг 2025 – Од преместување на производство до локално напредно производство“.
– Индустријата и производството се столбови на домашната економија и овој настан е одлична можност да размениме искуства, да ги презентираме успесите и развојот во компаниите, како и правецот во кои се движи развојот на стопанството. Владата и Министерството за економија и труд се активен партнер на компаниите и преку голем број мерки ги поттикнуваме нивниот економски раст и развој. За компаниите како главни извори за финансиска поддршка се обезбедените кредитни линии од унгарскиот кредит, предвидените средства од програмите на Министерството за економија и труд, како и финансиските средства, кои им се достапни на компаниите во согласност со Закон за финансиска поддршка на инвестициите – потенцираше заменик-министерот Ристески.
Како што информираат од Министерството за економија и труд, конференцијата е во организација на македонското здружение на металната и електроиндустрија – МАМЕИ и се организира во рамките на меѓународниот саем за енергетика и технологија – „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2025“. Е.Р.