Родената скопјанка Гонџа Бојаџиу, позната како Мајка Тереза, за својата хумана мисија е добитничка на Нобеловата награда за мир. По повод роденденот на светителката, кој се одбележува денеска, потсетуваме на нејзините хумани зборови во писмото упатено до познатиот уметник и голем хуманист Живко Поповски-Цветин
Потсетување на писмото од светителката упатено до познатиот уметник
Писмото што Мајка Тереза му го испрати на познатиот уметник и голем хуманист Живко Поповски-Цветин, како одговор на неговата осмомартовска честитка – цртеж со цвеќиња, и 40 години подоцна служи како силен потсетник за потребата за хуманост и за мисијата за мир, особено во денешно време, кога низ светот се водат повеќе воени конфликти. Родената скопјанка Гонџа Бојаџиу, позната како Мајка Тереза, за својата хумана мисија е добитничка на Нобеловата награда за мир. По повод роденденот на светителката, кој се одбележува денеска, потсетуваме на нејзините хумани зборови.
„Драг Живко. Ти благодарам за твоето љубезно писмо и прекрасната слика. Имаме наши сестри во Скопје и ако појдеш до нив, сигурна сум дека тие ќе ти покажат како да учествуваш во нашата мисија на љубовта. Бедните се секаде околу нас, несаканите. Биди љубезен и прави им добрина на оние блиску до тебе. И чувај ја радоста на сакањето на Исуса во твоето срце, бидејќи Тој е верен“… Ова се зборовите во писмото што Мајка Тереза во март 1984 година му го испрати на Поповски.
Цветин неодамна изработи 40 коверти на кои е испечатено писмото на Мајка Тереза, а исто така и 40 картички на кои, освен писмото, е испечатена македонска мироцветна патека. Едно од писмата е предадено во Спомен-куќата на Мајка Тереза, но и речиси насекаде низ светот каде што патува Цветин, бидејќи, како што вели тој, токму зборовите на светителката му помогнале во неговата мировна мисија.
– Ова писмо ми помогна во мисијата на мирот и хуманоста. Го подарував секаде каде што одев, во училишта и градинки, на факултети, во посета на инвалидизирани лица…, јас секаде го рецитирам сакајќи да ја испратам пораката на мирот и хуманоста – вели Цветин.
Тој раскажува и дека во 2009 година, Здружението на скопјанката Мајка Тереза организираше карван од Скопје до Ватикан, во кој бил вклучен и тој. Патувајќи од град во град, од држава во држава, во секоја институција што ја посетил, независно дали било пензионерски дом или, пак, дом за деца без родители, секаде ја ширел пораката од писмото што му го испратила Мајка Тереза.
– Половина од мојот живот го посветив на мирот и хуманоста. Кандидат сум и за Нобеловата награда за мир. За време на карванот подарив 99 картички на кои ја имаше сликата со писмото од Мајка Тереза, а патем во сите градови каде што бев, Приштина, Ниш, Белград, Смедерево, Загреб, Љубљана, Болоња, Фиренца, Рим, секаде подарував и оригинален цртеж. Една таква картичка со писмото и мој цртеж му подарив на тогашниот папа Бенедикт Шеснаесетти во Ватикан. Го давам секаде за да оставам трага од него – вели Поповски.
Исто така, тој наведува дека на тој 8 Март 1984 година испратил писмо со честитка и до индиската премиерка Индира Ганди, како и до Долорес Ибарури, една од најмаркантните личности во Шпанската граѓанска војна, и дека освен од Мајка Тереза, одговор добил и од нив две.
„Нова Македонија“ континуирано ја поддржува и ја промовира мироносна мисија со „Цвеќето на мирот“ на Поповски, кој токму затоа на редакцијата ѝ ја додели „Цветиновата награда за мир“ за 77-от роденден на првиот македонски дневен весник. Н.М.