Посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај е можност да се потврди пријателството, но и да се демонстрира политичка зрелост преку
отворено упатување на чувствителните прашања. Добрососедството не значи избегнување на темите, туку нивно решавање во духот на европските вредности. Јавноста во Македонија очекува оваа посета да не остане само на симболика и протокол туку да биде почеток на поконкретни чекори – во инфраструктурата, во заштитата на малцинските права и во градењето меѓусебна доверба. Затоа што токму во искрените прашања лежи можноста за посилни и подолгорочни односи меѓу Скопје и Тирана
Повод: Официјалната посета на албанскиот претседател Бајрам Бегај на Македонија
Со официјалната посета на албанскиот претседател Бајрам Бегај на Македонија, Скопје и Тирана добиваат нова можност за продлабочување на билатералната соработка. Средбите со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со државниот врв се одвиваат во позитивна и пријателска атмосфера, но зад дипломатските формулации остануваат неколку прашања што заслужуваат отворен и искрен разговор. Односите меѓу Македонија и Албанија традиционално се оценуваат како добрососедски. Двете земји се НАТО-сојузници и делат заедничка стратегиска цел – членство во Европската Унија. Сепак, и покрај потпишаните договори и декларации, реализацијата на дел од договореното се одвива бавно, а одредени чувствителни теми со години остануваат отворени.
1. Коридорот 8 и инфраструктурната поврзаност
Една од клучните стратешки точки во соработката е развојот на Коридорот 8 – инфраструктурна артерија што треба да ги поврзе Бугарија, Македонија и Албанија, на што инсистира и американската стратегија, а и НАТО. Прашањето е дали двете држави ќе го забрзаат темпото на реализација и ќе го искористат геостратешкиот момент за посилна економска интеграција. Во тој контекст, јавноста оправдано прашува и за граничниот премин Џепиште-Требиште во областа Голо Брдо – прашање што се провлекува уште од 1991 година. Отворањето на овој премин би значело конкретен чекор кон олеснување на движењето на луѓе, стоки и идеи.
2. Територијалната реорганизација и македонското малцинство
Особено чувствителна тема е статусот на македонското малцинство во Албанија. Во пресрет на можни измени на територијалната поделба се поставува дилемата дали новите административни граници ќе доведат до „раздробување“ на македонската заедница и намалување на нејзината институционална тежина. Ќе обрне ли албанскиот претседател Бегај внимание на ова прашање и ќе се гарантира ли дека реформите нема да значат губење на стекнатите права?
3. Образованието на мајчин јазик е прашање на доверба
Иако законската рамка во Албанија предвидува права за малцинствата, практичната имплементација останува ограничена. Наставата на македонски јазик е организирана главно во Пустец, додека во други средини – Голо Брдо, Гора, Корча, Тирана – таквата можност е минимална или отсуствува. За споредба, образовните права на албанската заедница во Македонија се институционално и системски развиени, со целосна вертикала од основно до високо образование. Дали Тирана ќе направи дополнителни чекори кон унапредување на образованието на македонски јазик? И дали постојниот лекторат по македонски јазик во Тирана може да прерасне во полноправна катедра?
4. Мигрантските кампови и демографските дилеми
Најавите за отворање мигрантски кампови во регионот на Мала Преспа предизвикаа вознемиреност кај локалното население. Се поставува прашањето дали при носењето на тие одлуки имало консултации со претставниците на заедницата и дали се земени предвид законските одредби што забрануваат демографски промени во средини каде што живеат малцинства. Може ли албанскиот претседател да иницира поширока институционална дебата за ова прашање и да гарантира дека ќе се почитуваат европските стандарди?
5. Пописот и правото на самоидентификација
Дополнителна чувствителност внесуваат и прашањата поврзани со пописните процеси и правото на слободно етничко изјаснување. За да се гради доверба, потребни се транспарентност и јасна гаранција дека секој граѓанин може слободно да го изрази својот идентитет, без административни или политички притисоци. Само за потсетување, многубројни беа реакциите и во Албанија и од Македонија дека пописот во Албанија „не ја отсликува реалната бројка на етнички Македонци“, а директните реакции беа последица и на начинот на кој беа Македонците евидентирани како „северномакедонци“, стипулирано во графата за националност на пописот во Албанија, што предизвика напнатост околу третманот на малцинските заедници,.
Посетата на претседателот Бајрам Бегај е можност да се потврди пријателството, но и да се демонстрира политичка зрелост преку отворено упатување на чувствителните прашања. Добрососедството не значи избегнување на темите, туку нивно решавање во духот на европските вредности. Јавноста во Македонија очекува оваа посета да не остане само на симболика и протокол, туку да биде почеток на поконкретни чекори – во инфраструктурата, во заштитата на малцинските права и во градењето меѓусебна доверба. Затоа што токму во искрените прашања лежи можноста за посилни и подолгорочни односи меѓу Скопје и Тирана. Р.Н.М.
Прашања што јавноста ги поставува за високиот гостин од Албанија – претседателот Бегај
- Дали поради закана од бугарско вето за европските интеграции или заради динамизирање на влезот во ЕУ, Тирана ги отвори вратите за бугаризација на македонскиот историски простор во Албанија. Имено, веќе е факт дека во македонските средини во Албанија слободно дејствуваат невладини организации со бугарски код без некаква пречка. Тоа е уште еден камен на сопнување во билатералните односи и се генерира недоверба во меѓусебните односи
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од вчера до сабота престојува во официјална посета на земјава. Вчера и денеска ќе биде во Скопје, при што ќе одржи средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претставници на државниот врв, а негова средба е најавена и со градоначалникот на општината Чаир, Изет Меџити. Во рамките на посетата албанскиот претседател ќе го посети и Тетово. Посетата ја најави тетовскиот градоначалник Билал Касами. Тоа е добра можност јавноста, преку медиумите, да постави неколку прашања со чие решавање и затворање, и покрај добрите билатерални и пријателски односи меѓу Македонија и Албанија, ќе се направи чекор напред и во меѓусебните односи и во заедничките напори кон интегрирање во ЕУ, како заедничка цел.
Кусо редакциско сумирање на некои интересни предизвици во рамките на билатералата Скопје-Тирана
Односите со Албанија постојано се развиваат, иако доста бавно. Многу билатерални договори беа потпишани, но потоа долго време се чекаше на нивна ратификација. Клучните инфраструктурни проекти главно се поврзани со стратегискиот коридор 8 (Бугарија, Македонија, Албанија), кој станува особено важен и за новата американска стратегија. За одлагањето на ратификацијата на договорите пример се граничните премини во делот каде што живее претежно македонско национално малцинство. Македонците во Албанија постојано се жалат дека Тирана не ги почитува доследно нивните права. Нерешените прашања, како и осуството на сериозни инвестиции во делот на Пустец, Голо Брдо, Гора, придонесоа за егзодус на тамошното локално население. Образованието на мајчин македонски јазик е едно од клучните прашања што Тирана не ги реши. Тоа на Македонците им е овозможено само во Пустец, но не и во Гора, Голо Брдо, Корча, Елбасан, Тирана. Сериозен проблем е и пописот, каде што исто така Македонците последователно се предмет на „пописен етноцид“. И други малцински заедници се жалат за тој проблем. Албанската држава не се крена над политиката на Енвер Хоџа, кој призна Македонци само во Пустец, да им овозможи на Македонците слободно да се изјаснуваат во цела Албанија, како што прави Македонија. Македонската партија МАЕИ докажа дека е лојален политички субјект на албанската држава, но Македонците за таа додадена вредност не добија речиси ништо. Македонското друштво „Илинден“ е изразито конструктивен фактор на Македонците во Албанија. А што се случува таму? Имено, дали поради закана од бугарско вето или заради побрз влез во ЕУ, Тирана ги отвори вратите за бугаризација на македонскиот историски простор во Албанија. Во македонски средини слободно дејствуваат невладини организации со бугарски код без некаква пречка, тоа е уште еден камен на сопнување во билатералните односи. Како последно во низата такви прашања, кои создаваат недоверба во меѓусебните односи, е планот на Тирана да отвори три бегалски кампа во Пустец, на потегот од Долна Горица до селото Зрновско. Станува збор за област каде што живеат само Македонци, а од поново време и жители носители на бугарски пасоши. За имигрантските кампови локалните власти немаат дадено зелено светло, кои предупредуваат дека тие со одлуката на Владата во Тирана се сериозно загрозени од асимилација, имајќи ја предвид слабата населеност во тие села. Сите овие се прашања што во билатералните дипломатски односи се сметаат за пречка и, кога ќе се постави црвениот тепих за високиот гостин од Албанија, треба да се има на ум дека сепак односите не се идеални, но секако дека постои пријателски и добрососедски амбиент за да се решат некои дилеми и има широк простор за нивно подобрување. Затоа, треба да се има реална претстава за проблемите со кои се соочени Македонците во Албанија и кои имаат рефлексија и врз Македонија и македонското општество.
Сугестии и конкретни прашања што може да добијат конструктивни одговори од албанскиот претседател и да бидат во функција на подигнување на нивото
на билатералата
1. До каде е законот за новата територијална поделба во Албанија и дали може тој да обрне внимание на предизвикот што се наметнува со новите граници на локалната самоуправа, со кои практично се „ситни“ (се раздробува) македонското население во повеќе општини и со тоа ги губи бенефитите по повеќе основи, затоа што бројката на македонското малцинство во новите општини ќе биде намалена (поделена низ различните општини)?
2. До каде е проектот со граничниот премин на македонско-албанската граница Џепиште-Требиште во областа Голо Брдо, кој не е надминат уште од 1991 година и сѐуште се провлекува како нерешен и е фактор на забавување на протокот на луѓе, стока, идеи и друго меѓу нашите земји?
3. Македонците во областа Мала Преспа не се прашани за т.н. мигрантски кампови. Имено, тие се изградени или се градат во подрачја што се заштитени со закони или се во национални паркови. Но, во пакет со тоа, факт е дека со нивната изградба во Албанија се крши и Законот за малцинствата, и тоа по основ на клаузулите дека „во областа каде што живеат малцинствата не треба да се прават демографски промени“. По тој основ, и македонската партија МАЕИ и друштвото „Илинден“ дадоа поднесок до надлежниот суд во Албанија. Може ли претседателот Бајрам Бегај да се ангажира по ова прашање?
4. Во врска со образованието на македонската заедница и Македонците во Албанија, донесени се низа прописи и законски решенија што се за поздравување. Но, од друга страна, нема политичка волја за нивно спроведување. Ако се направи паралела со системот на образованието во Македонија и можностите за образование на албанското малцинство во нашата земја, тогаш македонското образование е неспоредливо понапред од она во Албанија. Дали албанскиот претседател може да обрне внимание и на ова отворено прашање во рамките на своите надлежности и влијание, а заради унапредување на заемните односи?
5. Во истиот контекст е потпрашањето зошто лекторатот по македонски јазик во Тирана не прераснува во катедра по македонски јазик, кога на пример, споредбено, Албанците во Македонија имаат и свои универзитети? Р.Н.М.

































