Почна судскиот процес во врска со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани
- Сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници се меѓу 38-те обвинети (35 физички и три правни лица) што седнаа на обвинителната клупа осум месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој 63 луѓе ги загубија животите
Во присуство на обвинетите и на роднини на жртвите, под засилени безбедносни мерки во полната судница во КПУ „Идризово“, вчера почна судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој на 16 март трагично ги загубија животите 63 луѓе. Сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници се меѓу 38-те обвинети (35 физички и три правни лица) што седнаа на обвинителната клупа осум месеци по несреќата.
Судот ќе овозможи изнесување докази низ квалитетен темелен приод во постапката
Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет за случајот, пред почетокот на првото рочиште порача дека ќе бара дисциплина од сите странки и присутни во судницата, нагласувајќи дека за секое непотребно одлагање ќе следува санкција. Таа напомена дека судот ќе ги почитува тагата и болката на семејствата на загинатите и повредените, при што нагласи и дека судот ќе постапува професионално и ќе овозможи секоја од странките да ја изнесе својата теорија и да даде докази.
– Со секоја почит кон болката и тагата на родителите и роднините, ќе имаме респект за тоа, но ние сме професионалци и ќе им дадеме можност на сите да си ја кажат својата теорија и да понудат докази. Како совет можеме да гарантираме дека, колку што можеме, ќе бидеме транспарентни и за сѐ што се случува ќе бидете информирани – кажа судијката, упатувајќи апел до семејствата да се организираат за присуство на по еден член на рочиштата, за да се овозможат услови за работа.
Груевска-Илиевска посочи дека не може да гарантира брзина на водењето на постапката затоа што, како што објасни, секое брзање може да доведе до грешка и до пропаѓање на процесот.
– Сѐ што може овој совет ќе направи за оваа постапка да тече. Колку ќе трае процесот никој не знае – истакна Груевска-Илиевска.
Судот потоа премина на евидентирање на присутните во судницата, меѓу кои беа и десетмина обвинители, додека заменик, односно втор судија ќе биде Ахмед Идризи, а присутни се и четворица поротници, од кои еден резервен, за да нема застој во постапката.
Судот одлучи да ги спои постапките за пожарот во Кочани и за агенцијата „Рубикон“ што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“
Основниот кривичен суд-Скопје на почетокот на судењето одлучи постапката за овој предмет да се спои со постапката против сопственикот на „Рубикон“, агенцијата што ја обезбедувала дискотеката „Пулс“.
Основниот кривичен суд-Скопје во октомври го одобри во целост дополнителниот обвинителен акт поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани против Александар Нацев, реален сопственик и одговорно лице на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушн“ ДООЕЛ Скопје. Тој се товари за тешки дела против општата сигурност, поради сериозни пропусти во организацијата и спроведувањето на мерките за заштита во објектот.
Според обвинението, Нацев се товари за особен придонес во трагедијата, бидејќи заедно со други веќе обвинети и непознати лица не постапил според прописите и техничките правила за заштита, со што предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и за имотот од големи размери.
Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимални технички услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот. На прес-конференцијата што се одржа на 16 јуни, јавниот обвинител Љупчо Коцевски нагласи дека секоја институција имала законска можност да го спречи или намали ризикот, но пропустите се надоврзувале и резултирале со катастрофални последици.
На 16 март годинава, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Беше утврдено дека во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимални технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита. Н.М.
Продолжува протестниот „Марш на ангелите“
Родителите и блиските на жртвите организираа продолжување на „Маршот на ангелите“, настани во низа, при што првиот беше организиран веднаш по трагедијата како меморијален и протестен чин. Од тогаш, маршевите се одржуваа редовно – секоја сабота во Кочани, а неколкупати и во Скопје пред институциите, со пораки за правда и одговорност. Последниот голем собир беше во саботата во Скопје, непосредно пред почетокот на судењето, со учество на илјадници граѓани што побараа правичност и правда, транспарентност и целосно расчистување на случајот. Н.М.
































