Кога човештвото се соочи со најекстремните дехуманизирачки идеологии, голем број нации се обединија околу принципите на антифашистичката борба и им се придружија на сојузничките држави предводени од Москва, Вашингтон и од Лондон. Антифашистичката борба како
политичка платформа обедини повеќе нации и држави, но и различни идеолошки движења, како што се анархизмот, комунизмот, републиканизмот, социјалдемократијата, социјализмот, конзерватизмот и либерализмот, а обединувањето беше врз сфаќањето дека фашизмот и нацизмот се егзистенцијална закана за човештвото. Во оваа антифашистичка борба активно учествуваше и македонскиот народ, кој даде и свој придонес со неколку илјади партизани
Историски осврт: 9 Мај – Ден на победата над фашизмот
Најголемата трагедија на 20 век заврши пред 80 години, на денешен ден, на 9 мај 1945 година, кога германскиот маршал Вилхелм Кајтел го потпиша последниот документ за капитулација на нацистичка Германија (Третиот Рајх), во седиштето на Советската армија во Берлин-Карлшорст. На овој чин присуствуваа маршалите Георгиј Жуков и Артур Тедер, како и генералите Карл Спац и Жан де Латре де Тасињи. Прекинот на борбите во Европа и предавањето на нацистичка Германија во суштина беше и капитулација на нацизмот и фашизмот, идеологии што се засновани врз ултранационализмот, расната војна и територијалниот експанзионизам. Водени од овие бесмислици, Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, како и нивните сојузници, го втурнаа светот кон Втората светска војна, во која загинаа околу 70 милиони луѓе, но и холокаустот, најголемата трагедија во историјата на човештвото, кога неколку милиони цивили беа убиени поради нивната етничка, јазична, религиозна и културна особеност.
Поразот на фашизмот и нацизмот тежишно се должи на заедничките напори на Советскиот Сојуз, Соединетите Американски Држави и Велика Британија предводени од советскиот лидер Јосиф Сталин, американскиот претседател Франклин Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил. Кога човештвото се соочи со најекстремните идеологии, голем број нации се обединија околу принципите на антифашистичката борба и им се придружија на сојузничките држави предводени од Москва, Вашингтон и Лондон. Антифашистичката борба како политичка платформа обедини повеќе нации и држави, но различни идеолошки движења, како што се анархизмот, комунизмот, републиканизмот, социјалдемократијата, социјализмот, конзерватизмот и либерализмот, а обединувањето беше врз сфаќањето дека фашизмот и нацизмот се егзистенцијална закана за човештвото.
Во оваа антифашистичка борба се приклучи и македонскиот народ, кој даде и свој придонес со неколку илјади партизани. Антифашистичките определби на македонскиот народ се очигледни од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија, како и од говорот на Панко Брашнаров, кој меѓу другото истакнал: „Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво – фашизмот и македонскиот народ се нареди во таа борба“.
Денес, 9 мај, како Ден на победата над фашизмот, се прославува во неколку држави, но овој ден е нераскинливо поврзан и со политичкото битисување на македонскиот народ, бидејќи македонската држава беше изградена врз принципите на антифашизмот, односно демократијата, различните убедувања, еднаквоста и рамноправноста пред законите на сите без разлика на националноста, полот, расата и вероисповедта, како и на гарантирање на изборното право и на личните и националните права на малцинствата, нешто што е очигледно од одлуките на АСНОМ.
Македонија, како нација, држава и општество не смее да го заборави 9 мај, Денот на победата над фашизмот, не само поради фактот што македонската држава произлезе од антифашистичката борба, тука затоа што со оваа борба се стави крај на радикалниот екстремизам и шовинизам како државни носители, но и фактот дека од антифашистичката борба произлезе и еден нов меѓународен поредок, кој е олицетворен во Обединетите нации.
Не случајно во преамбулата на Повелбата на Обединетите нации се вели: „Ние, народите на Обединетите нации – цврсто одлучени да ги заштитиме идните родови од бичот на војната, која двапати во нашето време на живеење му донесе неискажливо страдање на човештвото, одново да ги зацврстиме нашите верувања во темелните правана човекот, во достоинството и во вредноста на човечката личност, во рамноправноста меѓу мажот и жената, како и на сите нации, големи или мали, и да создадеме услови во кои ќе може да се одржат правдата и почитувањето на обврските што произлегуваат од договори и други извори на меѓународно право и да ги поддржиме социјалниот напредок и подобриот животен стандард во поголема слобода, и за овие цели: Да бидеме толерантни и да живееме заедно во мир, како добри соседи, и да ја обединиме нашата сила за да ги одржиме меѓународниот мир и безбедност, да прифаќаме начела и да воведуваме постапки, коишто гарантираат дека оружената сила ќе биде наменета само во заеднички интерес, и дека ќе ги користиме меѓународните институции за да го поддржиме економскиот и социјалниот напредок на сите народи – одлучивме заеднички да влијаеме во нашиот напор за постигнување на овие цели“. Д.Ст.
Денот на Европа – симбол на мирот и единството
Европските нации и држави секоја година на 9 мај го одбележуваат Денот на Европа, како симбол на мирот и единството на европскиот континент. Овој ден ја означува годишнината од објавувањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, прв официјален исчекор кон создавањето на денешната Европска Унија. Од декларацијата на Шуман произлезе и стремежот на Франција и Германија за заедничко управување на индустриите за јаглен и челик, стремеж што ја создаде Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година. Споменатата европска заедница (претходник на Европската Унија) беше основана од Франција, Западна Германија, Италија, Холандија, Белгија и од Луксембург, како наднационална и наддржавна институција.
Првите исчекори на европските државници беа во насока на економската соработка, но европското здружување идеолошки е поставено врз мирот и единството на европските нации и држави, како и избегнување воен конфликт во Европа. Ова е очигледно од самата декларација на Роберт Шуман во која се вели: „Светскиот мир не може да се заштити без да се прават креативни напори сразмерни со опасностите што му се закануваат“, како и дека „Европа нема да се направи одеднаш, или со еден единствен план. Таа се гради преку конкретни достигнувања, кои први создаваат де факто солидарност. Соединувањето на народите во Европа бара елиминација на вековното ривалство на Франција и Германија“.
Подадената рака помеѓу Франција и Западна Германија дојде во момент кога европските нациите сѐ уште се справуваа од катастрофалните последици од Втората светска војна. Оттука декларацијата на Шуман и иницијативата за Европската заедница за јаглен и челик беа насочени кон спречување нова европска војна. Од друга страна, декларацијата на Роберт Шуман не случајно беше објавена на 9 мај (на денот кога бил потпишал последниот документ за капитулација на нацистичка Германија) и не случајно Денот на Европа се прославува токму на овој датум.
Во овој контекст, Денот на Европа е неразделно поврзан со заедничката борба на европските нации против фашистичка и нацистичка идеологија, кои сами по себе се манифестација на екстремниот национализам, радикализам и шовинизам. Денот на Европа е симбол на мирот и единството, но и предупредување за опасностите што произлегуваат од ултранационализмот, како екстремизам што е насочен кон хегемонија, превласт и контрола над другите нации. Оттука Европската Унија е поставена врз принципите на слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото, промовирање мир и стабилност.
Меѓутоа повеќемина експерти и аналитичари досега неколкупати посочија дека Брисел дозволува манифестација на ултранационализам на некои европски членки, како што примерот со Република Бугарија кон македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., нешто што е спротивно на европските вредности, но и на суштината на Денот на Европа, како симбол на мирот, единството и солидарноста.