Мемоарот до големите сили од 1879 година е потврда дека македонското ослободително движење имало своја политичка програма, која се засновала врз членот 23 од Берлинскиот договор, односно политичка автономија на Македонија. Во овој мемоар, еден дел од водачите на Македонското (Кресненско) востание бара обединување на македонските епархии и формирање одделен вилает од Македонија
На денешен ден: Мемоар до големите сили од 19 декември 1879 година што ја потврдува силната македонска определба за самостојност
Македонското организирано револуционерно движење за слобода и сопствена македонска држава започнува во втората половина на 19 век, особено со Разловечкото востание од 1876 година и Македонското востание (познато и како Кресненско востание) од 1878 година. Споменатите востанија се поттикнати од лошата состојба во османлиското општество, но според пишувањата на Литл Бој, автор на книгата „Живописно патување низ европска и азиска Турција и до јужнословенските земји“ од 1878 година, не можело да се одрече дека дејствувањето на четите во Македонија има одредени „политички насочувања“, како и дека ајдутството се претворило во „војна за ослободување“. Дека споменатите македонски востанија биле политички насочени и имале политичка платформа потврдуваат неколку документи, а меѓу нив е и мемоарот до големите сили од 19 декември 1879 година.
Во овој документ, како и во документите што произлегуваат од Македонското востание, очигледно е дека македонските востаници сакале Македонија да се оформи како одделна политичка и административна област. Доколку внимателно се проследат споменатите документи, воочливо е дека водачите на македонското востаничко движење не се залагаат за присоединување на Македонија кон Бугарија туку, напротив, бараат одделување на Македонија и одредени автономни права врз основа на членот 23 од Берлинскиот конгрес.
По задушувањето на Македонското востание во јуни 1879 година, некои од водачите на востаничките чети не се откажале од своите барања. Ова се потврдува од мемоарот до големите сили од 1879 година, мемоар што не може да се датира точно, но е објавен во весникот „Марица“ на 19 декември 1879 година. Мемоарот е потпишан од стотина жители на Македонија, а меѓу нив се имињата на неколку востанички војводи, вклучувајќи го и Коста Георгиев Куков, македонски ајдутин и револуционер, војвода од Македонското (Кресненско) востание. Мемоарот бил испратен до претставниците на големите сили уште пред свикувањето на Европската комисија, во врска со работата на вилаетските комисии за реформи.
Во воведот се наведени маките и небезбедноста на христијаните во Македонија, грабежите, убиствата и насилството од страна на муслиманите, кои државата ги толерира и им дозволува слободно да одат вооружени до заби. Во духот на членот 23 од Берлинскиот договор, се бара да се подготват посебни прописи од комисија во која локалното население е широко застапено. Овие прописи мора да бидат разгледани од Портата и договорени со Европската комисија пред да бидат објавени. Големите сили не смеат да ја толерираат оваа ситуација, бидејќи таа го спречува воспоставувањето траен мир на исток и мора да помогнат во спроведувањето во Македонија на одредбите од членот 23, приспособени на барањата, начините и обичаите на мнозинството од населението.
– Високата порта се обврза, преку 23-от член од Берлинскиот договор, да воведе посебни прописи во другите региони на европска Турција (за приватниот аранжман во кои региони споменатиот договор не предвидува потреба); деталите од овие прописи, кои мора да се приспособат на локалните потреби, ќе бидат подготвени во секој регион од посебни комисии, меѓу кои домородниот елемент ќе биде добро застапен и ќе бидат разгледани од Високата порта, која пред да ги стави во сила одлучните членови ќе прифати одобрение од Европската комисија. Како последица на ова, долупотпишаните жители на Македонија се убедени дека добродушноста и хуманоста на образованите сили повеќе нема да толерираат продолжување на нашите страдања и се убедени дека прописите во еден чекор се пристојно средство за одржување на редот, за обезбедување општ мир, да се даде олеснување на слободниот и мирен развој на христијаните во Македонија и мирот на истокот да биде траен – се наведува во мемоарот.
На крајот од мемоарот, за да ѝ се стави крај на очајната состојба, се бара примена на реформи и оформување на Македонија како одделен вилает (административна територијална единица што зафаќа повеќе општини. Управителот на вилаетот се викал беглербег (мирмиран), односно валија и имал ранг на паша, што е еднакво на генерал во војската), преку обединување на македонските епархии во Дебар, Охрид, Костур, Лерин, Битола, Воден, Мелник, Дојран, Велес, Скопје итн.
Војводата Коста Георгиев Куков ја продолжил ајдучката дејност и по востанието
Коста Георгиев Куков е македонски ајдутин и револуционер, војвода од Македонското (Кресненско) востание. При нападот на Кресна, второто одделение на македонските востаници било под команда на Коста Кукото. По формирањето на штабот на Македонското востание, тој бил втор војвода. Четата на Куков учествувала во здружената чета од 400 востаници, кои под водство на Стојан Карастоилов на 5 октомври 1878 година го нападнале турскиот гарнизон, ги зазела кресненските анови и го започнале Македонското востание. На 8 октомври истата година бил назначен за член на востаничкиот штаб, како втор војвода.
По погромот на востанието, Куков ја продолжил својата ајдучка дејност. Подоцна бил заробен и осуден на смрт, но казната му била преиначена во вечен затвор. Починал во 1896 година на островот Митилена. Д.Ст.