Здружението на граѓани Центар за развој и едукација – Прилеп со поддршка на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и општина – Прилеп се
фокусира на социјалната сфера и започнува нов проект „Медицински сестри во заедницата“, покрај постојниот „Помош и нега во домот“, кој го реализира
Европските искуства во социјалната сфера пренесени во Македонија
Пренесувањето на европските искуства за потребите на граѓаните е процес на кој активно се работи во Прилеп и во Македонија, а го споредуваат граѓански организации, од каде што велат дека се соочуваат со недостиг од кадри за социјална заштита. Една од нив, Здружението на граѓани Центар за развој и едукација – Прилеп со поддршка на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и општина Прилеп, се фокусира на социјалната сфера и започнува нов проект „Медицински сестри во заедницата“, покрај постојниот „Помош и нега во домот“ што го реализира.
– Она што во моментов е потребнo во Македонија е продлабочување на процесот на децентрализација. Општините и локалните институции треба да се приспособуваат на локалните потреби на граѓаните, односно да се фокусираат на социјалната заштита – вели Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација.
Подобрување на пристапот до примарна медицинска нега со проектот „Медицински сестри во заедницата“
„Медицински сестри во зaедницата“ е дел од поширокиот проект за трансформирање на глобалните општествени предизвици во реални локални активности, поддржан од aвстриското сојузно Министерство за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
– За првпат во Македонија и вoопшто во регионот ќе се обезбеди услугата – „медицинска сестра во заедницата“, со цел добрите практики од ЕУ за осигурување здравствена и социјална заштита на граѓаните, а особено на лицата во социјален ризик, да се применат и кај нас. Социјална услуга е таа што се фокусира на здравјето на населението со акцент на превенцијата и промоцијата на здравјето и адресирање здравствени проблеми во заедницата. Тоа е практика на промовирање и заштита на здравјето на поединците и семејствата, како и на групите и заедниците, преку примена на знаењата од медицинската наука, општествените науки и јавното здравје. Овој пристап вклучува застапување за поединци и семејства, групи и заедници и нивните здравствени грижи и проблеми, како и развој и планирање мрежи во јавниот живот што се однесуваат на прашањата за пристапот без бариери до нега, здравствени и социјални услуги. Со мултиперспективен пристап кон здравјето, грижата се одвива во заедницата, т.е. во домовите на луѓето. Со проектот ќе има подобрување на пристапот до примарна медицинска нега за оние што се погодени од сиромаштија, особено во руралните области. На лицата вклучени во заштитата ќе им се обезбедуваат еколошки, социјални и економски ресурси за одржување на емоционалната и физичката благосостојба во сиромаштија, на начин на кој ќе се промовираат нивните аспирации и ќе се задоволуваат нивните потреби во нивните средини, ќе им се обезбедува пристап до здравствени и социјални услуги преку воведување иновативни програми и зајакнување на соработката помеѓу националните и локалните власти, граѓанските организации и бизнисите. Ќе има забрзување на пристапот до здравствени услуги, промовирање здрава и продуктивна заедница, ќе се создава и ќе се одржува опкружување со оптимално здравје за жените и мажите од сите возрасти, придонес за еднаков пристап до социјалните установи и услуги за ранливите групи, зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и подобрување на соработката помеѓу релевантните чинители во социјалниот и здравствениот сектор и спроведување на плановите и политиките за јавно здравје – објаснува Тошеска, додавајќи дека ќе има трансфер на знаење, подобрување на здравствениот и социјалниот статус на ранливите групи и имплементација на моделот на медицинска сестра во заедницата во руралните средини во Македонија врз основа на искуствата во Австрија.
Проектот е предводен од три организации од Република Австрија, а Центарот за развој и едукација ќе ги спроведува активностите во заедничка соработка со општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, Градско, ЈУ МЦСР-Прилеп и Општата болница – Прилеп. Предвиден е ангажман на 10 медицински сестри и пет социјални работници и психолози, сѐ со цел да се овозможи пристап до сеопфатна услуга на семејства што живеат во сиромаштија со фокус на руралните средини. Во рамките на проектот е предвидена набавка на опрема за третмани за подобрување на мобилноста кај лица со проблеми со мобилноста, набавка на медикаменти за семејства што живеат во сиромаштија, социјални пакети.
– Идејата е да се даде сеопфатна поддршка во домот и кај лицата од социјално ранливи категории и кај старите лица и кај лицата со попреченост, кои ќе се идентификуваат во соработка со МЦСР-Прилеп. Со вработувањата започнуваме дел во март, дел во април, етапно, а проектот ќе трае до септември 2026 година – вели Тошеска, потенцирајќи дека во земјите на ЕУ веќе се воведуваат поинтегрирани услуги, односно и социјално-здравствени услуги за да може навистина да се одговори на реалните потреби на корисниците.
Воведување и социјално -здравствени услуги за млади со попреченост и за повозрасните
Напоредно ќе се воведува уште една нова – втора социјално здравствена услуга во регионот на трите општини наменета за лицата со попреченост од 7 до 17 години, вели Зоран Малкоски од МОЦСР-Прилеп.
– Како центар тука сме вклучени затоа што имаме два дневни центри за лица со попреченост, кои ќе бидат активно вклучени во сите активности во текот на проектот. Станува збор за „Спортски едукатори“ и развивање на психомоторните здравствени функции на лицата и децата со попреченост што се сместени во нашите дневни центри. Претпоставувам ќе имаме поголема бројка, опфатот ќе го зголемиме во иднина. Дополнително од посетата на Австрија, каде што се запознавме со функционирањето на овој тип заштита, обезбедивме реквизити за организирање на нашиот парк во дневниот центар за деца со интелектуална попреченост „Ѕуница“. Акцентот ќе биде ставен претежно таму. Она што го планира и поддржува Светската банка: социоздравствените услуги на локално ниво ние ќе ги обезбедиме во трите општини Прилеп, Долнени и Кривогаштани. Можеме да бидеме горди како граѓани на овие општини и јас како директор на МЦСР-Прилеп што во проектот сме вклучени за изнаоѓање и детектирање на оние на кои најмногу ќе им биде потребна услугата „медицинска сестра во заедницата“. Ова е нешто ново не само кај нас во Македонија туку и пошироко – додава Малкоски.
Третата услуга е наменета за повозрасната категорија – Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење. Општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Центарот за развој и едукација подготвуваат проектна апликација за развој на нова социјална услуга – центар за дневен престој на стари лица со активно стареење.
– Се надевам дека доколку финансиската поддршка и грантот бидат одобрени, ќе донесеме нова социјална услуга, која ќе биде од големо значење за лицата во трета доба. Трендот за демографско стареење го имаме на глобално ниво, го чувствуваме и тука, нема доволно старски домови и мислам дека изборот на помош и нега во домот да биде прв тип социјална услуга и да се воспостави овде беше одлично идентификуван приоритет на сите три општини – потенцира Тошеска, посочувајќи дека здравото и квалитетно стареење ќе биде од корист за заедницата и за корисниците.