Потребен е совет за дијаспора во Македонија

Интервју со Горан Илијевски – претседател на Партијата на Македонците во Србија

Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија, е еден од најангажираните Македонци кај нашиот северен сосед. Тој е активен чинител во унапредувањето на првата на македонската заедница во оваа држава, но и сврзувачко ткиво помеѓу Македонците од Република Србија и нивната матична држава. Покрај тоа што е претседател на Партијата на Македонците во Србија, Илијевски е познат политички аналитичар за состојбите во балканските држави.
Што сметате дека е неопходно да направи македонската држава за малцинствата во соседните држави и дијаспората?
Потребен е совет за дијаспора во Македонија, но ние немаме. Во Република Србија има Совет за дијаспора што функционира. Секоја година има конгрес за дијаспората, а се организираат и форуми. Во српската влада има задолжен за дијаспората, српската дијаспора е национален приоритет, а во Македонија не знаеме кој е задолжен. Барав состанок, знаете ли што ми одговорија од македонското Министерство за надворешни работи? Ние не правиме состаноци! Слично е и кога ќе ги поканиме на некоја манифестација или настан што ние го организираме, а не Србија. Потребно е македонските институции да бидат пофлексибилни, поажурни и да реагираат како што беше еден немил настан кога наместо да биде именуван нашиот јазик како македонски јазик, тој беше именуван како северномакедонски јазик. Ја прекинав манифестацијата и водителот се извини. Ние сме Македонци. Ако водите манифестација за јазици на малцинства, треба да научите дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година во Обединетите нации како македонски. Ние не сме северномакедонци, туку Македонци. Македонската државата треба да внимава на вакви провокации и саботажи.

Кои се грешките од минатото во однос на македонските малцинства и дијаспората?
Особено беше проблематичен последниот попис во Македонија, но и во Србија. На моето прашање зошто не се популаризира македонскиот попис во Србија ми беше одговорено дека не смееле да рекламираат попис во туѓа држава. Тогаш како ќе знае народот дека има попис, дека треба електронски да се потпише. Амбасадата во Белград беше тотално инертна. И само илјада се попишаa. Илјада Македонци има во Србија?! Тоа е страшно. Се карав со директорот на државниот завод. Тоа е срамота што го правите, го земате податокот од Австралија дека има три и пол илјади Македонци, бројка што не е реална и е помала за 30 отсто од вистинската. Ако ги земете официјалните податоци од овие држави, ќе видите дека броката е многу поголема.
Ние не можеме да се изјаснуваме дека сме Македонци, ако немаме државјанство и не учествуваме во македонскиот пописот без пасош. Дури јас имам српски матичен број, не ми ја прифаќа апликацијата да можам да се самопопишам од Србија. Тоа е грижа за дијаспора. Воопшто немаме професионална дипломатија, мора во амбасадите 80 отсто да бидат професионалци.

Од 169 општини, во 168, по пописот во Србија, има изјаснети Македонци. Само во една општина нема. Ние сме нација во Србија што е најраспространета во Србија. Само Роми може да има толку. Во секоја општина во Србија има Македонци. Но сега со последниот попис во Србија изгубивме 95 отсто од Македонците. Од презимињата се гледа дека во избирачкиот список во Србија има 200.000 македонски презимиња.
Со кој проблем се сочуваат Македонците во Србија, а тоа е условено и од македонската држава?
Ние сме сериозен фактор што може да влијае на односите. Сега Бугарите прават што сакаат. Овде треба државата да помогне, не е мешање во внатрешните работи на друга држава кога ја организираш својата дијаспора. Кога ќе се роди без разлика каде, Израел му дава матичен број што го има во евиденција. А ние не можеме да добиваме. Десет пати грешиме во пребројување на нашата дијаспора.
Бројот на Македонците во Србија се намали трипати за 20 години. Едноставно гледаат дека со Македонија немаат ништо, поголема сигурност им дава Србија, грижа има колку-толку и се изјаснуваат за Срби. Тоа е голем проблем. Затоа сме намалени. Унгарците во Србија имаат 300 илјади, ама секој Унгарец не се пишува дека е Србин. За 300 илјади Унгарци од владата на Србија добиваат еден милион евра со кои се самоорганизираат, ги негуваат јазикот, културата, фолклорот. Ние сега добиваме 200 илјади евра, пет пати помалку зашто на српскиот попис не се изјаснија како Македонци. Д.Ст.