Саемот во кинески Нингбо за размена на стоки всушност претставува долгорочен механизам што ја поддржува одржливата соработка и што при последното издание резултира со конкретни деловни зделки. На четвртото издание на економскиот настан што привлече големо внимание, во рамките на македонската делегација предводена од заменик-министерот за економија Марјан Ристески, се претставија 14 македонски компании, изложувајќи вина, сокови, кондиторски производи… со цел подобро да се претстават на кинескиот пазар
„Нова Македонија“ на саемот во кинескиот град Нингбо Стратешка платформа за бизнис-соработка: Саемот Кина-ЦИЕК
Достапноста на квалитетно македонско вино на повеќе локации во Нингбо, за кинеските потрошувачи да го вкусат и подобро да се запознаат со неговите врвни карактеристики, како и на други изложени македонски производи, ги прикажува отвореноста на кинескиот пазар кон странски компании и бизнис-можностите што ги нуди Саемот за соработка на Кина со државите од Централна и Источна Европа (ЦИЕК) за размена на стоки, кој се одржа минатата недела во модерниот кинески пристаништен град. Саемот всушност претставува долгорочен механизам што ја поддржува одржливата соработка и што при последното издание резултираше со конкретни деловни зделки. Механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕК постои од 2012 година и досега даде одлични резултати, а на претходните три саеми повеќе од три илјади компании од Централна и Источна Европа ги претставија своите производи.
На четвртото издание на економскиот настан што привлече големо внимание, во рамките на македонската делегација предводена од заменик-министерот за економија Марјан Ристески, беа присутни 14 македонски компании, изложувајќи вина, сокови, кондиторски производи… со цел подобро да се претстават на кинескиот пазар. Македонскиот амбасадор во Народна Република Кина, Сашко Насев, го отслика значењето на саемот во Нингбо, велејќи „ова е голем чекор за идна соработка и за интеграцијата на цивилизациите“.
Реални можности за развој на поблиска соработка со кинески бизнис-партнери
Повеќе македонски компании за првпат се претставија во Кина во рамките на саемот во Нингбо, наведувајќи го интересот за воспоставување нови соработки и за полесен извоз во азиската држава. На саемот беа изложени вината на „Стоби“, „Тиквеш“, „Имако“, „Крњево“ и „Лепово“, со што треба да се потенцира дека кинеските потрошувачи во одредени средини се запознаени со македонските вина поради воспоставената продажба на кинескиот пазар. А на настанот во Нингбо учествуваа и компаниите „Алтера фуд“, „Витаминка“, „Винчини“, „Бест фуд“, „Виталија“, „Евал“, „М3ДС Академи“, „Соко Горица“ и „Техногума“.
– Се надевам дека ние како држави од Централна и Источна Европа и Нингбо ќе ја зголемиме соработката. Имаме толку добро организирано експо, како и добро организирани претставници од македонската бизнис-заедница. Тука има сѐ. Роботика, автомобили, нашето вино. Ние сме мала земја во Европа, но нашите компании можат да извезуваат речиси насекаде, до повеќе од 150 држави. Кина навистина е важна за секоја економија, а особено за нас како мали држави. Ние имаме дел од нашите нови производи достапни за кинескиот народ и за Нингбо. Знаете, светот се менува. И повеќето луѓе тука се млади. Тоа е најголемата радост за мене, бидејќи млади луѓе се заинтересирани за бизнис-соработка со НР Кина. Па ние би сакале да добиеме одредено знаење од Кина и да развиеме поблиска соработка – посочи македонскиот амбасадор во Пекинг, Сашко Насев, во изјава за медиумите за време на саемот.
Македонскиот дипломат од кариера се осврна и на досегашната економска соработка со Кина, како и на областите во кои таа би можела да се прошири.
– Во соработка со кинеска компанија, сега привршуваме дел од автопат, поврзувајќи градови од Западна Македонија – Кичево, и нашиот туристички центар Охрид. Тоа се однесува на инфраструктурата. Исто така ќе се обидеме да привлечеме кинески компании заинтересирани за зелена енергија. Се надевам дека ќе добиеме многу поголема соработка, бидејќи Македонија е водечка држава во ваквата транзиција. Всушност 50 отсто од енергијата ја произведуваме од обновливи извори. Имаме вода, сонце и ветер и се надевам дека ќе бидеме успешни. Веќе го зголемивме бројот на туристи што доаѓаат од Кина – објаснува амбасадорот Насев.
Заменик-министерот за економија Марјан Ристески му беше домаќин на претседателот на словачкиот парламент, Ричард Раси, во рамките на неговата посета на македонскиот штанд во специјалниот павилјон за земјите од ЦИЕК. Ристески, меѓу другото, оствари средба и со заменик-министерот за трговија на НР Кина, Линг Џи, за време на која тие разговарале за досегашната економска соработка меѓу двете држави.
Производите од земјите од Централна и Источна Европа беа транспортирани во Кина преку забрзан канал за потребите на саемот во Нингбо, а кинеската царинска служба спровела целни мерки за да обезбеди навремено пристигнување на стоките, според информациите во кинеските медиуми. Податоците од царината на Кина покажаа дека во текот на минатата година, трговијата на Кина со земјите од Централна и Источна Европа се зголемила за 6,3 отсто на годишно ниво, достигнувајќи рекордно високо ниво од 142,3 милијарди долари.
Кинескиот пазар нуди силни стимулации за ретпријатијата од Централна и Источна Европа
На саемот во Нингбо биле постигнати конкретни резултати преку потпишувањето повеќе договори за соработка, како што посочи репортерката на кинеската државна телевизија Си-џи-ти-ен, Ран Би, во изјава за „Нова Македонија“.
– Резултатите од годинашниот саем Кина-ЦИЕК беа опипливи и насочени кон иднината. Бев сведок на потпишувањето на повеќе договори за соработка во трговијата, инвестициите, логистиката и зелената технологија – доказ за растечката економска комплементарност меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Повеќе од 400 претпријатија учествуваа во сесии за поврзување бизниси, што резултираше со конкретни деловни зделки што ќе се преточат во работни места, раст и иновации на двете страни – наведува кинеската новинарка што ги познава околностите на саемот во Нингбо.
Саемот, според неа, се развива во долгорочен механизам што ја поддржува одржливата соработка, со ветувачка улога во продлабочувањето на институционалните врски.
– Најветувачка е улогата на саемот во продлабочувањето на институционалните врски. Од националните павилјони на земјите од Централна и Источна Европа што ги претставуваат специјализираните индустрии до дијалозите за паметно производство и прекугранична е-трговија, саемот се развива во долгорочен механизам што ја поддржува одржливата соработка – вели Ран Би.
Таа смета дека дигиталната трговија, зелената транзиција и културниот туризам се области со јасни можности.
– Гледајќи напред, мислам дека има јасни можности во сектори како што се дигиталната трговија, зелената транзиција и културниот туризам. Огромниот потрошувачки пазар на Кина и континуираната поддршка на политиките – вклучително и иницијативата „Појас и пат“ – нудат силни стимулации за претпријатијата од земјите од Централна и Источна Европа да го прошируваат своето присуство. Во исто време, експертизата на земјите од Централна и Источна Европа во специјализираното производство, чистата енергија и иновациите во земјоделско-прехранбениот сектор може да помогне во унапредување на економската активност на Кина. Затоа, овој саем не е само годишен настан – тоа е стратешка платформа за обликување на поурамнотежено, отворено и отпорно економско партнерство во годините што доаѓаат – заклучува репортерката на Си-џи-ти-ен.
Саемот го проширува партнерството на целиот европски континент
Саемот Кина-ЦИЕК веќе не се однесува само на Централна и Источна Европа туку развива партнерство со целиот европски континент, канејќи девет држави надвор од досегашната рамка. Токму затоа земји како Германија, Обединетото Кралство, Италија и Шпанија сега добија простор при платформата за економска соработка. Тие, заедно со постојните членки, имаа можност да ги разгледаат пазарните услови во Кина и да истражат нови начини за соработка со една од водечките светски економии. Во Кина се смета и дека оваа рамка помага во зајакнувањето на трговијата меѓу Кина и ЕУ, како и за спротивставување на трговскиот притисок од САД и за поддршка на глобалната економска стабилност.
– Можеби последните случувања во ЕУ развија мислење дека треба да соработуваме поблиску со Кина, која ги дели нашите верувања во праведен и базиран врз правила меѓународен трговски договор – истакна словенечкиот државен секретар во Министерството за економија, туризам и спорт Матевж Франгеж за време на саемот во Нингбо.
Годинава се одбележуваат 50-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и ЕУ и 13-годишнината од воспоставувањето на механизмот за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Со повеќе договори, проекти и политики што се очекува да стапат во сила, Кина и земјите од Централна и Источна Европа градат цврсто партнерство за соработка.
На четвртиот саем за стоки за широка потрошувачка Кина-ЦИЕК беа присутни над 400 изложувачи и осум илјади уникатни производи од земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕК). Годинашниот настан ги стави во прв план современата технологија, културната размена и трговските можности во подем помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. За време на саемот во Нингбо беше предвидено постигнување увозни договори во вредност од околу 1,39 милијарда американски долари.
Разгледано искуството од збратимувањето меѓу општини
Намерата за пренесување на искуството од збратимувањето меѓу кинески и европски општини беше најавена од претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, која ја претставуваше Македонија на Форумот на градоначалници во рамките на саемот во Нингбо.
– Учествувам на форум што е од исклучително значење за Европа и за соработката со Кина. Ова е одлично искуство. Од исклучително значење е што веќе присуствувавме на збратимувањето на неколку општини. Ова е можеби добро искуство за да го пренесам во Македонија со другите претседатели на совети и градоначалници, дека вакво нешто е можно и дека трговијата е за општо добро. Треба оваа соработка со Кина да се зајакне, бидејќи цела Европа е тука – изјави претседателката на Советот на Куманово.
Неколку града од земјите од Централна и Источна Европа потпишаа договор за збратимување со градови од Кина во рамките на Форумот на градоначалници на. Хрватскиот град Риека ќе се поврзе со Нингбо, српски Нови Сад со Хфе, Лакташи од БиХ со Јепае, додека унгарската општина Кишкунфелеџхаза ќе го стори истото со Џошуен.
Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг